За мене, скоро секој ден е исполнет барем со 15 минути јога, бидејќи навистина го менува текот на секојдневието на подобро. Ако го одвојам тоа време за себе пред сите други обврски да ме преплават, веќе имам една победа во денот, и се тече полесно. Резултатот е многу посмирена, сталожена, посреќна бременост, вели Ана

Ана Ивановска не пропушта ден да не се истегне, извежба, измедитира, барем 15 минути. И вели дека после тоа сѐ оди полесно, после тоа текот на секојдневието ѝ се менува на подобро.
И во осмиот месец од бременоста јогата е задолжителен сегмент од нејзинот ден, кој медитативно делува на нејзиниот личен развој, физички и психички. Таа е уште еден позитивен и охрабрувачки пример за сите трудници и идни мајки да се грижат за себе и да вежбаат во текот на бременоста.

-Буквално од мојот ментален став и енергија зависи каква душа ќе привлечам, и донесам на светов – вели Ана.

Јога без пауза

Прв пат се сретнала со јогата во средно. Практикувала јога, но и планинарење, алпинизам, фитнес. Оттогаш активно се занимава со спорт, веќе 12 години.

-Во 2017 година, после серија неубави животни настани, и еден убав настан – породување со син ми Марко, одлучив дека морам пак да се вратам на себе, да си посветам време за душата и менталното здравје, а спортот сам по себе не ми беше доволен за тоа. За среќа налетав на преубавата енергија на мојата инструкторка Неда. Мило ми е што го послушав инстинктот, и тогаш почнав интензивно да вежбам јога, скоро секој ден да навлегувам подлабоко и завршив обука за јога учители. Последниве 4 и пол години држам часови – споделува Ана.

Сепак таа не држи часови за трудници, но како трудница цела бременост без изостаноци ја практикува и ги одржува своите вообичаени часови.

Познато е дека јогата и бременоста имаат меѓусебна кохезија, а токму таа поврзаност ја потврдува и Ана.

-За мене, скоро секој ден е исполнет барем со 15 минути јога, бидејќи навистина го менува текот на секојдневието на подобро. Ако го одвојам тоа време за себе пред сите други обврски да ме преплават, веќе имам една победа во денот, и се тече полесно. Бременоста и јогата имаат кохезија. Бременоста е многу специфичен период, каде веќе не сум одговорна само за сопствената благосостојба, туку и на бебето што го носам, не само на физичко ниво, со здрава храна и вежбање. Буквално од мојот ментален став и енергија зависи каква душа ќе привлечам, и донесам на светов. На нашите часови, со медитација култивирамe повисоко ниво на свесност. Доколку со свесност и набљудување на моите емоции им пристапам на сите хормонални промени кои морам да ги поминам, и успеам себеси да се видам објективно од страна, во најжестоките моменти на анксиозност, страв и лутина, одбирам подобри начини на реакција на истите ситуации. Резултатот е многу посмирена, сталожена, посреќна бременост – детално ни објаснува таа.

Ментално подготвена за породувањето

Убавото чувство после јога е заразно чувство, дополнува Ана, го пренесуваш на луѓето околу тебе и те тера да пробаш пак да го предизвикаш на следниот јога час.
А кога станува збор за директните и конкретни бенефити од јогата таа набројува дека е посмирена, физички пофит и ментално многу поподготвена за породувањето.

-Дисциплинирана сум и посветена на праксата, но, исто така, знам и да направам пауза кога телото ми бара одмор. Станав многу почувствителна на микро промените кои ги доживувам секој ден, а со тоа имам и побрза соодветна реакција, научив да разликувам болка/ неудобност која треба да се издржи и е нормална при вежбање, и болка која значи дека треба да отстапам и да не форсирам. Јогата ми разви и поголема емоционална интелигенција, поголема осетливост на енергиите на луѓето околу мене. Се чувствувам поповрзана со природата и со поголема емпатија и љубов го гледам светов – раскажува Ана.

Вежбите за колкови се прават внимателно

Вели дека јогата е безбедна во секој триместар, доколку се земат предвид потребите на телото во секој триместар одделно.

-Во првиот триместар си продолжив без промени на мојата редовна рутина, избегнував само скокање и нагли движења. Во вториот триместар престанав со вежби кои бараат да лежиш на стомак, и вежби за јадро од типот на Navasana / crunches, за да не ја влошам поделбата на стомачните мускули која се случува природно во бременост. Во третиот триместар промените на телото се многу поголеми и затоа и бараат поинаков пристап. Тогаш се избегнуваат сите вежби каде стомакот притиска врз нозете, длабоки усукувања на р’бетот, шпаги и- малку нелогично звучи, но без отварање на колкови. Вежбите за „отворање“ на колковите треба да се прават со резерва и зголемено внимание, бидејќи може да предизвикаат болка и нестабилност во колковите и карлицата, иако на прв поглед звучи логично дека колковите треба да се што пофлексибилни за полесно породување, во реалност многу јога учителки имаат проблем при породување заради хипермобилност, а недоволно силни мускули на тој дел од телото. Затоа, потребен е оптимален сооднос на сила и подвижност во тој дел од телото – подвлекува Ана.

Крија техники секој ден

Таа до сецмиот месец од бременоста паралелно вежбала фитнес и јога, а после тоа продолжила само со јогата, бидеќи вели бебето почна да прави притисок во карлица, и почнала да и се појавува голема болка во тој дел.

