Игротека

Дали е дискриминација ако некое дете од одделението не добие покана за роденден?

Минатата година во Србија беше донесен Закон за основите на системот на образование и воспитување (ЗОСОВ) со кој се уредуваат претшколското и училишното образование како дел од реформските процеси во образовниот систем. Врз база на овој закон беше изготвен и Правилник за постапување на установите во случај на сомнеж или утврдено дискриминаторско однесување и повреда на честа, угледот или достоинството на личноста на учениците.
Целата забуна околу овој подзаконски акт, пишува српска „Политика“, настана по претставувањето на одредбите пред јавноста од Весна Неделковиќ, помошник-министер за просвета за претшколско и училишно образование во Србија, која како пример за дискриминаторско однесување го посочи и непоканувањето на сите деца од одделението на роденденска забава од страна на родителите.

Дали им се наложува на родителите да ги поканат сите деца?

По ова следуваше вистинска експлозија од реакции во медиумите и на социјалните мрежи, при што родителите со право се прашуваа дали министерството на овој начин им налага да ги поканат сите деца од одделението на роденденските забави на нивните деца.
Од министерството соопштија дека се работи за невешто толкување за начинот на „воведување“ на рамноправност на учениците во градинките и во училиштата, потенцирајќи дека примерот што го навела Недељковиќ бил необврзувачки. Таа  признава дека го навела тој пример за можна дискриминација, но дека нејзината изјава била „извадена“ од контекст.

– Што се однесува до примерот со поканите за роденденска забава, се работи, да се надеваме, за случајна замена на тези од страна на одредени медиуми. Во Правилникот никаде не пишува дека некој мора сите деца да ги покани на роденден. Родителите можат да поканат кого сакаат. Суштината е во начинот на делење на поканите на час, кога се присутни сите ученици и учителката. Не можете да давате покани прескокнувајќи едно, две или неколку деца поради нивните лични карактеристики. Се работи за деца на помлада возраст, кои не разбираат зошто некој ги издвојува од групата и тоа кај нив може да предизвика чувство на отфрленост и неприфаќање, па може да бидат повредени и тажни. Тешко е да им се објасни зошто се разликуваат и зошто никој не ги сака. Примерот што се појави во медиумите се однесуваше исклучиво на делење покани на час, во присуство на учителката – истакна Недељковиќ.

Ако постои сомнеж за дикриминаторско однесување на вработен во градинка, училиште или во училиштен дом, неговата одговорност се утврдува по пат на дисциплинска постапка. Доколку постојат индикации дека некој ученик сторил повреда на законската забрана за дискриминација, за тоа ќе одговараат неговите родители, и тоа пред суд за прекршоци. Ако родителот или некое трето лице извршило дискриминација, неговата одговорност се утврдува пред Бранкица Јанковиќ, повереник за заштита на рамноправноста или во судска постапка.

Дискриминација е и потсмевање со ученик, намалување на оценката…

– Претпоставувам дека претставниците на министерството го навеле овој пример во намера симболично да укажат на проблемот со можно исклучување на децата. Она што е позитивно е намерата и одлучноста да се спречи дискриминаторското однесување, а како ќе се спроведува правилникот во практика, останува да видиме – истакна Јанковиќ.

Во Правилникот како примери за потежок вид дискриминација се наведуваат и потсмевањето со ученик кој побарал заштита од дискриминација, неоправдано намалување на оценката на ученик чиј родител пријавил дискриминација над детето, пишување расистички, ксенофобични, антисемитски, антиисламски, хомофобични, сексистички пораки или симболи во училиштето, градинката или во непосредното опкружување.
Во оваа група спаѓа и повик за насилство над припадниците на ЛГБТ-популацијата преку социјални мрежи, потсмевање со ученици, родители и вработени во училиштето кои спаѓаат во ранливите општествени групи.

Новиот подзаконски акт ги санкционира и потсмевањето на другарчињата од одделението, пеење песни или кажување шеги кои ги навредуваат, испраќање навредливи пораки преку мобилен или компјутер, игнорирање, одбивање да седат во иста клупа со другарче поради неговиот изглед, национална припадност или инвалидитет.
Во делот со казнени одредби се наведува дека директорот на образовната установа има обврска да преземе со закон утврдени мерки и активности кон вработен, родител или трето лице и да ја пријави дискриминацијата пред надлежните државни органи. Ако не го направи тоа, тогаш директорот е одговорен за непреземање или неблаговремено преземање соодветни мерки против дискриминација, и во тој случај министерот го разрешува од должноста.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top