Сте се запрашале ли некогаш дали ви се чини дека бебињата не трепкаат? Не си умислувате. Бебињата навистина не трепкаат толку често како возрасните.

Сигурно ви се случило да чекате на каса во продавница, а луѓето пред вас држат бебе. Бебето сериозно гледа во ваш правец, сосема сконцентрирано и како да не трепка. По една минута сфаќате дека навистина не трепка. Како одговор на тоа гледање, се насмевнувате, го поздравувате, а тоа повторно гледа и не трепка.

Студија од 1979 година во која учествувале 269 деца на возраст од два дена до 18 години и 179 возрасни лица стари помеѓу 18 и 50 години покажала дека возрасните луѓе трепкаат помеѓу 10 и 15 пати во минута. Најмладите меѓу бебињата што учествувале во истражувањето, од друга страна, трепкале помалку од два пати во една минута, во просек. Потоа, трепкањето зачестува и кога децата ќе наполнат 14 години трепкаат често колку и возрасните.

Иако науката уште нема објаснување за оваа појава, постојат три тези со кои би можела да се објасни.

„На мали очи им треба помала влажност“

Ова до некаде има смисла бидејќи една од главните причини за трепкањето е тоа што очното јаболко така ја одржува влажноста колку што е неопходно. Освен тоа, трепкаме и за да ги отстраниме микроскопските честички од прашина што би можеле да предизвикаат иритација.

Но, студија од 2011 година објавена во стручниот магазин „Оптометрија и вид“ ја доведува во прашање оваа теорија. Научниците набљудувале 44 четиримесечни бебиња за да проверат дали со зачестеноста на трепкањето е поврзана различната изложеност на површината на окото на надворешни влијанија. Се покажало дека тоа не е случај. Бебињата трепкаат кога ќе им се промени „предметот на внимание“. А тоа е ситуација во која и возрасните трепкаат.

„Бебињата се премногу љубопитни за да трошат време на трепкање“

Следна теорија кажува дека бебињата, бидејќи само што стигнале на свет, се многу заинтересирани за она што ги опкружува. Како резултат на тоа имаат извонреден фокус, мозокот им работи цело време за да ги обработи тие информации и трепкањето им е само пречка.

Возрасните исто така ретко трепкаат кога интензивно се фокусирани на нешто, пишува на веб-страницата „Лајв сајнс“, па така оваа теорија има смисла. Таа појава е присутна кај состојбата позната како синдром на компјутерски вид, до кој доведува постојаното гледање во екран, проследено со ретко трепкање што може да доведе до сувост на окото.

„Делот од мозокот што го регулира допаминот кај бебињата не е целосно развиен“

Последната теорија што го опфаќа прашањето зошто бебињата ретко трепкаат е заснована на фазите во развојот на мозокот. Колку често трепкаме зависи од нивото на допамин во мозокот, невротрансмитер кој им помага на клетките во мозокот да комуницираат меѓу себе. Поради тоа, зачестеноста на трепкањето кај возрасните се користи и при препознавање одредени медицински состојби.

Лицата што се болни од Паркинсонова болест, на пример, имаат пониско ниво на допамин и трепкаат поретко од просекот, меѓу другото. Од друга страна, кај лицата што имаат шизофренија нивото на допамин е повисоко, па трепкаат многу почесто.

Бидејќи регулацијата на нивото на допамин кај бебињата не е сосема воспоставена во првите недели и месеци по раѓањето, можно е реткото трепкање да е последица на фактот дека мозокот не им е целосно развиен.



912

X