Не е важно колку бавно или брзо учи ученикот сѐ додека има кој да го поддржува во тоа
Современиот начин на образование создаде поголем број ученички активности кои се одвиваат во рамките на класот, а имаат тенденција да развиваат соработка (кооперација) или натпреварување (компетиција) а понекогаш и двата односи заедно. Таквите односи се развиваат спонтано и се зголемуваат или намалуваат како резултат на приодот на наставникот кон нив.
Во тој контекст постојат следниве училишни средини на учење:
Кооперативна средина на учење, каде што целите помеѓу учениците се во позитивна корелација. Тоа значи кога еден ученик ќе ја постигне целта, целите на сите други ученици ќе бидат потпомогнати и постигнати, т.е. остварени.
Компетитивна средина на учење, каде што целите на одредени ученици се во негативна корелација со целите и способностите на другите ученици, што би значело ако еден ученик ја постигне целта и оствари најголем постигнувачки критериум, постигнувањето на целта за другите ученици е отежнато или оневозможено.
Индивидуалистичка форма и средина на учење, каде што целта на ученикот е сосема независна од целите на другите ученици, што би значело дека секој ученик си го остварува сопствениот рекорд и е во постојан однос со себе без да се споредува со другите ученици.
Во оној образовен систем во кој постои истакнат и универзален систем на оценување, каде што сите ученици треба да совладаат исто градиво во ист временски период, неизбежно се поттикнува споредување и отворање на прашањето кој е подобар. Во одредена мера натпреварувачкиот дух стимулативно влијае врз ученикот со желба да биде подобар, како поттикнувачко средство во постигнување на неговите барања.
Преголемото нагласување на разликите во успехот, оценките и наградувањето на најдобриот може да создаде константна атмосфера на натпревар која ќе биде деструктивна доколку ова поттикнувачко средство не овозможи целта да ја постигнат еднакво сите ученици. Натпреварувачката средина ќе има позитивен стимул кај деца со позитивна автоперцепција, но доколку ваквата атмосфера е константна кај ученикот, кај него слабее сликата за себе и сопствената компетентност, што може да предизвика страв од неуспех или чувство на загрозеност и непожелно однесување.
Атмосферата на соработка доведува до подобро усвојување и помнење на научениот материјал, кога материјата е комплексна, што дава добри училишни резултати поради воедначени и хомогени способности на учениците и води до подобра емоционална интегрираност.
Впрочем, не е важно колку бавно или брзо учи ученикот сѐ додека има кој да го поддржува во тоа.
912