Американката Крис Бакхаут ја посетила Барселона и била воодушевена од начинот на кој шпанските родители ги воспитуваат своите деца. Забележала дека родителите во Европа се многу побезгрижни, а во паркот што го посетила сфатила и зошто.
-Ние, Американците, сме понервозни и навистина не знаеме како да бидеме опуштени родители – рекла таа.
Бакхаут ги снимила родителите како стојат и разговараат, додека нивните деца си играат во детски парк во Барселона. Некои родители се лулале со нивните деца в скут. Имало и такви кои престојувале во барот од блиското кафуле.
-Се чини дека нивните деца не управуваат со семејната динамика. Наместо тоа, тие коегзистираат едни со други. Тоа е подобро за децата – истакнала таа.
Детскиот психолог Ана Азнар објаснила дека постојат големи културни разлики во родителството.
-Американските родители ги воспитуваат своите деца да бидат независни, додека во колективистичките земји целта е да се вклопат – рекла Азнар.
Таа смета дека во САД се претпочита многу интензивен начин на родителство.
-Родителите вложуваат многу во однос на ресурсите, времето и емоциите во своите деца. Има многу причини за тоа: родителите немаат блиско пошироко семејство, луѓето стануваат родители многу подоцна, пообразовани се и сакаат добро да работат, бидејќи родителството е важно за нивниот идентитет. Исто така, широко е распространета идејата дека родителите треба да бидат совршени. За разлика од тоа, во Шпанија семејствата ги има сè помалку, но семејството е сè уште јадрото на општеството – додала таа.
Таа вели дека во Шпанија децата се добредојдени насекаде, вклучително и на местата каде што се консумира алкохол.
-Интензивното родителство кое се практикува во САД има негативен ефект и врз децата и врз родителите. Мораме да им дозволиме на нашите деца да не успеат и да учат од своите грешки, за да научат да се справуваат со фрустрациите и да станат издржливи. Кај родителите тоа може да доведе до исцрпеност и чувство на вина и изолација – објаснува Азнар.
Бакхаут рекла дека заминува од Шпанија со спомени и нова перспектива врз воспитувањето.
-Не можам да кажам дека две недели во друга земја може да сменат речиси седум години од нечиј родителски стил, но се надевам дека ќе донесам дома повеќе трпение, доверба и сочувство кога се во прашање моите деца – заклучила таа.