Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има една година и 10 месеци и е многу палаво и нервозно дете. Постојано води инает за сè, плаче, тепа, се фрла, се тепа самиот, главата си ја мава во под. Ова трае речиси една година. Детето си јадеше без проблем, но на една година фати бронхопневмонија, завршивме во болница и оттогаш е многу проблематичен. Тешко е да го излажеш, фрла храна, си игра со храната, се лути, хистерично плаче. Многу ретко се случува да го преслечам без плачење. Уживаше во капење, но сега и тоа поминува со хистерично плачење.
Во последно време кога е со нас дома не успеваме да го заспиеме преку ден и е многу нервозен, ненаспан (во градинка или со баба заспива).
Прво дете ни е и максимално сме му посветени, да биде наспано, најадено, изиграно, но не можеме да изградиме авторитет бидејќи е многу нервозно и способно во секој момент да се повреди.
Оди во градинка, почна да се тепа таму, доаѓа често изгребан, а забележуваме дека во последно време знае да замавне или да турне дете. Со говорот оди тешко. На 15 месеци употребуваше поголем фонд на зборови, но сега сè разбира, ама не сака воопшто да повторува (дури и „тато“ и „мама“ ретко вика). Постојано кога му зборуваме прави само „а а а …“ Оставен е три пати по неколку дена на поседок кај баба и дедо, таму си е добар, но откако ќе го земеме, покажува лутина, како да сака да ни се оддолжи поради нашето отсуство. Последен пат е оставен пред месец и пол и особено од последниот пат е под стрес при секоја разделба.
Исто така, имаме забележано дека кој и да го чува, помирен е и не води толку инает и не плаче постојано (ама кога е со мама е најлош). Постојано си играме со него и не му недостига внимание (дури може и поразгален да е поради тоа, па почнавме да го оставаме сам да се заигрува). Има денови кога е многу послушен и весел, се заигрува сам, ретко да заплаче, си го почитува редот за јадење и спиење, но тие денови се реткост.
Сакам да ве прашам каде да се обратам, дали има простор за паника, дали ни е потребна стручна помош бидејќи е многу мал за да е толку нервозен.
Прашува: Александра
ОДГОВОР: Драга мајка, вашето дете е на почетокот од периодот во кој треба да ги совлада социо-емоционалните вештини кои ќе ја зголемат самосвесноста и самоконтролата на неговите чувства. И самите споделивте дека сте имале непријатен настан, т.е. подолготраен престој во болница кој за децата е стресен и трауматичен. Пробајте да видите дали таквиот настан е извор на лутина или страв и вознемиреност кај вашето дете. Потоа следувала адаптација во градинка за која не споделувате никакви информации. Исто така, појаснувате дека е оставен трипати по неколку дена на поседок кај баба и дедо.
Христина Стефановска, психолог
Промените во динамиката на живеењето на детето секако имаат ефект врз неговото расположение. Гневот и лутината кај децата се емоции кои треба да ги пренасочите во корисни ситуациони мотиватори од кои децата ќе научат што е неправилно, а што е правилно во нивниот начин на однесување. Во овој период се јавува и интермитентноста во развојот, што значи дека детскиот развој, особено во првите години од животот, не тече мазно и рамномерно, туку циклично. Одделни форми на развојот се појавуваат и се губат за да се појават сè додека по извесен период некоја форма не се зацврсти. Во тој контекст можеме да го споредиме и говорот кај детето, т.е. фондот на зборови што сега ги користи, па намалениот или отсуството на говор кај вашето дете не можеме да го сосредочиме само со состојбата, туку и со неговиот индивидуален развој.
Кај деца на оваа возраст кои сè уште немаат доволно развиени говорни способности со вежбање на вербалното изразување на емоциите, треба да им се понудат практични начини за изразување на лутината кои се прифатливи.
Важно е да знаат дека чувствата не се добри или лоши и дека треба да ги прифатат, но треба и да им се објасни како, кога и на кој начин може да ги изразат своите чувства. На пример, за непосредно изразување на лутината кај вашето дете може да послужи топка за удирање, перница, хартија за кинење, простор за трчање итн. За посредно изразување на лутината може да послужат техники како цртањето директно со рака и темперна боја, моделирањето со глина, пластелин и слично.
Разговарајте преку играње менување улоги. Вие бидете доктор, а тој пациент и обратно. Секојдневно обработувајте некакви улоги на игра. Читајте му детска литература секој ден пред спиење. Најнапред читањето треба да почне како една од најнеопходните активности во вечерните часови, од која не треба да отстапувате, напротив, со секојдневното читање да ја претворите ваквата активност во ритуал. Креветот да му стане место за безбедност и удобност, односно да обезбедува идеални услови за внимание и учење, т.е. читање книга.
Во текот на денот, во градинка, или дома, децата се изложени на стрес, очекувања, непријатни емоции (како тага, страв или лутина) и информации кои го подигнуваат нивото на хормонот кортизол во крвта. Но, кога ќе дојде вечерта и детето ќе биде безбедно, ќе се смири, и нивото на тој хормон опаѓа. За таа цел, приказната за добра ноќ е дополнителна алатка во која детето се смирува и се подготвува за одмор и спиење, а со тоа ја намалуваме и вознемиреноста.
Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912