Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за четиригодишно девојче кое бега од луѓе. Ако дојде некој на гости, му вели да си оди, ама не прави така со сите луѓе. Исто така, бега и од машината за перење алишта, а почна и од вентилаторот да бега. Од што може така да прави?

ОДГОВОР: Стравот како емоција прави реакција на борба или бегство. Оваа реакција доаѓа автоматски, врз основа на инстинктот (да се спасам), без можност за анализирање и разбирање на ситуацијата.
Стравовите кај децата честопати за нас, возрасните, немаат смисла бидејќи тоа се многу едноставни ситуации, предмети, безопасни работи.

За детето, стравот е реален и убедлив и никогаш не треба да се игнорира. Избегнувајте да кажувате „нема ништо страшно, нема од што да се плашиш“ бидејќи тогаш ги негирате неговите чувства и праќате порака дека не треба да се чувствува исплашено и дека не е важно како се чувствува.

Во моментите на страв детето бара утеха, да му обезбедиме чувство на сигурност и поддршка преку односот што го имаме со него. Овие стравови се минливи, а со правилни насоки и стратегии, детето ќе може да се движи и покрај сите стравови што ќе му се појавуваат на патот.
Од друга страна, во односот со другите луѓе вашето дете го штити својот личен простор и веројатно му е непријатно ако некој влезе во него.

Помогнете му да ги изрази и препознае своите чувства обезбедувајќи доволно време, емпатија и поддршка кога ќе забележите дека се бори со таа емоција. На таа возраст сè уште не може да ги опише сложените чувства како што се грижа, страв или анксиозност, бидејќи не може да најде соодветни зборови за нив. Исто така, вашите пораки на грижа и поддршка можат да бидат со вербализирање и рефлектирање на емоцијата. Спуштете се на нејзино ниво, фатете ѝ ги рачињата и кажете ѝ: „Гледам дека кога работи машината се плашиш.“

Охрабрете ја на различни начини, преку разговор, цртање, играње, да се изрази и да пренесе што ѝ пречи. Уживајте во прошетките надвор и разговарајте. Пред спиење читајте приказни, а би било добро пред да дојдат гостите, да ја предупредите дека тие луѓе ќе дојдат кај вас и колку сте среќни што ќе поминете време заедно. Од вашите реакции детето ќе учи за искуствата со другите луѓе.

Кога децата покажуваат страв или вознемиреност, сосема разбирливо е да сакаме да ги заштитиме од тие чувства. Во овие ситуации го тргаме детето или го отстрануваме предизвикувачот на ваквите чувства, како што е машината за перење, вентилаторот…

Колку повеќе нешто се избегнува, толку повеќе се потврдува дека тоа нешто навистина е страшно и треба да се криеме од него. На овој начин им се одзема можноста на децата да научат дека она што ги загрижува најверојатно нема да се случи и дека ако се случи, тие се доволно издржливи, силни и снаодливи за да се справат. Затоа полека изложувајте ја на она што ја плаши. Бидете близу машината/вентилаторот заедно, потоа да го допре, да го вклучи. Ако работи центрифугата и се плаши, можете да играте и да викате посилно.

Треба да му помогнеме на детето да управува со својот страв и покрај анксиозноста што ја чувствува. Да му објасниме дека понекогаш сите се чувствуваме вознемирени, исплашени, осамени, тажни, лути и дека тоа е во ред. Да го научиме дека животот не е толку страшен како што се чувствува понекогаш и дека може и умее да се справи со многу ситуации иако не му се допаѓаат.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X