Нема простор за паника бидејќи не станува збор за болничка МРСА, туку за комунална, која ја има во секојдневието, смируваат епидемиолозите

Во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) е пријавено дека има појава на МРСА во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае. За бактеријата нè информираа родители, кои се исплашени за здравјето на децата. Епидемиолозите од Центарот со кои разговаравме смируваат и објаснуваат дека станува збор за МРСА во заедница која не е опасна за оние со нормален имунитет. Оттаму не откриваат за колку случаи станува збор.

– Ни се јавија од училиштето и им објаснивме. Тоа не е патогена бактерија и не е опасна за здрави луѓе, туку е од комјунити сој кој се јавува во заедницата и не е опасна за луѓе со нормален имунитет – вели д-р Билјана Даниловска од ЦЈЗ.

Нејзиниот колега, епидемиологот д-р Александар Стојанов ни објасни дека нема простор за паника бидејќи не станува збор за болничка МРСА, туку за комунална, која ја има во секојдневието.

– Ние не живееме во стерилни услови. МРСА е опасна ако се наоѓа во болнички услови и тогаш прави инфекции. Бидејќи се работи за училиште, треба секој ден да дезинфицираат, а децата да ја одржуваат личната хигиена. Не треба воопшто да се крева паника. Од друга страна, не значи дека децата ја добиле на училиште, тие деца комуницираат и надвор од училиштето или градинката – вели Стојанов.

Појавата на оваа бактерија речиси секогаш предизвикува страв и паника кај родителите. Минатата година во октомври бактеријата беше изолирана кај дете и воспитувачка во градинка во Кисела Вода. Претходно случаи на МРСА имаше во градинка и училиште во Општина Чаир. Микробиологот д-р Никола Пановски за Деца.мк објасни дека бактериите генерално предизвикуваат болести кај луѓето што се веќе болни од нешто друго, односно кај луѓето со паднат имунитет.

– Ако МРСА е изолирана во градинка или во училиште, таа не е опасна и не знам зошто би се сметала за опасна. Стафилококни бактерии во носот има 30 отсто од населението, а најчесто децата. Ова е стафилококна бактерија, со тоа што е поотпорна на антибиотици. Не предизвикува болест кај здрави деца. Треба да има повреда, рана за да биде опасна. Опасно е да ја има на рацете или во носот на некој што работи во болница или, на пример, на интензивна нега каде што има тешко болни пациенти. Кај нас се изолираат над 700 соеви МРСА годишно. Од нив околу 70 се изолирани од сепса. Тие се секојдневие кај нас со години. Во секој случај, нема простор за паника зашто бактеријата не е опасна во градинка или во училиште – објасни професорот Пановски.



912

X