Асертивното воспитување игра важна улога во формирањето на самодовербата и општествено прифатени млади лица. Но, и тука како и секаде во воспитувањето вреди дека примерот е поважен од она што го зборуваме…

Ден-денес се сеќавам на своите родители кои, и вербално и невербално, редовно ми укажуваа на тоа колку е важно да се биде пристоен. Секогаш беа горди кога ќе добиеја повратни информации од соседите, учителките, роднините или, пак, другите родители дека имаат љубезно и пристојно дете. Нивната ќерка никогаш не влегуваше во конфликти, никогаш не се расправаше со другите деца во паркот, никогаш не им пркосеше на професорите. Дури ни во пубертетот кога бунтот е сам по себе изразен. Но, исто така, нивната ќерка беше длабоко несреќна кога еден ден во адолесцентскиот период сфати дека никогаш не се зазема за себе, дека нејзините пријателки секогаш некако се изборуваат за своето мислење и ставови, а таа, пристојно и љубезно, секогаш го прифаќа и она што не го сака и со кое не се согласува. Бидејќи – треба да се биде пристоен.

По многу години сфатив дека да се „биде пристоен“, не мора да се коси со „да се заземеш за себе“. Денес сме сведоци на фактот дека многу деца, особено во адолесценцијата, стануваат агресивни во изразувањето на своите мисли и желби. Нивното заземање за себе подразбира правење штета на некој друг. Во друга крајност имаме деца кои се баш како мене, љубезни и пристојни, никогаш не го изразуваат она што го сакаат. Поради тоа, во себе само таложат лоши чувства, а напоредно со нив паѓа и нивната самодоверба. Како денес да се одгледа млада личност која ќе биде пристојна и љубезна, но ќе знае и да се заземе за себе?

Асертивност – златна средина

Одговорот секако дека не е инстант-рецепт и корените се наоѓаат во најраниот период. Многу родителите веруваат дека мора да прават компромис помеѓу агресивното и љубезното воспитување. Со други зборови, сакаат ли детето да им биде пробивно и агресивно, љубезно и внимателно? Асертивното воспитување го учи детето дека може отворено и директно да ги изрази своите мисли и чувства кон другите без да ги повреди. Земаме за пример дека нашето дете турнало друго дете. Кога би го поттикнале нашето дете со иста мера да врати на другото дете, тогаш кај него би поттикнале агресивно однесување. Тоа така би научило да се зазема за себе, но на агресивен начин. Кога би му рекле дека другото дете сигурно не мислело ништо лошо и дека не би било убаво нешто да му каже, тогаш би му ја испратиле пораката дека не е добро да се изразат сопствените мисли и чувства без разлика на тоа што некој нешто ни направил. Но, кога би му рекле на детето дека треба да му каже на пријателот како се чувствува поради тоа што тој го турнал и дека не сака веќе тоа да му го прави, тогаш би го учеле детето на асертивно однесување.

За асертивното воспитување никогаш не е прерано

Асертивното воспитување почнува во најраниот период и родителите би требало да се свесни дека им се модел на своите деца. Ако нашите деца сведочат дека ние ги решавате судирите со агресија и со многу врева, како тие ќе ги решаваат своите еден ден? Од друга страна, ако видат дека никогаш не застануваме зад себе, дека дома само зборуваме против шефот/пријателот/партнерот, а никогаш не им кажуваме што навистина мислиме и чувствуваме – каков ќе биде нивниот начин на однесување еден ден?

Од мали треба да ги учиме децата на асертивно однесување, за еден ден тие да пораснат во млади лица кои ќе имаат доволно самодоверба да ги изразат своите мисли и чувства на начин кој не го загрозува другиот. Кога сме асертивни, се штитиме себеси давајќи ѝ до знаење на околината како се чувствуваме и се заземаме за своите права. Да се каже „не“ кога е потребно – без чувство на вина, да се постават граници, да се изразат сопствените желби и потреби на прифатлив начин – нели е тоа нешто што на нашите деца еден ден би им помогнало да тргнат во животот? Имајќи на ум дека асертивните деца во адолесцентската и возрасната доба имаат подобра слика за себе, на подобар начин ги изразуваат своите знаења и способности, па имаат и поефикасни вештини за соочување со стресот, верувам дека долгорочно се исплаќаат вложениот труд и времето во учењето на детето на вакво однесување.

Автор: Кристина Бачкоња, психолог



912

X