Шестмесечните бебиња препознаваат кога возрасните ги имитираат и ги перцепираат имитаторите како повеќе пријателски настроени лица, според нова студија од Универзитетот „Ленд“ во Шведска.
Бебињата гледале и се смееле подолго кон возрасното лице што ги имитира отколку кога реагирал на различни начини. Бебињата, исто така, повеќе им пристапувале на возрасните-имитатори и се вклучувале во имитациските игри со нив.
Во студијата истражувачите ги набљудувале бебињата во нивните домови и играле со нив на 4 различни начини: директна имитација, обратна имитација, имитација со телото без промена на ликот и одговори кои се различни од движењата на бебето. Тоа се начини на кои повеќето родители му одговараат на своето бебе – кога бебето прави или му треба нешто, реагираме соодветно.
Истражувачите откриле дека бебињата гледале и се смееле подолго и почесто се обидувале да им пристапат на истражувачите што учествувале во имитацијата.
– Имитирањето на малите деца изгледа дека е ефективен начин за да се привлече нивното внимание и е можност за поврзување со нив. Мајките беа прилично изненадени што гледаа како нивните бебиња радосно се вклучуваа во имитациските игри со непознат, но беа и импресионирани од однесувањата на децата – вели Габриела Алина Саусиус, истражувач во „Ленд“ и главен автор на студијата.
Кај бебињата што учествувале исто така се тестирало и однесувањето – туркање на маси, па истражувачот ја имитира акцијата на детето, потоа бебето ја удира масата неколку пати, додека внимателно ги следи реакциите на имитаторот. Дури и кога истражувачот не покажувал емоции додека имитирал, бебињата препознавале дека се имитирале и повторно реагирале со тестирачко однесување.
– Ова беше навистина интересно. Кога некој активно тестира некое лице што ги имитира, вообичаено на тоа се гледа како индикација дека имитираната индивидуа е свесна дека постои поврзаност помеѓу сопственото однесување и однесувањето на другиот – вели Саусиус.
Научниците долго време шпекулираа дека преку фреквентно изложување на имитација бебињата учат за културолошките норми и интеракциски рутини, или дека споделените дејствија се придружени од споделени чувства и намери. Но, емпириски докази за поткрепување на тој став недостигаат.
– Преку покажувањето дека 6-месечно бебе препознава кога е имитирано и фактот дека таа имитација има позитивен ефект врз интеракцијата, почнуваме да ја пополнуваме таа празнина. Сè уште ни преостанува да откриеме кога точно започнуваат ефектите на имитацијата и каква улога има препознавањето на имитацијата за бебињата – заклучува Саусиус.