Во Битола 800 деца немаат можност да посетуваат предучилишно образование, а во Кисела Вода 729

Родители од многу општини во земјава мака мачат да си ги запишат децата во градинка. Капацитетите се исполнети до последно место, а листите на чекање достигнуваат и до 800 деца. Колку деца чекаат за влез во градинка прашавме во петнаесетина општини, а одговор добивме од осум. Од општините ни одговорија и што преземаат за да се реши хроничниот проблем со недостиг на места во градинките.
Нашата анализа покажа дека во осум општини влез за градинка чекаат дури 2.529 деца…

Битола со рекорден број на деца што чекаат за градинка

Рекордот го држи Битола со 800 деца за кои нема место во градинка. Апсурдна ситуација бидејќи оваа општина веќе неколку години е и лидер во негативен природен прираст. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, Битола има негативен прираст од -97 (разлика меѓу бројот на родени и на починати).
Битола има само две централни градинки кои имаат свои клонови (подградинки). ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ има 9, а ЈОУДГ „Мајски цвет“ има 7 клона. Бројот на деца во една група е од 20 до 30. Оттаму велат дека се работи на подготовка за пуштање во употреба на детска градинка во с. Кравари, со капацитет за 40 деца. – Во тек се преговори со МТСП за доградба на детските градинки „Пролет“ и „Снегулка“. Поднесени се апликации за проекти преку Светска банка за изградба на 5 нови градинки и доградба и проширување на постојните. Првите резултати се очекуваат кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година – велат од Општината.

Фото: КолектифПрес

И скопската општина Кисела Вода, која има негативен прираст од -29, има многу деца што не може да се запишат во градинка. Тука влез чекаат дури 729 деца, заклучно со септември оваа година.
Општината има две градинки, „Весели цветови“ со вкупно 7 објекти и „ 8 Март“ со 7 објекти. Од одделението за односи со јавноста ни одговорија дека преземале активности за изградба на нови градинки, но и оспособување на нови простории во јавни објекти. Велат дека сепак проблемот останува во хронична форма.
– Предвидена е изградба на 2 нови градинки и тоа – нов објект во населбата Драчево со капацитет за згрижување на 100-120 деца, за што Општината веќе има изготвено основен проект за градба со кој веќе аплицира на отворениот повик на Министерството за труд и социјална политика. Во моментов се изработува и основен проект за изградба на нова градинка во населбата 11 Октомври – згради, чија изградба ќе биде финансирана од страна на Општината –велат од Општина Кисела Вода.

Наследен и хроничен проблем

Во Општина Ѓорче Петров околу 400 дечиња се на листа на чекање за упис во градинка. Општината има една градинка со пет клона.
– Размислуваме и дејствуваме постојано во насока на проширување и зголемување на капацитетите. Во тој контекст, неодамна со министерствата за здравство и за труд и социјална политика потпишавме Меморандум за соработка, преку јавно-приватно партнерство, за изградба на градинка и здравствен дом во Дексион, на местото на постојната амбуланта. Според планираното, очекуваме кон средината на следната година да биде поставен камен-темелник за овие објекти – велат од Општина Ѓорче Петров.
Предвидена е и изградба на градинка во Волково до 2020 година.
– Во меѓувреме, не ја исклучуваме и можноста да отвориме објект со помал капацитет со кој би им излегле во пресрет на нашите граѓани кои имаат дечиња и навистина имаат потреба од нов клон. Иако затекнавме ситуација пред речиси една година без ниту еден постоен проект во однос на ова прашање, навистина се трудиме да ги подобриме состојбите што е можно поскоро.

Во Општина Аеродром 250 деца се на листа на чекање. Во градинката „Буба мара“ има 220 децa, а во „Срничка“ 30 деца.
– Најмногу деца на листа на чекање има во градинката „Буба мара“ во населбата Ново Лисиче. Токму затоа Општината со сопствени средства започна изградба на нов објект во рамките на таа градинка, кој ќе го зголеми згрижувачкиот капацитет за 200 деца со 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна, на вкупна површина од 1.500 квадратни метри.
Од Општината велат дека недостигот на згрижувачки капацитети е проблем кој долго време се провлекува и е директна последица од долгогодишниот неплански развој од страна на претходното раководство.
– Ова е млада населба со голем број брачни парови, локалната самоуправа континуирано ја следи потребата од нови згрижувачки и образовни капацитети. Според тоа, во Општината е потребно да се изградат уште шест објекти, за што континуирано се одвојуваат средства од буџетот. За проширување на постојните капацитети веќе има изготвени проекти. Голем број од постојните детски градинки се прошируваат, така што очекуваме да се намали притисокот од незапишаните деца во градинките – велат од Општината.

Во Кавадарци се потребни три нови градинки

Во Општина Кавадарци во моментов на листата на чекање се евидентирани 300 деца. Тука има негативен природен прираст од -24. Во Општината има 6 детски градинки во кои се сместени 1.000 деца. Оттаму велат дека се потребни три нови градинки, од кои една би ги опфатила децата што се на листата за чекање. Другите две би ги растовариле постојните градинки, кои се максимално полни, со што се нарушува комодитетот на престојот на децата, а вработениот кадар е преоптоварен.
– Во моментот во една градинка се доградуваат простории кои ќе имаат капацитет за опфат на 150 деца од листата на чекање, а исто така во подготвителна фаза за изградба е уште една детска градинка за опфат на останатите 150 деца што се на листата за чекање. Во моментов во постојните простории се сместени 1000 деца во групи од по 25-35 деца, а кај поголема возрасна група има и до 40 деца.

Градинка во Кавадарци

Во Општина Карпош на листа на чекање се околу десет деца бидејќи капацитетите во согласност со нормативите се пополнети.
– Општината, како и секогаш досега, дава согласност за упис над капацитетите во градинките за да бидат згрижени сите деца што имаат потреба од тоа (во зависност од возраста на децата, тие од разни причини не ги посетуваат градинките редовно, па има можност да се запишат деца и над капацитетот).
На територијата на Општина Карпош има 4 градинки со вкупно 11 објекти-клонови.
– Во завршна фаза е нова градинка во Бардовци, со што ќе бидат згрижени не само деца од предучилишна возраст од ова село, туку и од соседната населба Злокуќани, каде што нема предучилишна установа – велат од Општината.

Општина Центар e единствената од која ни одговорија дека детските градинки „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и „Раде Ј. Корчагин“ немаат деца на листите на чекање.
– Сите деца што во предвидените рокови (15 јуни 2018 година) доставиле Пријава за упис на деца, а ги исполнуваат критериумите за упис на деца, се запишани во конкретната градинка и се распоредени за прием во текот на годината согласно потребите на родителите – велат од Општината.
Нова градинка е најавено дека ќе се гради во населбата Маџир Маало.

Во Струмица на листа на чекање за градинка има 40 деца. Во Општината има 5 градинки.
– За да се овозможи место за секое дете, треба да се изградат минимум две градинки. Во врска со ова веќе имаме преземено изградба на нова градинка со проект од Светска банка, која треба да биде готова до 2025 год. Во урбанистичкиот план на Општина Струмица имаме испланирано надградба на една градинка – клон 3, која треба да влезе во капитални инвестиции на МТСП за 2019 год.
Планирана е и доградба на клон 2, за која би аплицирале во наредни капитални инвестиции на МТСП – велат од Општината.
Групите со деца во оваа општина бројат од 35 до 40 деца.



912

X