Секој ја знае важноста на позитивниот, топол однос родител-дете. Тие се неопходни за правилен социјален и емоционален развој на детето. Многу студии, поддржани со статистички податоци, нагласуваат многу придобивки од силната врска родител-дете.

Меѓутоа, дали блискиот однос со бабите и дедовците влијае врз правилниот развој на детето, колку и на кој начин? Дали е ова врска што придонесува за среќа и благосостојба на целото семејство?

Да се ​​има баба и дедо во вашата околина е добро и има многу придобивки за секого. Овој близок однос е корисен за децата, родителите и за бабите и дедовците. Секој добива од тоа. Еве неколку причини зошто бабите и дедовците се важни во животот на децата.

На децата им даваат бескрајна љубов – Додека родителите седат до доцна и стануваат рано, балансирајќи помеѓу деловните обврски и родителството, бабите и дедовците имаат повеќе време и трпение. Тие им се посветуваат на своите внуци со многу љубов и внимание. Имаат време да се фокусираат само на играта, да се тркалаат на подот, да измислуваат забавни игри, да читаат приказни или само да шетаат и да зборуваат.

Времето што бабите и дедовците го поминуваат со своите внуци е наменето само за нив. Исто така, постои непишано правило дека тие, до одреден степен, можат да ги прекршат правилата.

Оаза на мир во семејството – Бабите и дедовците имаат посебна улога во животот на децата. Ова е особено точно за оние семејства во кои бабите и дедовците се веќе пензионирани и ослободени од обврски. Времето што го поминуваат со своите внуци е ослободено од стрес, брзање и е наменето само за нив.

Заедничките моменти не се обврска, туку задоволство. Децата го чувствуваат тоа и уживаат во тој мир и посветеност без дисциплина, правила и брзање. Преку забавни активности, тие нежно ги водат децата низ новите фази на развојот, им помагаат сами да откријат решенија и да се чувствуваат добро.

Младите родители учат од нив за воспитување деца – Родителството е вештина што не може да се научи однапред. Кога бебето доаѓа во куќата кај младите татковци и мајки, не е лесно во првите денови и недели. Денес, многу родители се потпираат на разни видови онлајн-помош, совети и консултации. И тоа не е лошо. Сепак, да се има баба и дедо кои поминале низ тоа еднаш или повеќе пати дава чувство на сигурност.

Децата што растат со баба и дедо се посреќни – Истражувањата докажуваат дека децата кои се блиски со своите баби и дедовци се посреќни. Студија од Универзитетот „Оксфорд“ открива дека бабите и дедовците играат клучна улога во благосостојбата на децата. Во оваа студија биле набљудувани 1.500 деца. Оние што имале блиски односи со родителите на нивните родители имале помалку емоционални проблеми отколку децата што биле лишени од овој тип семејни врски.

Оваа поддршка, исто така, опстојува за време на турбулентните тинејџерски години. Студијата покажа дека учеството на бабите и дедовците во растот на тинејџерите има позитивен ефект за посреќно и полесно надминување на оваа клучна развојна фаза во младоста.

Тие се чувари на семејната историја и традиција – Бабите и дедовците се чувари на традицијата.

Ги чуваат минатите времиња и обичаи од заборав. Преку своите постапки и приказни, бабите и дедовците ги учат внуците на семејни и национални традиции. Ги чуваат семејните стебла, потеклото и далечните роднини од заборав. Благодарение на нив, децата учат за нивното потекло, познати луѓе од семејната историја.

На тој начин, децата стекнуваат семеен идентитет, чувство на припадност.

Тие се охрабруваат едни со други да учат – Кога бабите и дедовците поминуваат време со своите внуци, и двете страни стекнуваат нови знаења и вештини. Децата добиваат важни животни лекции, учат нови вештини, како што се веќе заборавените игри табла, шах, готвење, ситни занаети, ракотворби. Од друга страна, децата им помагаат на бабите и дедовците да го следат времето, подучувајќи ги како да користат модерни технологии.

Посилен имунолошки систем кај постарите лица – Децата се во контакт со други деца во нивните колективи. Тие често носат вируси и бактерии во своето семејство.

