Бајките се составен дел од детството, а децата можат многу да научат од нив. Пораснаа генерации со различни бајки, а се чини дека сме подготвени да се „заколнеме“ во класичните приказни како „Црвенкапа“, „Јованче и Марика“, „Снежана и седумте џуџиња“, бидејќи се важни за малите и ги учат на некои важни работи.
И точно е, далеку од тоа дека овие бајки се лоши, но гледајќи ги од друга перспектива, може да се каже дека испраќаат и некои лоши пораки до децата.
„Насилството е нормално“
Во многу детски бајки има насилство, а можеби браќата Грим се особено познати по некои од побруталните сцени што ги опишуваат. На пример, во приказната за „Јованче и Марика“ се појавува злобна вештерка која ги мами децата со слатки само за да ги здебели и подоцна да ги јаде.
Исто така, во некои верзии на „Пепелашка“ нејзините злобни сестри си ги отсекувале петиците за да можат да го облечат изгубениот чевел на Пепелашка, што, ќе се согласите, не е баш соодветно за малите.
„Децата секогаш одат некаде сами (низ шума)“
Сетете се како започна сè во „Црвенкапа“ – нејзината мајка ја испратила сама да оди низ шумата за да стигне до куќата на баба ѝ. И, се разбира, ова не е единствената приказна за деца во која малечките сами шетаат низ шумата. Ова се смета за храбро во бајките, но на малите треба да им се објасни дека не е паметно сами да шетаат во шума или други зафрлени места.
„Тие живееја среќно до крајот на животот“
Ова е реченицата со која завршуваат повеќето класични бајки откако главните ликови од приказната ќе го сретнат својот принц и ќе живеат среќно со него. Меѓутоа, оваа реченица испраќа погрешна порака до децата бидејќи не ги подготвува за многуте предизвици со кои се соочуваат возрасните. Во таа смисла, одлично е што бајките ги учат децата дека постои вистинска љубов која трае цел живот, но сепак е малку нереално некој да живее среќно до крајот на животот, односно без никакви пречки или предизвици.

„Разликите не се во ред“
Една од лекциите што децата несвесно ги учат од бајките е дека луѓето со одредени разлики, особено оние што имаат нешто уникатно, различно во својот изглед што не можат да го променат, не се нормални. Тоа се обично споредни ликови во бајките, а нивните разлики се дополнително нагласени за да изгледаат уште понепривлечни. Меѓу другото, злобните сестри на Пепелашка се претставени како многу грди, а факт е дека изгледот всушност не одразува дали некој е добар и „нормален“, или не.
Сето ова, се разбира, не значи дека родителите не треба да им ги читаат бајките на своите деца со кои сите сме пораснале, туку дека можеби треба да се обидат да ги претстават на поинаков начин или да ги објаснат, за да не се усвојат погрешни пораки, туку да се извлечат некои заклучоци.
Автор: Наташа Златковиќ
912