Секој ден се трудам да поминам барем еден до два часа со шахот. Двапати неделно имаме часови во клубот, имам додатни часови со мојот тренер по шах – интернационалниот мајстор Орце Данчевски, а кога работам дома сам, користам неколку познати шаховски програми или онлајн-платформи, вели Андреи

Уште од четири години, кога првпат го видов дедо ми како игра шах со неговиот сосед, ми се допадна играта и ми го привлече вниманието. Оттогаш речиси секој ден играм шах или решавам шаховски задачи, вели Андреи Калин, шестоодделенец од Скопје, актуелен шампион во шах за негова возраст. Тој е ученик во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје, каде што изучувањето на шахот е рамноправен предмет со сите други во наставата.

Андреи Калин

На последниот Државен натпревар за деца и младинци, кој се одржа во Охрид кон крајот на август, Андреи се натпреваруваше во групата за момчиња до 12 години. Иако конкуренцијата беше голема, а натпреварот – неизвесен докрај, сепак, го освои првото место.

– Од девет партии немав изгубено ниедна, победив во шест, а три партии завршија со реми (нерешен резултат). Партиите беа доста изедначени, противниците беа добро подготвени и не беше лесно да се стигне до првото место и да се освои победничкиот пехар. Многу бев радосен по победата, особено зашто ова ми е втора година по ред да станам државен првак, откако лани победив во категоријата за момчиња до 10 години – вели Андреи.

Тремата брзо ми поминува

Тој е член на шаховскиот клуб „Центар“ од Скопје. На часови или на кампови покрај тоа што играле шах и им било забавно, партиите му помагале подобро да научи да игра шах и да ги совлада грешките што ги повторува.
– Најмногу играм шах со дедо ми, понекогаш и со брат ми, но бидејќи тој е помал, најчесто го подучувам и му помагам за време на играта – вели тој.

Тремата е нормален дел од целиот процес, особено пред натпревар, и особено ако станува збор за значајни натпревари, како државно, европско првенство или, пак, екипни натпревари.

– За време на екипните натпревари чувствувам многу поголема одговорност да изиграм добро, да не ги разочарам другарите од екипата и да донесам поен за екипата. Добро е што по првите неколку потези тремата ми поминува, можам да се сконцентрирам на партијата и да се потрудам да изиграм најдобро што знам – искрено вели Андреи.

Што најмногу го привлекува во шахот? Најмногу тоа што му дозволува да биде креативен, да размислува логички и постојано да бара решенија за проблемите во текот на партијата, како и да ги предвидува плановите на противникот. Тој додава дека сите овие карактеристики се неопходни и во секојдневниот живот.

– Иако не изгледа така, шахот може да биде многу динамична игра. Во една позиција има многу идеи и планови како да се изигра за да се дојде во подобра позиција и да се освои некоја противничка фигура. Секој ден се трудам да поминам барем еден до два часа со шахот. Двапати неделно имаме часови во клубот, имам додатни часови со мојот тренер по шах – интернационалниот мајстор Орце Данчевски, а кога работам дома сам, користам неколку познати шаховски програми или онлајн-платформи – вели Андреи.

Самиот посака да почне со часови

На училиште најмногу сака да учи математика, шах, информатика и англиски јазик.

– Во математиката и во информатиката ми се допаѓа тоа што и двата предмети бараат креативност и логичко размислување, кое е заедничко и за шахот. Јазиците ме влечат уште од мал, можеби затоа што татко ми е Романец и од најрана возраст паралелно со македонскиот го учев и романскиот јазик – вели тој.
Мајка му Александра Гакидова вели дека неговиот талент го открил неговиот наставник/тренер во прво одделение.

– Благодарение на задолжителните часови по шах во неговото училиште, имаше можност негов наставник да биде еден од најдобрите тренери во Македонија за деца – Орце Данчевски. Од 7 години почна да тренира шах и да работи повеќе со неговиот тренер, за веќе на 8 години да биде второпласиран на Државното првенство во шах во категорија на момчиња до 8 години – вели Александра.

Таа се потсетува дека Андреи самиот инсистирал мајка му да го однесе на часови по шах.

– Интересно беше што првпат кога требаше да го носам на часови (кога имаше седум години), не сум ги разбрала добро термините за часовите по шах и тргнав да го носам на шах во петок, иако тие имаа тренинзи секој понеделник и среда. Мислејќи дека намерно правам така за да го „откачам“, по пат цело време ми викаше дека сум била лоша мајка, дека намерно го носам во петок зашто не сакам да го носам на шах итн. Нормално, кога стигнавме, наидовме на затворена врата, на што тој сам ми кажа: „Ете, ти реков, ти мене ништо не ме слушаш“. Морав да му ветам дека ќе го донесам во понеделник и така оттогаш започна неговата дружба со шахот – се смее мајката на Андреи.

Таа додава дека шахот има многу позитивно влијание во растењето на Андреи, иако понекогаш е тешко да го гледаш детето да го носи целиот тој психолошки товар сам затоа што за време на партијата сам е одговорен за секој добар или лош резултат. Сепак, преку шахот се развиваат многу позитивни особини.
– Неговиот тренер често им вели: „Шахот те учи секој пораз да го претвориш во лекција затоа што секоја шаховска партија се анализира и се анализираат потезите, се согледуваат грешките, се учи и се напредува“.

Поважни резултати на Андреи Калин

1. Второ место на Државно првенство во шах за деца и младинци во категорија до 8 години во 2017 година.
2. Прво место на Државно првенство во шах за деца и младинци до 10 години во 2019 година.
3. Прво место на Државно првенство во шах за деца и младинци до 12 години во 2020 година.
4. Прво место на меѓународниот шаховски турнир „Квалитет“ во категорија до 10 години.
5. Прво место на турнирот во забрзан шах за деца од I до V одделение на ниво на град Скопје во 2019 година.
6. Прво место со екипата на Гамбит на меѓународниот шаховски турнир одржан во Бугарија во 2018 година, каде што учествуваа екипи од Србија, Бугарија и Македонија.
7. Трето место на екипниот турнир на балканските градови одржан во Грција во 2019 година каде што учествуваа екипи од Грција, Бугарија, Србија и Македонија.
8. Прво место на сениорската втора шаховска лига на Македонија со МШК „Центар“, со што беа вистинско изненадување затоа што успеаја да го освојат првото место во сениорска конкуренција, иако нивната екипа беше составена главно од деца и младинци до 16 години.



912

X