Пасивните активности, како гледање ТВ или прелистување сликовници, ја намалуваат среќата на децата и треба да се ограничат, а слободното време треба да се исполни со активна игра, тврдат научниците од Универзитетот „Оксфорд“. Тие откриле дека децата што многу време поминуваат гледајќи ТВ, прелистуваат сликовници или се забавуваат на сличен пасивен начин се помалку среќни од оние чие секојдневие е исполнето со игра во која нешто создаваат или редат.

Освен тоа, активната игра помага во развојот на детето, а ги зголемува и неговите моторички вештини, додека читањето, раскажувањето приказни и пеењето ги унапредуваат говорните вештини. Прекумерното гледање ТВ има негативно влијание врз среќата на детето, велат научниците.

Економските експерти, пак, анализирале податоци од повеќе од 800 деца на возраст од 2 и 3 години кои ги презеле од германска анкета на домаќинства. Мајките биле прашани за среќата на децата и развојот на нивниот говор, движења и социјални вештини. Биле замолени да ги снимаат активностите со своите деца од претходните две недели. Д-р Лоренс Руп, водич на студијата, вели дека книгите со слики без зборови се помалку интерактивни за разлика од читањето.

– Ако набљудуваме едногодишни деца или деца на возраст од 6 месеци, може да откриеме дека книгите со слики имаат важна улога, но тие можеби се наменети за постара група бидејќи постарите деца се подготвени за таа дополнителна стимулација која произлегува од читањето со своите родители. Не пронајдовме негативно влијание во однос на гледањето во книги со слики, но не пронајдовме ниту позитивно влијание во контраст со некои други активности – вели д-р Руп.

Тој додава: „Нашите резултати посочуваат дека родителите може да се соочат со тешки предизвици во однос на времето што го поминуваат во активно вклучување во активностите на децата, спроти обезбедувањето материјални добра и извршувањето на професионалните задачи. Се разбира дека родителите не можат да се вклучат во тие активности секој час од денот, но треба да ги охрабруваат децата на тој начин што ќе им читаат книги, ќе сликаат со нив, со цел да придонесат кон развојот на дечињата“.

„Колку повеќе време поминува пред екранот, толку помалку се посветува на играта и активните работи што резултираат со среќа и развој на вештини“, заклучува д-р Руп.

Коавторот Пол Ананд, професор по економија на универзитетот „Оупен“, додава:

– Нашите откритија се повторуваат и во други истражувања, па може да имаат значајна импликација за родителската едукација. На пример, тоа може да ни дозволи да ја откриеме улогата на уметностите во развојот на вештините и човечкиот потенцијал.

Во меѓувреме, друга студија тврди дека подобрувањата во основната едукација довеле до повисоки просечни приходи во светот. Сепак, овој процес не довел до намалена нееднаквост помеѓу луѓето кои најмногу заработуваат и оние што најмалку заработуваат – тврдат шпанските истражувачи.

Автор: Сара Харис

Извор



912

X