СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат бебињата да се дојат во првиот час по раѓањето. Речиси 60 отсто од бебињата низ светот не се дојат во првиот час по раѓањето, со што се ставени под ризик од болести, па дури и смрт, покажува најновиот извештај.
Моменталните упатства од СЗО и УНИЦЕФ се бебињата да бидат ставени на градата на мајката во првиот час по раѓањето и да бидат на ексклузивно доење до шест месеци.
Од доењето имаат придобивки и мајките и бебињата. Доењето го намалува ризикот од рак на дојката кај жените, додека првото мајчино млеко содржи хранливи материи и антитела што се важни и што го штитат бебето од болести. Исто така, доењето е поврзано со помал ризик од дебелеење кај децата, додека контактот кожа на кожа му овозможува на новороденчето да дојде во контакт со микроорганизмите од мајката што помагаат за развивање на имунолошкиот систем.

Новиот извештај од СЗО и УНИЦЕФ нагласува дека одложувањето на доењето може да ги загрози бебињата.

– Кога доењето е одложено по раѓањето, последиците можат да бидат опасни за живот – колку повеќе новороденчињата чекаат, толку е поголем ризикот. Подобрувањето на практиките за доење може да ги спаси животите на повеќе од 800.000 деца под пет години на годишно ниво, од кои најголем дел се под шестмесечна возраст – вели извештајот.

Научниците што работеле на извештајот ги истакнуваат претходните истражувања кои покажале дека доцнењето во доењето е поврзано со зголемен ризик од смрт кај новороденчињата, при што оние што биле надоени помеѓу 2 и 23 часа по раѓањето се соочиле со 30 отсто поголем ризик од смрт во првите 28 дена од оние што биле надоени во првиот час по раѓањето.

Бебињата што биле надоени 24 часа по раѓањето имале двапати поголем ризик за смрт од оние што биле надоени по еден час од раѓањето.

Извештајот се базира на податоците на УНИЦЕФ од 76 земји и не вклучува бројки за Северна Америка, Австралија, Нов Зеланд или Западна Европа. Исто така, извештајот открива дека во 2017 година околу 78 милиони бебиња не биле надоени во првиот час по раѓањето, а процентот на доенчиња што биле веднаш надоени варирал од земја во земја: во земјите од Источна и Јужна Африка речиси две третини од бебињата се ставаат на градите на мајката во првиот час по раѓањето, во споредба со само една третина во Источна Азија и Пацификот.

Во извештајот се потврдува дека некои жени не можат да дојат, но повеќето жени можат доколку ја добијат вистинската поддршка. Во Британија 90 отсто од жените се откажуваат од доењето, а истражувањата покажале дека најголема причина е затоа што немаат поддршка.

Тимот што работел на извештајот вели дека бебињата родени со царски рез имаат помала веројатност да бидат надоени во првиот час, а на квалификуваните здравствени работници им е потребна подобра обука за да ги охрабрат и да го поддржат доењето. Авторите истакнуваат дека културните практики што вклучуваат хранење на бебето со мед или друга храна може да го одложат доењето.

Извештајот дава и многубројни препораки за поттикнување на доењето, вклучувајќи и мрежи на заедница за промовирање на доењето, подобрување на пристапот до искусни советници за доење и разбивање на маркетингот што промовира замена на мајчиното млеко.

– Поттикнувањето на доењето во првиот час од животот на бебето не е лесен подвиг: не може да се очекува мајките сами да го направат тоа. Соодветната грижа за новороденчето и за мајката во моментите по раѓањето е од клучно значење за доењето да почне, а и успешно да се одвива понатаму – советуваат авторите.



912

X