-Од релаксинот кој е хормон што се лачи за да се подготви телото за породување, станав многу пофлексибилна во сите зглобови, и за да се заштитам од поголема повреда, го сменив типот на вежби кои ги практикувам редовно. Секако дека секоја бременост е различна, ова е моето лично искуство. Првата бременост ми беше сосема поинаква, одев редовно на планинарење без никаква болка. Во третиот триместар правам вежби за мускулите на карлично дно, не само Кегеловите вежби, кои во јога ги викаме „мула бандха“, туку и сите видови кои вклучуваат внатрешна ротација на колковите, потоа нежни твистови за р’бетот, вежби за флексибилност на торакален р’бет и рамењата, каде чуваме најголема згрченост и страв, вежби за зајакнување на мускулите на долен дел од телото, кои ја носат целата дополнителна тежина од бременоста, и секако медитации, визуелизации и крија техники – вели Ана.

Моментално е во 8-ми месец, и нејзината јога пракса се состои од крија техники кои ги прави секој ден, 40 дена по ред, и редовните „паур јога“ часови, кои ги држи на нејзината група три пати неделно.

-Секои 40 дена правам различна крија, која се состои од положба на телото (асана), мудра, и мантри, кои се по точен редослед, со траење од 11 до 30 мин. Искрено, ми недостасува целосниот тренинг 6 пати неделно, но понизна сум за промените кои телово мора да ги помине за да донесе некого на свет, и си ги прифаќам како нормални. За мене е најголемото чудо на природава што телото само си е дизајнирано да може во овој период да работи дупло понапорно за од клетка да создаде уште еден цел човек, и сум благодарна што можам да го искусам тоа преку здрава бременост – соделува таа.

Мантра за заштита

Нема покомплетна пракса која позитивно влијае и го обединува секој аспект од човечкото битие, физички, психички, духовен, став кон животот, начин на исхрана, состојбата на умот, вели Ана.

-Кога сме кај омилени вежби периодов моментално криите за трудници од Јогу Бхајан ги правам најчесто наутро, и буквално за 11 минути ми го менуваат цел ден кој ме очекува на подобро, со сите свои обврски, работа 8 часа, грижа за уште едно дете дома, домашни обврски и часови кои ги држам попладне. Ме прават порасположена и некако се ми оди полесно. Работам како 3Д/ 2Д артист и морам да сум пред компјутер долго време. Тогаш знам да си пуштам јога мантри на слушалки, и навистина имаат ефект, мислам дека ја ми го менуваат расположението и ме прават пофокусирана и попродуктивна. Чатр Чакр варти
е крија техника која досега имала најголемо позитивно влијание врз мене, и Раке Ракнхар од Џаи Џагдиш. Тоа е мантра за заштита, бидејќи се верува дека мајките имаат посебна моќ кога сакаат да ги заштитат децата – информира Ана.

.Јога филозофија и надвор од часовите

Огромно влијание имаат медитациите и визуелизациите. Доколку мајката ги практикува редовно, ќе влезе многу посвесно и смирено во целиот чин, со препуштање- наместо давање отпор, на контракциите како дел од природниот процес.

-Јас лично сакам да читам книги од јога филозофија, затоа што ми го менуваат погледот на светот. Последната моја прочитана книга, „Тантра“ од Ошо ја препорачувам на секого.
Умот на трудниците е исполнет со милион мисли за можни исходи и сценарија, што е сосема нормално, но не значи дека не може да се влијае на тоа. Со медитација, и постојано, трпеливо враќање на сегашниот миг пак и пак, секој пат кога ќе залута, го учиме умот дека само сега постои. Со особено убава енергија ме полнат моите јога студенти, кои знаат дека секој најмал напредок го славиме заедно. Надвор од јога часовите, се трудам да си ја пренесам јога филозофијата во секојдневниот живот. Да се опкружам со луѓе кои ме расположуваат, да играм на музика со син ми дома, да се смеам од срце, да застанам за да ги мирисам липите на Партизанска месецов, да уживам во секој залак јагоди, бидејќи кога ќе се породам, заедно со бебето, и јас ќе се родам уште еднаш како нова личност – мајка на две момчиња – вели Ивановска.

Јогата за трудници се посебен вид на пракса

Како што зборува таа јогата за трудници е посебен вид пракса, која треба да биде водена од инструктор обучен за овој специфичен период, и не мисли дека е доволно само да се модифицира редовната пракса.На овие часови, освен физички вежби кои даваат оптимален спој меѓу сила и флексибилност на ткивата кои се вклучени во породувањето, потребна е и ментална припрема за тој настан што го чекаме 9 месеци. Потребно е вистински да се научат техники на дишење за породување, кои во првата фаза се многу слични на „ујјаи“здивот кој го користиме на јога часовите. Тие за многу кратко време го смируваат пулсот и нервниот систем, ја намалуваат анксиозноста, а со тоа ни даваат и свесна контрола во најинтензивните контракции, и буквално можат да го сменат сосема породилното искуство низ кое проаѓаме – дополнува таа.
Во исто време бебето дирекно ги искусува сите емоции низ кои мајката поминува за време на бременост.

-Јога филозофијата не учи дека голем дел од траумите низ кои проаѓаме во текот на цел живот се предизвикани уште додека сме биле во стомакот на нашите мајки. Со редовна пракса се верува дека ја чистиме кармата и со тоа обезбедуваме поубав старт на животот на бебето – истакнува Ана.



912

X