Анксиозноста и стравот се нормален дел од детството, а стравот е природна реакција на опасност или закана. Повремените стравови и вознемиреност се здрави, но детските анксиозни тешкотии се разликуваат од нормалниот страв или вообичаената анксиозност бидејќи вклучуваат поекстремно избегнување, поголеми емоционални реакции, ирационални мисли или ризични однесувања кои траат подолго од очекуваното. Децата со анксиозни нарушувања често имаат емоционални испади како плачење или бес.
Постојат неколку различни видови анксиозност кај децата:
Специфични фобии: стравот нè штити од опасност, па затоа одредена доза на страв кај децата е здрава и пожелна. Но, специфичните фобии се екстремни стравови кои се непропорционални со вистинската закана од опасност: од инсекти, од вештерки, темница итн. Специфичните фобии треба да се разграничат од нормативниот страв кој е својствен за одредена возраст и обично се проблем кога детето пројавува страв од нешто што е специфично за помала календарска возраст.
Сепарациона анксиозност: анксиозноста од одвојување е нормална и важна фаза од раниот развој . Анксиозноста од одвојување обично се подобрува до моментот кога децата ќе влезат во предучилишна возраст. Децата може да бидат загрижени за родителите или другите членови на семејството и да имаат проблем да одат на училиште или на кампови преку училиште на неколку дена или може да имаат проблем да се одвојат за време на спиење.
Паничен напад: децата имаат моменти кога чувствуваат екстремен страв и вознемиреност придружени со физички симптоми како забрзано чукање на срцето и вртоглавица или можеби се чувствуваат како да не можат да дишат. Овие напади на паника може да се појават без предупредување .
Социјално анксиозна тешкотија: на детето може да му биде непријатно кога одговара на час во училиште или се обидува да избегне интеракција со другите. Можеби дури и целосно ги избегнува социјалните ситуации.

Колку е честа анксиозноста кај децата и адолесцентите?
Анксиозните нарушувања се прилично чести. Според некои истражувања, 1 од 4 деца или адолесценти има анксиозност.
Симптоми и причини
Некои деца вербално се изразуваат во однос на нивната тешкотија: „Се плашам да одам на училиште затоа што ќе ми недостигаш“. Други можеби не знаат како да ги објаснат своите чувства. Но, децата покажуваат и знаци на анксиозност:
*Плачат повеќе од другите деца на нивна возраст.
*Се жалат на „пеперутки“ или болки во стомакот, болки во мускулите, градите или главоболка, гадење, повраќање.
*Изгледаат несреќно поголем дел од времето.
*Имаат тешкотии со спиењето, кошмарни соништа или бараат да спијат со родителите.
*Може да пројават тикови.
Понекогаш во комбинација со анксиозноста може да бидат присутни и депресивни симптоми, па оттука кај децата и адолесцентите може да има комбинација на анксиозно – депресивни симптоми:
* Доминирачки чувства на загриженост, страв, тага, раздразливост, бес.
*Појава на присилни мисли.
*Може да пројави ниско ниво на енергија или општ замор.
*Има негативен разговор за себе или ниска самодоверба. Често кажува дека не е доволно добар/а, се чувствува безвреден/а, вели дека никој не го/ја сака.
*Може да биде жртва на врсничко насилство, но и самиот/та да пројавува насилно однесување.
*Јаде повеќе или помалку од вообичаено.
*Присутни мисли за самоповредување, но и самоповредување.
*Во тешки случаи може да се појават мисли за самоубиство.

Симптомите може да варираат по интензитет, а како последица може да произлезе децата да не уживаат во училиште, спорт или во хоби во кое некогаш уживале.
Што предизвикува анксиозност и депресивни симптоми кај децата и адолесцентите?
Семејни обрасци (мајка, татко или други блиски роднини имаат слични симптоми).
Хронична болест или хендикеп.
Неусогласени родителски ставови.
Презафатеност на родителите, односно дистанциран однос со нив преку мала одговорност околу децата, малку поминување време со нив.
Стресни семејни животни настани како сепарациона криза, развод, преселба, војни, смрт на некој близок, тајни во семејството итн.
Злоупотреба на супстанции или други зависности, како и премногу поминување време пред екрани.
Врсничко насилство или насилство во семејството (физичко, вербално, сексуално или пасивно насилство – занемарување или запоставување) или изложување на други трауматски искуства.

Оваа состојба може полесно да се надмине доколку навремено се забележи и се работи активно за нејзино надминување. Стручните лица кои најсоодветно може да помогнат се психолог, детски психијатар или психотерапевт. Најчесто најдобри резултати се добиваат со игровни техники или разговор со психолог, односно психотерапија, но во консултација со детски психијатар и евентуално вклучување лекување со медикаменти. Но задолжителна е работата со целото семејство, а не само со децата.
Искуствата при работа со адолесцентите, особено со анксиозно-депресивни симптоми покажува дека родителите честопати ненавремено реагираат или подоцна ги забележуваат промените кај нивните деца. Адолесцентите честопати ги кријат своите самоповредувања од страв да не бидат казнети или се чувствуваат недоволно разбрани од своите родители. Или, пак, стравуваат да не ги растажат или разочараат своите родители.
Иако овие моменти за родителите можат да бидат особено вознемирувачки, доколку се случи некое дете или адолесцент да сподели со родителите за своите чувства, мисли или постапки, неопходно е првовремено родителот да се заблагодари за искреноста и да го сослуша своето дете, реагирајќи смирено, без да го обвинува.
Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник