Како ќе се одрази новата учебна година врз првачињата, што да се очекува
Секој сам во клупа. Маски задолжително. Родителите ќе им мерат температура пред влез во училиште. Постојано држење растојание од 1,5 метар. Една паралелка ќе биде поделена на две групи. Одмор под надзор на наставник. Нема делење моливи и гумички. Без блиска комуникација… Вака ќе изгледа новото нормално училиште за првачињата. Каков впечаток ќе им остави новата учебна година? Како размислуваар родител, наставник и психолог.
Се создава „студена“ генерација
Без разлика дали со физичко присуство или онлајн, првачињата ќе доживеат една сосема поинаква учебна година. Ќе се соочат со училиштето на ваков или таков начин. Но се поставува прашањето што ќе им остане во сеќавање, на што прво ќе им текнува… Како ќе се одрази тоа врз нив… Или сето ова ќе им биде сосема нормално?
Катерина Топалова е мајка на првачето Ина, која едвај го чека 1 октомври. Катерина вели дека ова за нас чудно училиште, за нив ќе биде нормално.
– Коронавирусот е непознат за светот, јасно е дека секаде правилата се менуваат. Почетокот на учебната година е веќе необичен со самото тоа што е одложен. Маски, дистанца, без допири… децата половина година живеат оваа реалност. Првачињата по дефиниција се збунети, бидејќи влегуваат во нова средина, почнуваат нешто сосема ново и необично. Сега, тоа што за сите нас е чудно, за нив ќе треба да биде нормално. Ќе се одрази во однос на другарствата, односот меѓу децата и наставниците. Се создава „студена“ генерација, што не е симболика за нас. Но, од друга страна, се надевам дека ќе се создаде генерација која ќе го стави здравјето на прво место, која ќе изгради повисока свест и ќе гради сопствени правила за другарување и социјализација во иднина – вели Катерина.
Ина бара ранец и едвај чека да запознае нови другарчиња
Ина бара голем розов ранец, столче, биро и компјутер.
– Постојано ме прашува дали заврши коронавирусот и дали од првиот ден ќе може да најде најдобра другарка во училиште. Знае дека ќе мора да носи маска, дека ќе мора да се дезинфицира и да ги почитува правилата на наставничката. Се обидувам преку сопствен пример да ѝ покажам како мора да се однесува за да остане здрава. Јас сметам дека е подобро да посетува физичка настава зашто таа сè уште не знае што е училиште, а компјутерот ѝ е алатка единствено за гледање цртани филмови. Сакам сите да бидеме совесни и внимателни и да им дозволиме на нашите деца што подолго да одат во училиште. Верувам дека онлајн-функционирањето е иднината, но за мене од огромно значење е физичката присутност. Во главата ми се јавува само еден страв – дали како општество ќе создадеме услови за да израснеме нормални деца и во пандемија?! Сакам државата да понуди сигурен систем, да му веруваат родителите и да работиме заедно со наставниците и со децата. Коронавирусот е нашиот предизвик. Ако во војни се раѓале врвни научници, поети, лекари и херои, зошто ние да не можеме да им помогнеме на нашите деца да се изреализираат и да бидат најдобрата верзија од себе – категорична е Топалова.
Како што ни раскажа таа, единственото очекување на Ина е да има многу другарчиња.
– Ина е дете што сака да се дружи, да создава и да негува пријателства. Секогаш наоѓа начин да му пријде и да се зближи со некого, а притоа да остане со маска. Единственото прашање што ми го постави околу училиштето беше дали ќе имаат некој час кога ќе можат да си играат? Мораме да внимаваме на сè! Мораме да пораснеме физички и ментално здрави деца. Овде игра улога државата, но и секој родител поединечно! Родителството не е еднаш засекогаш дадена дефиниција, тоа е постојана грижа, надминување на предизвиците. Јас сум по природа непоправлив оптимист. Сакам и ќе се обидам на моето дете да му објаснам дека постојат околности на кои мораме да се приспособиме и дека убавината е кога и во таква состојба ќе излеземе победници – додава Катерина.
Најчуден почеток
Според одделенскиот наставник Иле Михајловски, почетокот на оваа учебна година е досега најчудниот во сите училишта во светот поради пандемијата на коронавирусот. И секако дека негативно ќе влијае врз првачињата.
– Кога првачињата се во прашање, кои овој ден го доживуваат како исклучително среќен и важен, секако дека почетокот ќе се одрази на негативен начин. Деца на шестгодишна возраст тешко ќе се вклопат во училиштата со предвидените протоколи и мерки. Тешко е да му објасниш на дете на оваа возраст зошто треба да држи дистанца подалеку од новите другарчиња, притоа да ја носи маската додека е во училиште. Сето ова е комплетно чудна слика за кое било прваче, кое треба да ја почувствува близината на својата наставничка/наставник, полесно да се социјализира и да ги стекне првите пријателства во училиште. Жал ми е што морам да кажам дека генерално ваквиот старт негативно ќе се одрази врз сите првачиња – вели тој.
Додава дека пред нас се осум неизвесни месеци каде што буквално сè нè плаши.
-Нè плаши реализацијата со физичко присуство, до појавата на сезонските грипови, тешкотијата да се детектира Ковид-19 од сезонските вируси, прашањата од типот: Што ако се зарази ученикот или наставникот?, Дали секое дете го има основното за онлајн-настава? Премногу прашања на кои одговорите ќе следуваат по самиот почеток на наставата… Логично е дека какви и да бидат впечатоците, најмалите ученици ќе ги примат најемотивно – вели Михајловски.
Не постои соломонско решение
Тој не гледа позитивен исход од оваа состојба.
– Ова ново „нормално“ време на кое треба сите да се привикнеме најтешко им паѓа на најмалите затоа што ги ограничува во она што е убавина на детството – дружењето, играта, слободното движење. Од март наваму согледав дека како народ знаеме да бидеме недисциплинирани и да не ги почитуваме препишаните мерки и протоколи. Има голем број возрасни што не веруваат во постоењето на Ковид-19. Ако тоа им е тешко на возрасните, тогаш замислете колку потешко им е на децата – објаснува одделенскиот наставник Михајловски.
Според него, за успешна учебна година потребни се максимална одговорност, дисциплина, свесност и од училиштата, и од наставниците, и од родителите, и од учениците.
– Сведоци сме на веќе појавени случаи на заразени во економски постабилни држави кои ги отворија училиштата, па се заразија и ученици и наставници. Имаше такви случаи во Америка, Германија… Најнов е примерот во Србија каде што дете од трето одделение пратено на тестирање, без сочекани резултати, било пуштено во училиште. Родителот не кажал дека се чекаат резултатите, а на крај добиениот резултат бил позитивен на Ковид-19.
Знам дека не постои соломонско решение кое ќе биде еднакво добро за учениците, родителите и за наставниците. Затоа во препораките би споменал училиштата во државата да го обезбедат потребното за успешен старт, родителите да бидат одговорни и трпеливи, а ние наставниците да истраеме најдобро што можеме во која било од предвидените опции за настава. Најмногу од сè, триаголникот ученик – наставник – родител во овој период треба да биде исклучително силен и изграден на меѓусебна доверба, бидејќи станува збор за најсветото нешто – децата – вели Михајловски.
Адаптацијата е основата за преживување
Оваа поинаква учебна година ќе влијание врз односот на децата кон себе и кон околината поинаку отколку при класичниот начин. Сега можеме само да претпоставуваме каков ќе биде тој однос, е ставот на психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
– Погрешно е да се мисли дека тоа ќе биде лошо за нив. Секако, ќе биде различно и не смееме ригидно да се врземе за минатото. Адаптацијата е основа за преживување. Во овој момент ова е реалноста и треба да изнајдеме најдобри можни начини како да им помогнеме на првачињата да се адаптираат. Реалноста не е создадена да ги реализира нашите очекувања од животот (како што ние замислуваме дека ќе биде одењето во школо), туку е таква каква што е.
Сето ова ново што се случува околу нас е предизвик да научиме нови начини на комуницирање и учење. Да учиме вештини за онлајн-комуникација. Техники на пренесување информации и знаења преку интернет-средби. Да не си влегуваме во приказната „Ех во моето време…“ затоа што тогаш исто имало некои постари што го барале нивното време. И ова време е наше време и треба да го искористиме најдобро што можеме. Да им помогнеме на нашите деца да го прифатат што побезболно ова време на нагли промени. Ние можеме со нашата смиреност и љубов да бидеме смирен остров на кој тие ќе се чувствуваат безбедни. Да бидеме тука за нив, да учиме со нив, да бидеме трпеливи, да се обидуваме да ги разбереме најдобро што можеме – ни изјави психологот Јовановска-Стојановска.
Не е лесно ни да си родител во пандемично време
Родителите да внимаваат што зборуваат пред децата, додава таа.
– Да не ги задојуваат со негативни коментари. Тоа нема да им помогне на децата, туку ќе ги труе однатре. Да внимаваат на нивното однесување и на изборите што ги прават –децата учат од нив по пат на имитација. Не е лесно да се биде родител во ова пандемично време. Родителите мора да совладаат многу тешкотии и на професионално и на лично поле, но тоа не ја намалува одговорноста што ја имаат за воспитувањето на своите деца. Наставниците се и онака прекумерно оптоварени со сите задачи што ги носи нивната професија. Оваа криза ќе им додаде проблеми, кои пак ќе бараат од нив многу да учат и да се менуваат. Ќе треба да покажат поголемо трпение од вообичаено, поголемо разбирање за учениците. Ќе треба да совладаат нови вештини во предавање на материјалот. И ние како општество треба да бидеме многу благодарни кон нив и да ги поддржуваме и соодветно да ги наградиме за да им дадеме мотив да издржат – додава таа.
912