Се вели дека внуците се најголемата радост во животот, а сега ја имаме првата студија што ја истражувала функцијата на мозокот кај бабите и покажала дека тие се повеќе емотивно врзани за своите внуци отколку за нивните синови или ќерки.

Од 60-тите години, па наваму истражувачите тврдат дека една од причините зошто жените обично живеат со децении по нивните репродуктивни години е тоа што на тој начин ги зголемуваат шансите за преживување на нивните внуци, преку физичката поддршка што често ја даваат. Оваа теорија е позната како „хипотеза на бабата“.

Неодамнешните докази посочуваат дека благосостојбата и образовниот успех на децата се зајакнати со присуството на бабите и дедовците кои се ангажирани околу нив.

За подобро да ја разберат биолошката заднина на оваа врска, антрополозите избрале 50 жени со најмалку еден биолошки внук на возраст од 3 до 12 години и користеле магнетна резонанса за скенирање на мозокот на бабите додека гледале фотографии од внуци, нивните деца и други деца.

– Она што навистина се истакнува е активирањето на деловите од мозокот поврзани со емоционалната емпатија. Ова посочува дека бабите се водат од она што го чувствуваат нивните внуци кога комуницираат со нив. Ако нивните внуци се смеат, тие ја чувствуваат нивната радост. Ако внуците плачат, тие ја чувствуваат нивната болка и вознемиреност – вели професор Џејмс Рилинг, антрополог на Универзитетот „Емори“ во Атланта, Џорџија.

Претходно научниците направиле слична вежба со татковците додека гледале слики од нивните деца. Активноста забележана кај бабите во просек била посилна отколку кај татковците – иако имало татковци што имале иста активност во овие области на мозокот.

Од друга страна, кога бабите гледале фотографии од нивните возрасни деца, се активирале малку различни делови од мозокот: оние поврзани со когнитивната емпатија. Ова може да укаже дека тие се обидуваат когнитивно да го разберат своето возрасно дете, наместо да доживеат подиректна емоционална врска.

Емоционалната емпатија е можноста да почувствувате што некој друг чувствува, а когнитивната емпатија е кога на когнитивно ниво разбирате што чувствува некој друг и зошто.

Ова може да помогне да се објасни искуството што го имаат многу возрасни кога нивните родители често изгледаат повозбудени да ги видат нивните внуци. Ова е разбирливо, имајќи предвид дека малите деца веројатно развиле способност да манипулираат не само со мозокот на мајката, туку и со мозокот на бабата. Возрасните го немаат истиот „сладок фактор“, па не го добиваат истиот емотивен одговор од родителите.

Резултатите од ова истражување ја поддржуваат идејата дека можеби постои глобален систем за грижа за деца во мозокот кој се активира кај мајките (кои биле испитани во посебна студија), татковците и бабите. Научниците сега се надеваат дека ќе спроведат студија и за дедовците и за другите луѓе што се грижат за деца, со цел да направат споредби.

Извор



912

X