Родителскиот авторитет е комбинација од почитта и довербата на детето кон родителот. Авторитетот треба да се разликува од авторитаризмот бидејќи овие два поима често се поистоветуваат, а разбирањето на разликата определува два многу различни стила на воспитување.

Авторитетот се дефинира како концепт на моќ. Оригиналната интерпретација на зборот авторитет може да се толкува како хранење или зголемување, односно авторитетот на една личност кон друга е однос во кој лицето со авторитет „храни“ друго лице со неговата позиција, која е хиерархиски повисока. Во односот родител-дете, родителот е авторитет на детето затоа што тој е оној што го храни и расте физички и психички и го гради како целосна личност.

Тоа значи дека има јасна вертикална хиерархија и се знае кој на која позиција е. Сепак, концептот на авторитет некои го компромитираат поради неговата идентификација со концептот на авторитаризам. Ова се два контрадикторни поими. Авторитаризмот е однос кој фаворизира прекумерно почитување на авторитетот на една власт или личност, што предизвикува однос во кој нема еднаквост на учесниците и изразување и задоволување на нивните потреби. Нема еднакво достоинство. Почитта, односно страхопочитта, е поврзана со овие термини. Се чувствува почит кон луѓето кои се одликуваат со карактеристики високо оценети во системот на вредности. Страхопочит е очигледна почит затоа што настанала како резултат на страв, а во таа врска никој не се чувствува добро.

Здравиот авторитет е секогаш позитивен, вклучува разбирање, потребен е и е добра поддршка за другата личност, што развива здрава почит. Авторитаризмот е конфликтна улога во која авторитарните личности се подредени на авторитетот како модел, кој сакаат да го применат на другите. Кога користиме авторитет за родителите, нужно ја исклучуваме строгоста што влева страхопочит и несомнената послушност.

Авторитаризмот се потпира на зависноста на детето од родителот, на неговата моќ и манипулација со стравот на детето. Детето ги доживува таквите родители како непредвидливи, несигурно е во себе, се дистанцира и станува емоционално ладно. Тука постои висок степен на родителска контрола и акцент на послушноста. За да го постигне ова, авторитарниот родител користи казнени, насилни мерки за да го спречи самоволието на детето. Родителот не треба по секоја цена да бара послушност, децата да го прифатат сето она што од нив ќе биде побарано, затоа што родителот така вели.

Авторитетот на родителот е стремеж да има соработливо дете, спремно за соработка, а не покорно, слепо послушно дете. Ако одгледа соработливо дете, тоа ќе сака да ги исполни очекувањата на родителите, ќе ја разбере и прифати соработката, ќе слуша и ќе го промени своето однесување затоа што му верува на родителот, затоа што промената ја доживува како своја потреба, а не како наметната, па нема тоа да го прави од страв од родителска казна. Затоа, да се биде послушно дете е во ред, во смисла на прифаќање соработка со родителите, во која детето се насочува за да дојде до лично сознание и има можност без страв да го искаже своето мислење и да го промени своето однесување во прифатливо. Неприфатлива е послушноста предизвикана од страв, што не придонесува за емоционалниот и когнитивниот развој на детето и негативно се одразува врз самодовербата. Неуспехот да се разбере разликата може погрешно да ја протолкува оваа цел, како да е сега „модерно“ да се одгледува непослушност, односно непослушно дете.

Послушноста може да биде и „слепа“. Желбата секогаш да се биде добро и послушно дете може да го спречи учењето и да го ограничи просторот за слобода, истражувањето, прашањата и одговорите на сè што треба да се научи и за подготовката за зрелост.

Детето ќе го опремиме доживотно само ако изградило самопочит и самодоверба да се соочи со сите животни предизвици, за да излезе од нив со уште поголема самопочит и самодоверба. Тоа ќе го постигнеме доколку не го заштитуваме од животот, или не го оддалечуваме од одредени ситуации, без да го подготвиме за тие искуства, мислејќи дека тоа не може никогаш да му се случи на нашето дете. Но, тоа се случува. Нема да знаеме, нема да бидеме присутни. Ќе мора самото да се избори и да се справува со посложени проблеми, за разлика од оние што сме ги решавале кога детето било малечко.

Извадок од книгата „Родител од душа“

Извор



912

X