„Секое ново доење е нова шанса, колку повеќе доење, толку повеќе вежбање. Така, од ден на ден, ќе бидете сè поуспешни“ – поттикнува советничката за доење Милена Попевиќ.

Кога почнува да се произведува млекото

-Млекото почнува да се произведува во второто тримесечје од бременоста, па подготвено е за бебето дури и ако тоа се роди порано. Не верувајте им на приказните – „млекото ми дојде дури петтиот ден“ – предупредува Милена.

„Преодното млеко пристигнува меѓу третиот и петтиот ден, но првото млеко е веќе во градите – колострумот, кој уште се нарекува и прва вакцина. Го има малку, но во првите денови тоа е сосема доволно за новороденчето“.

Многу е мал процентот на мајки што воопшто не можат да дојат, па важно е да се каже дека дури и кога мајката не може да произведе 100 отсто од потребната количина млеко, треба да се поддржи за да го одржува и она количество што го има.

„Секоја капка што ќе ја добие бебето е драгоцена. Доењето не е само хранење. Бебето сака да биде на дојка бидејќи таму се чувствува најбезбедно. Прегратката на мајката е најблиска до она што бебето го имало во стомакот на мајка си, затоа понекогаш тоа е единственото место каде што бебето е мирно“.

Секој почеток е тежок

Идеалниот почеток на доењето е на породилната маса, на стомакот на мајката. Инстинктивно бебето ќе почне да ползи кон градите.

„Природата сама го уредила тоа, па градите уште во бременоста лачат супстанција која им ја одржува влажноста, има мирис на плодова вода и на тој начин го привлекува бебето. Некогаш на бебето му треба и до еден час да патува од мајчиниот стомак до градите, но кога ќе се фати за градите, тоа е најприроден начин да почне да цица“– објаснува Милена.

-Затоа, овој прв час по породувањето се нарекува и „златен час“ – заклучува таа.

Доколку од која било причина не сте доеле веднаш, во породилиштето (сте имале царски рез, бебето било во инкубатор или била спроведена некоја интервенција по породувањето), тоа можете да го направите дома.

„Лежечки, полулежечки – тоа е физиолошка положба за доењето и најчесто помага кога мајката и бебето имаат проблеми со правилното доење“, охрабрува Милена.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X