Моите внуци не се двоумат да кажат која баба ја претпочитаат, пишува Естер Давидовиц, уредничка на порталот „NorthJersey.com“.
„Другата баба“, веднаш одговара нејзиниот седумгодишен внук Џона. „Да! Бабата во Мичиген“, се согласува неговата четиригодишна сестра Саша. Кога Естер ги прашала зошто, нејзините внуци одговориле: „Не ни купуваш ништо. Ниту еден предмет.“
Естер истакнува дека финансиите не се проблем. И таа е свесна дека многумина во овој момент ќе се запрашаат каква баба е таа ако не ги опсипува децата со подароци, кога веќе може да си го дозволи тоа.
„На моите внуци и на внуците на моите пријатели им е доста од сè. Освен тоа, имаат толку многу играчки, книги, разни додатоци и облека што можат да отворат продавници. Моите внуци едвај ги затвораат вратите од своите плакари полни со играчки. Имаат кутии со повеќе играчки под креветот. Џона има 37 кадифени играчки. Неговата сестра 27 – набројува таа. А освен тоа, вели Естер, најчесто ги имаат оние играчки што веќе не се употребливи.
„Тоа се автомобили на далечински управувач без батерии, акциони фигури без раце или глави, игри на табла со делови што недостигаат, пластични мечеви, искинати страници од книги и слично. Имаат пластичен базен со топки кој го користеле трипати, телескоп со кој играа можеби двапати и мрежи за пеперутки кои никогаш не ги погледнаа. И имаат толку многу облека со која може да облечат цело одделение“, додава таа.
На сличен начин се преплавени и внуците на нејзините пријатели. „Не можам да купам ништо што веќе го немаат моите внуци. Во последно време им купувам книги, а потоа дознавам дека веќе ги имаат“, рекла Хелен Сигел.
Дебора Вилбурн се прашува каде нејзините внуци ќе складираат повеќе играчки. „Имаат полна соба. Не знам каде им собира сè. Мојот внук неодамна доби мала скара. На родителите им реков дека тоа е смешно, па тој сигурно никогаш нема да си игра со неа“, вели таа. Меѓутоа, за разлика од Естер, Дебора продолжува да им купува играчки на своите внуци.
Не е тешко да се разбере зошто бабите и дедовците купуваат играчки и книги. Тоа ги радува нивните внуци, но за жал само накратко. „Знам дека е моментално, но возбудена сум што ги гледам насмевките на нивните лица“, истакнува Хелен. Сепак, Естер вели дека тоа што не купува подароци не значи дека помалку ги сака своите внуци.

„Подароците се начин да се покаже љубов. А за некои, тие се начин да се надомести фактот што не можат често да ги гледаат своите внуци поради далечината или зафатеност. Ги посетувам моите внуци секоја недела. Играме, цртаме, градиме, ручаме и се глупираме додека не се измориме. Ги носам во музеј, циркус, театар, на плажа и ги носам да спијат. Но без подароци. Подобро да инвестирам пари во нивното образование отколку во друга играчка што не им е потреба.
А што се однесува до нивната наклонетост кон другата баба? Воодушевена сум што ја сакаат, а знам дека ме сакаат и мене, заклучила таа.
Автор: Естер Давидовиц