Андреј Стојановски, 15-годишен ученик во средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, ќе биде дел од тимот што ќе ја претставува Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, која ќе се одржи од 12 до 21 декември оваа година во Абу Даби

Трендот за слаб интерес кон природните науки не е нов. Математиката, хемијата, физиката се науки од кои младите најчесто бегаат, иако се едни од најпросперитетните кои можат да донесат добра професионална иднина за нив.
Сепак, има млади кои во овие науки уживаат, но она што е поважно – преку нив ги освојуваат светските центри. Тоа се млади кои далеку од очите на јавноста своето знаење го мерат со светските образовни центри на светски натпревари и таму нижат успеси за себеси, но и за Македонија.

Таков пример е Андреј Стојановски,15-годишен ученик во средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, кој е дел од тимот што ќе ја претставува Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, која ќе се одржи од 12 до 21 декември 2021 година во Абу Даби.

Натпреварите ги засакал уште кога бил четврто одделение, кога му се укажала можноста да оди на еден од нив по предметот математика.
Откако почнал да се натпреварува, има освоено многу награди на општинските, регионалните и на државните натпревари од различни области на природните науки.

– Најважна досега е претстојната Олимпијадата и секако пласманот на неа – вели Андреј.
Сепак, одлучно кажува дека физиката му е омилената наука.

– Верувам дека физиката го ,држи клучот за разбирање на универзумот, на сите појави околу нас. За да можеме сè да објасниме, треба многу детално да ја познаваме физиката. Модерната физика е најпредизвикувачка зашто не можеме реално да ги видиме работите, односно голем дел се базира на теории и претпоставки, за разлика од, на пример, кинематиката – додава младиот физичар.

Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки

Според него, диплома за учество или медал на оваа Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки вреди многу, што сигурно би му помогнало и за наредни успеси.За жал, поради пандемијата на ковид-19, ова издание на Олимпијадата ќе се одржи онлајн, што ќе биде ново за целиот тим. Но, сепак, на овој натпревар ќе бидеме со истото знаење со кое би отишле и таму, па нема да ни биде некоја тешкотија. Ќе беше поинтересно да одевме во Абу Даби за да ја видиме нивната култура, држава и слично -објаснува Андреј.
За овој пласман, според Андреј, потребна е голема подготовка, не само индивидуална, туку и со помош на професор.
Смета дека зад секој добар ученик стојат уште подобри професори, а тоа најмногу се гледа на натпреварувања од ваков тип.

– Оваа олимпијада ќе биде голем предизвик, таа е една од најпрестижните за мојата возраст, а тоа ми дава уште поголема мотивација за успех. Се борат најдобрите од најдобрите. Свесен сум дека конкуренцијата ќе биде на врвно ниво, но, исто како во спортот, секогаш е поинтересно и повеќе се радуваат луѓето кога ќе победи некој за кој нема претходно да се очекува – додава тој.

Желба да ги направи среќни најблиските

Освен што ужива во натпреварите по физика, Андреј свири на гитара, сака да гледа добар фудбалски натпревар, а уште повеќе сака да игра фудбал.
Вели дека другарите му ја даваат најголемата поддршка и мотивација за време на натпреварите.
Сепак, желбата за натпреварување му е поттикната од тоа да знае повеќе од другите, од љубопитноста, како што самиот вели, за суштинско разбирање на нештата, а не само површно.

– Имам желба да направам некого среќен со мојот успех. Најмногу сакам најблиските да се горди. Сакам тие да имаат причина да се гордеат со мене. Тоа се луѓето што постојано стојат зад мене – објаснува тој.

Ќе создава идни генерации на физичари

Иако е на почетокот на средношколското образование, Андреј е одлучен – физиката ќе биде неговата професионална определба. Посакува да ги создава идните генерации на научници во светот.

– Сакам да бидам професор по физика. Ако не успеам да станам врвен физичар, барем да ја создавам наредната генерација на физичари – вели тој.

Амбиција му е во иднина зад себе да остави квалитетни студенти, кои ќе имаат уште поголеми достигнувања од него.

– Верувам дека зад секој добар ученик стои уште подобар професор – заклучува младиот физичар.

Фото: приватна архива



912

X