Игротека

Активности на море корисни за говорот, сензорната интеграција и психомоторниот развој на детето

Забавата на плажа претворете ја во учење. Погледнете ги предлозите на логопедот Наташа Чабаркапа од Србија за корисни активности на летување.

Ретко кое дете не го сака морето. Главно, сите деца желно го исчекуваат летувањето за да уживаат со часови на плажа играјќи си со вода и песок на сонцето. Понекогаш се чини дека родителите воопшто не се потребни во играта што децата и без нив одлично ја организираат. Но, ви даваме неколку активности за вас и вашето дете.

Што ви е потребно?

Кофа, лопатче, гребло, модели за играње во песок, камчиња, празни пластични чаши, топка.

Активности што можете да ги организирате со вашите деца:

– Собирајте камчиња во кофата, а потоа вадете ги и бројте до 5 или до 10. Можете потоа да ги броите и прстите на рацете и на нозете со благо истегнување и допирање на секој прст. На сличен начин полнете ја кофата со лопатчето и кога детето  става песок со лопатчето, вие бројте. На овој начин се учи броење и пребројување до 5 или до 10 во зависност од возраста на детето.

Ставајте песок во кофата и кога ќе ја наполните, истурете ја во друга кофа и тоа повторете го повеќе пати, па оставете го детето да ве имитира. И пластичните чаши може да ги полните со песок, камчиња или вода и да ги претурате во друга чаша и да ги учите поимите полно/празно, има/нема, тешко/лесно. Воедно вежбате и координација на рацете. Aко сака детето, може да ги стави двете раце во песокот и наизменично да ги вади и става. На тој начин се запознава со текстурата на песокот и добива тактилна стимулација.

– Ставете камчиња со различни големини и форми во два сада. Во едниот ставете сув песок, а во другиот воден песок. Потоа кажете му на детето да ги извади сите камчиња од двата сада. На овој начин детето се запознава со различни текстури, големини, температура (топло/студено), добива тактилна стимулација и истовремено вежба фина моторика. Оваа активност можете да ја изведете така што едниот сад ќе го ставите од лева, а другиот од десна страна. Речете му на детето со спротивната рака да вади камчиња од садот. При изведување на оваа активност детето ја поминува средната линија на телото и развива билатерална интеграција и координација.

– Со лопатчето можете да копате по песокот, од кофата да вадите песок и при овие активности да ја вежбате фината моторика. Со греблото гребете по песокот, во браздите ставајте ситни камчиња, така ќе ја вежбате координацијата око-рака. Ако направите бразди со различна должина и дебелина, барајте од детето да ви покаже која е најкратка, а која најдолга, која е најслаба, а која најдебела и на тој начин вежбајте ги овие поими.

– Во плиткото можете да правите различни форми и така да ја вежбате координацијата око-раце и координацијата на рацете. Ако формите се различни и имаат различна боја, тие можат да се одделат по боја, големина и форма.

– Детето нека оди босо по песокта за подобро да ги почувствува чекорите и стапалата. Нека оди и нека трча и во плитката вода за да го почувствува отпорот на водата. Кога е во вода со гумата или мускулите, пасивно поместувајте му ги рацете низ водата нагоре и надолу, со кружни движења на рацете вежбајќи ги поимите горе/долу. Ако детето е поголемо, тогаш може да ги поместува рацете пред него, зад него, на стомак, на грб, на глава, притоа именувајќи ги деловите каде што ги става рацете. И нозете може да се поместуваат напред/назад, да се виткаат колената, да се виткаат прстите на нозете. На овој начин ќе му овозможите на детето длабок сензибилитет на рацете и нозете и учење на деловите на телото и поимите поврзани со просторната ориентација.

– Заедно со детето можете да фрлате камчиња во вода со различна форма, тежина и големина. Тоа можете да го правите од различни растојанија, со опишување на начинот на кој ги фрлате камчињата со различна тежина, звуците што ги произведуваат при падот во водата и слично. На овој начин на детето покрај длабокиот сензибилитет, ќе му овозможите и аудитивна стимулација.

– Затрупувањето на детето во песок е корисна активност што обезбедува проприоцептивен и тактилен внес (притисок, температура, текстура, положбата на деловите од телото) и придонесува за развојот на свеста за границите на своето тело.

– Со топката можете да фрлате на оддалеченост до која детето може да фрли. Ако детето е поголемо, пробајте да му кажете да ја фрли топката, а потоа да плесне со рацете и тоа да го прави секојпат кога ќе ви ја фрла. Ако топката е помала, задачата ќе биде потешка. Можете да играте одбојка. Големината на топката и игрите избирајте ги во однос на возраста на вашето дете (помало дете – поголема топка, поголемо дете – помала топка). Со овие активности детето вежба координација на рацете и на нозете, приспособување на силата на движење и вежбање на моториката на целото тело.

– На крајот од игрите, потсетете го детето да си ги собере играчките пред заминување од плажа и да ги земе наредниот пат за да може да игра. Ова се само предлози за времето поминато на плажа да го направите убаво и корисно.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top