Домашната работа на учениците им се задава со цел – продолжување на работата на часот со самостојна работа на ученикот. Се очекува дека на тој начин учениците ќе ги продлабочат своите знаења, вештини и навики, а со тоа ќе стекнат чувство на одговорност кон учењето и се придонесува за самообразование и подобри резултати.
Се смета дека задавањето на домашните задачи е една од најслабите точки во наставната практика, па затоа и учениците неретко имаат одбивност кон пишувањето на домашните работи. Наставниците одвојуваат многу краток временски период за задавање на домашните задачи, кои претходно не се доволно испланирани, па на учениците им се посочува само која задача од учебникот треба да ја изработат или да научат одредена лекција, а со тоа често доаѓа и до задавање задачи кои немаат јасни и експлицитни барања, доста се обемни и несоодветни за возраста на ученикот, па е потребна дополнителна помош од родител/старател или пак бараат дополнителни финансиски трошоци.
Најчести проблеми на кои треба да се стави акцент се обемот и тежинското ниво на домашните задачи. За да можат да се намалат овие проблеми, потребно е задачите да бидат оптимални, односно ни преголеми ни премали, и да бидат во сооднос со возраста и нивото на знаење со кое располагаат учениците. Во поголем број од случаите станува збор за нејасни и преобемни домашни задачи, кои се на повисоко мисловно ниво и можат да дадат само негативен ефект. Со ова се доаѓа до намалување на интересот и самодовербата, односно ученикот ќе се чувствува неспособен и демотивиран да напише домашна работа или едноставно нема ни да се обиде. Спротивно на ова, домашните задачи со помал обем се многу лесни, учениците ги решаваат само формално затоа што од нив не се бараат повисоки мисловни способности.
Овие проблеми сега се јавуваат сè почесто, откако учениците следат онлајн-настава, затоа што наставникот нема целосен преглед на целокупната работа на учениците, усвојувањето на содржините и темпото на учење. Наставникот треба да испланира колку време ќе му биде потребно на просечниот ученик за изработување на домашната задача, а притоа да земе предвид дека ученикот има домашна работа и по другите предмети. Доколку станува збор за пониските одделенија во основно училиште, постојат голем број истражувања кои покажуваат дека домашните задачи им се дополнителен товар на учениците и дека врската помеѓу домашните задачи и академскиот успех е минимална. Затоа се препорачува домашните задачи да одземат 10-30 минути од слободното време, а потоа во сооднос со возраста времето се зголемува, но не смее да биде повеќе од два часа дневно.
Ангела Икономоска
За домашните работи да го постигнат посакуваниот ефект, потребно е да бидат во корелација со наставните содржини, да се во функција на остварување очекувани резултати од учењето, да се обезбедат, пред сè, јасни инструкции, да им се посочат на учениците информации и материјали кои ќе им помогнат за полесно изработување, да бидат интересни и да ги поттикнат учениците на понатамошно истражување и стимулирање на креативноста и треба да се задаваат задачи во парови или групи. Уште еден многу важен сегмент е давањето повратна информација за извршената домашна работа. Тоа може да се направи, на пример, преку групно читање на домашната задача, меѓусебно проверување во парови или со класична проверка од страна на наставникот. На овој начин и самите ученици ќе можат полесно да оценат колку успешно ја изработиле домашната работа.
Исто така, треба да биде јасен фактот дека домашната работа се задава за да ја извршат учениците, а не родителите. Родителот е оној што има големо влијание при пишувањето или изработувањето на домашната работа. За да му помогне на своето дете, потребно е да му обезбеди пријатно, тивко и мирно место, каде што детето ќе може концентрирано да се посвети на домашната задача. Родителот треба да има позитивен став кон домашната работа, да обезбеди прибор, да дава помош при организирање на времето, да го надгледува и насочува детето кон одговорот, а зависно од тежината на домашната работа, да прави континуирана или повремена проверка, да дава совети за полесно постигнување на целта и повремено да го награди, пофали своето дете.
Наставниците и родителите се оние што можат да му помогнат на ученикот да не чувствува одбивност кон домашната работа и да не ја гледа како обврска, туку тоа да му стане еден вид рутина, која секој ден успешно ќе ја исполнува.
Автор: Ангела Икономоска, педагог
912