Од Министерството за образование и наука велат дека класична онлајн-настава во моментов не е опција

Подготвувам појадок, работам пред компјутер, учам со детето, готвам ручек, играм со помалото дете. Онлајн-настава не е вистинскиот збор за да се опише како се одвива деновиве наставата во Македонија, раскажува Марина С. Од Скопје, мајка на основец во пониските одделенија.

Наставник држи лекција на платформата www.akademi.al

Поради состојбата со коронавирусот во земјава и превентивните мерки за заштита, од средата се затворени сите образовни институции. Од вчера се емитуваат едукативни содржини на Македонската радио-телевизија, но тоа е далеку од редовно следење на наставата во сите девет одделенија од основното образование. Приватните училишта во земјава беа подготвени и веднаш се префрлија на настава од дома и не доцнат со материјалот. Се екипираат и земјите од регионот. Албанија е предводник во наставата онлајн. На националната телевизија во Албанија веќе се емитува настава за речиси сите возрасти во неколку термини во текот на денот. Наставата е достапна и на посебен канал на „Јутјуб“, каде што може да се погледнат лекции по природни науки.

Видеа се емитуваат и на „Фејсбук“.

До вчера вкупно 90 проценти од училиштата или 89 отсто од сите ученици во Бугарија преминаа на онлајн-учење поради коронавирусот, соопшти бугарскиот министер за образование Красимир Валчев.

Во земјава секаде е различно. Вчера неколку скопски општини објавија дека обучуваат наставници за онлајн-настава. Но, тоа подразбира само испраќање материјали и прикачување на содржините на интернет, кои родителите, или учениците од погорните одделенија, ги преземаат и самостојно ги работат дома.

– Денеска добивме материјали, на веб-страницата на училиштето може да се преземе сè што треба да совладаме од дома. Добиваме материјали поединечно, за секој предмет. Потоа сè што сме сработиле ѝ го враќаме на наставничката. Ова е начин да не се пропушти материјалот, но далеку е од онлајн-настава – вели Марина С. од скопската населба Кисела Вода.

МОН прави план на наставата до завршувањето на учебната година

Од Министерството за образование и наука велат дека класична онлајн-настава во моментов не е опција.
– За тоа не постои правна регулација, но треба да имаме предвид дека спроведувањето на ваков тип настава зависи и од повеќе други фактори. Не сите деца, особено најмалите основци, поседуваат, користат и знаат да ракуваат со ИТ-уреди или, пак, имаат концентрација да следат онлајн-настава. Исто така, воведувањето онлајн-настава е детерминирано и од поставеноста и квалитетот на интернет-мрежата која, сакале или не, мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и во руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба – велат од МОН.

За секое одделение се прикачени материјали што може да се преземаат

Тие тврдат дека со сите засегнати, надлежните институции и партнерски организации, се заложиле да изнајдат начини за неформална едукација кои ќе бидат достапни за најголем број ученици. Од вчера на МРТВ се емитува едукативната програма „ТВ Училница“.

– Ова е неформален тип на образование, кој секако не може да го замени формалниот воспитно-образовен процес, но е добра алтернатива за исполнување на времето на децата со корисни и едукативни содржини додека седат дома – велат од МОН.

Тие најавуваат дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука и со Министерството за труд и социјална политика, во согласност со одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година, а наскоро ќе ги соопштат и деталите.

Децата различно го доживуваат авторитет на наставниците и на родителите

Гордана М. е мајка на деца од скопската населба Карпош. Таа го раскажува нивното секојдневие.

– Деновиве се грижам за трите деца и работам колку што можам од дома. Двете одат на училиште, а најмалиот е во градинка. Се трудам децата да се анимираат, да читаат, да имаат домашно и добиваат наставни листови. Но, не си правам преголем притисок дека сѐ што добиваме на е-пошта треба да го завршиме, затоа што реално не е изводливо, а и децата се доста оптоварени со предмети и настава и во нормални услови. Ќе беше многу подобро доколку имавме вистинска онлајн-настава, со точен час на предавање. Децата имаат целосно различен авторитет кон наставниците и родителите. Вака дознаваме колку многу вреди работата на наставниците секојдневно. Времето треба повеќе да го користиме за да се дружиме по дома и да правиме работи за кои вообичаено немаме време – објаснува таа.

Разговарваме со Ирена Милошевска, Македонка која неколку години живее во Германија. Во оваа земја наставата се одвива различно во секоја покраина. Тие живеат во Хам, близу Диселдорф. Децата се пуштени дома две недели, бидејќи и според календарот имаат редовен распуст од 14 дена, па засега ќе бидат дома 5 недели.

Наставничка од Албанија, додека држи час онлајн

– Секој ученик добива е-пошта од наставничката со материјал за учење по секој предмет. Со материјалот ученикот добива и домашна задача. Домашната не ја испраќа назад, но мора да ја заврши бидејќи по кризата, секоја домашна ќе биде прегледана и ќе влезе во досие. Учителката секој втор ден мора да им се јави на родителите и да зборува со ученикот дали има тешкотии со материјалот. Ако има, му праќа дополнителни објаснувања. И секоја домашна и материјалот се приспособени за афинитетите и капацитетите на ученикот, како што впрочем е и во редовната настава – објаснува Милошевска.

Поголемото дете, исто така основец, учи од посебна апликација на која пристапуваат. На апликацијата ги има сите предмети од секоја година посебно. За секој ден има прикачено документ што треба да се сработи. Секој ученик го отвора, учи, па ја пишува домашната.



912

X