Држењето банкноти в рака создава свесност дека она што го трошат е заработено
Многумина советуваат на вашето дете да му дадете кредитна картичка. Најдете некоја со ниска каматна стапка. Убаво објаснете му на детето дека тоа се вистински пари и дека мора да се вратат навреме и во цел износ.
Но, Бет Коблинер, авторка на книгата „Направете го вашето дете гениј за пари (дури и ако вие не сте)“, има свое мислење за оваа тема. Нејзиниот совет за родителите е: „Едноставно немојте. Не давајте им картичка“. Таа нагласува дека кога станува збор за деца, најдобро е да се држите до парите.
„Кога станува збор за секојдневни лекции, најдобриот начин да ги научите вашите деца да ги ценат парите е да им дадете вистински банкноти. Со вашите деца користете кеш. Кога мојата ќерка имаше 13 години, сакаше да оди на шопинг со другарките. Другите родители на девојчињата им дале кредитна или дебитна картичка и ставиле лимит за трошење. Јас? Јас ја посрамив ќерка ми давајќи ѝ 50 долари, во банкноти. Причината: Знаев дека кога ќе дојде до касата со производи вредни повеќе од 50 долари, ќе мора да направи тежок избор и да врати нешто. Кешот им кажува на децата дека парите се трошат, за разлика од пластиката. Една студија на МИТ покажа дека луѓето потрошат двапати повеќе пари на истото нешто кога плаќаат со кредитни картички наместо со кеш. Додека пластиката изгледа како пари за игра, кешот е премногу реален.“
Советот можеби е малку архаичен. Кој носи кеш во денешно време? Но за оние што почнуваат да развиваат чувство за финансии, држењето банкноти в рака создава свесност дека она што го трошат е заработено.
Коблинер исто така препорачува да користите кеш пред вашите деца за да им покажете дека постојат граници и дека секогаш мора да се направи избор. Тоа е тешка лекција за учење кога го носите тоа магично пластиче.
912