Звучи чудно, но тие всушност го зајакнуваат имунитетот на бабите и на дедовците, ги прават поздрави, па затоа им е потребна помала грижа и помош. Покрај тоа, грижата за најмладите, чувството на среќа и корисност со внуците инаку има позитивен ефект врз голем број здравствени фактори на постарите лица. Ја намалува појавата на депресија, го намалува крвниот притисок, ја зајакнува кондицијата.

Имено, многу стари луѓе се чувствуваат посреќни во друштво на своите внуци. Сепак, тоа не е само добро чувство, туку навистина има позитивно влијание врз здравјето.

Бабите и дедовците имаат силно влијание врз внуците – Студиите покажуваат дека 9 од 10 возрасни внуци сметаат дека нивните баби и дедовци или само еден од нив има силно влијание врз формирањето на нивните верувања и вредносни системи. Перспективата на детето за тоа од што се состои здрава, нормална врска се изострува со односот што го има со баба и дедо. Преку редовни контакти, чувство на емоционална блискост и непоколеблива поддршка, децата учат како да изгледа вистинска, позитивна, добра и љубовна врска.

Бабите и дедовците го намалуваат стресот во семејството – Студија од Бостонскиот колеџ од 2014 година открива дека постои врска помеѓу емоционалната блискост на внуците и бабите и дедовците со ретката појава на симптоми на депресија кај двете генерации.

Децата што растат во средина со своите баби и дедовци секогаш имаат пријател со кој си играат, се забавуваат, читаат приказни. Бабите и дедовците се најдобрите партнери кога станува збор за користење на креативноста, имагинацијата во откривањето на прекрасните нови страни на животот.

Повеќето баби и дедовци навистина уживаат во оваа улога. Децата, од своја страна, ја чувствуваат оваа посветеност. Имено, бабите и дедовците навистина веруваат дека оваа нивна нова улога е една од најважните во нивниот живот.

Тие се ризница на животно искуство – Возрасните честопати не се расположени за приказните на нивните родители. Немаат ниту време ниту трпение. Сепак, бабите и дедовците имаат богато животно искуство. Тие гледаат на животот од малку поинаква перспектива. Животот ги научил што се вистинските вредности и нивната листа со приоритети е различна од онаа на нивните родители. Децата се многу среќни кога слушаат приказни од животот на нивните баби и дедовци. Во однос на слушањето, исто така, се случува децата да бидат попослушни со нив отколку со нивните родители. Постарите едноставно тактички го вадат посакуваното однесување од внуците. Родителите обично немаат време, ниту трпение. Тие едноставно бараат да се почитуваат правилата, што не е секогаш лесно за децата.

Тие даваат чувство на сигурност – Дополнителната поддршка е невообичаено важна, особено во тешки периоди низ кои може да помине едно семејство.

Без разлика дали тоа е само тежок период од животот на детето, финансиски или емоционални проблеми во семејството, бабите и дедовците можат да бидат еден вид тампон-зона што го штити детето од поголем емоционален стрес. Тие се дополнително уво за слушање, доверба, дополнително рамо за плачење.

Некои деца полесно им веруваат на своите баби и дедовци отколку на нивните родители. Тука има помал страв од осуда, повеќе верба и разбирање.

Значајна помош при чување деца – Во повеќето семејства двајцата родители работат надвор од домот. Квалитетното време поминато со децата се сведува на викенди и одмори. Во работните денови тоа време е многу кратко покрај секојдневната рутина и земањето деца од дополнителни активности. Во многу семејства помошта од бабите и дедовците во чување деца во рана возраст е многу голема за родителите што работат.

Во некои случаи, тие помагаат по потреба, додека во други семејства редовно ги чуваат децата. Покрај тоа, овој вид домашна помош е бесплатна. Им обезбедува на родителите поголем степен на удобност во одгледувањето потомство.

Бабата и дедото се како голема, топла прегратка. Тие ги сакаат децата со љубов слична на родителската. Покрај тоа, тие се тука за нив со големо трпение, мудрост и искуство. Тие им помагаат на внуците да научат за животот од друга перспектива што родителите ја немаат.

Извор



912

X