Воспитување

Бебињата го цицаат палецот уште во утробата, но што кога ќе продолжат и по третата година?

Бебињата почнуваат да го цицаат палецот уште додека се во стомакот на мајката бидејќи се подготвуваат за цицањето кое ги очекува откако ќе се родат. Цицањето палец станува проблем многу подоцна кога детето не цица заради задоволување на рефлексот за цицање, што го прават бебињата до една година, туку заради некоја друга причина.

Инстинктот за цицање е причина што бебето, штом околу 3. месец ја доведува својата рака до устата, почнува да го цица прстот или дланката. Тоа не мора веднаш да значи дека бебето има некоја лоша навика, туку тоа може да ѝ сигнализира на мајката дека бебето е гладно, дека има силен рефлекс за цицање кој не е задоволен на градите, дека бара забава или е вознемирено. Потребата за цицање е индивидуална, кај некои е посилно изразена, кај други помалку.

Обично на децата по една година повеќе не им треба прстот за утеха и рефлексот за цицање ослабува во согласност со внесот на друга храна која се џвака. Некои деца го имаат подолго, но секако би требало да исчезне до третата година. Ако детето и по третата година го цица палецот или одеднаш почнува да го прави тоа во тој период, важно е да се открие зошто. Цицањето палец може да го наруши здравиот загриз и растот на запчињата.

– Набљудувајте го своето дете. Обидете се да сфатите што го загрижува, што го плаши и помогнете му да се смири (бидете нежни кон него, милувајте го, тешете го кога ќе затреба, разговарајте со него, нишајте го, пејте му, пофалете го кога ќе заслужи).

– Одредете јасни граници на она што смее и не смее да прави. Забраните не треба да бидат многу на број, но мора да се почитуваат.

– Важно е детето во текот на денот доволно да игра, да се истрча и да ја потроши енергијата. Поттикнете ги игрите со врсниците.

– Внимавајте на тоа што детето го гледа на телевизија или какви игри игра на компјутер или таблет. Не дозволувајте да гледа насилни филмови, агресивни цртани и сè што не е соодветно за неговата возраст. И не читајте му насилни бајки пред спиење.

Автор: Луција Богданиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top