Го однел таткото својот син на натпревар. Таткото, вооружен со факли, по пат му кажува на својот син како редовно се „тепа“ за својот тим. Сретнувајќи ги навивачите од противничката екипа, таткото гордо извикува пцости за нивната екипа, нарекувајќи ги играчите на тој тим со секакви имиња. Хаос на стадионот. Викање, пцуење… Таткото горд што неговиот син е иден фан на клубот.

Синот на училиште претепал момче кое навива за противничкиот тим. Пристигнува инспекција во училиштето и го бара виновникот – наставниците, ПП службата или директорот. Секако, училиштето е одговорно за насилството. Џабе што сите знаат дека на училиште наставниците ги учат децата да навиваат за својот тим, а не против другиот.

Дома мајката и ќерката гледаат серија. Или некое реално шоу. Актерите се тепаат, се плукаат, пцујат.

– Па нека ја искубе, таа крава го заслужи тоа! – вели мајката чекајќи ја следната епизода со истата содржина.

Но, мајката не зела предвид дека некоја друга мајка гледа уште поголем број вакви серии или реални шоуа со својата ќерка, а нејзината ќерка ќе биде натепана следниот ден на училиште бидејќи е поубава и позгодна од насилничката. Не е подобра ученичка, не треба да ги тепа подобрите ученички, туку поубавите и позгодните. Или оние со очила. Или оние за кои мисли дека се грди. Или скапо облечените. Нема правила. Во секој случај, пожелно е некого да навреди или да претепа.

Па, таа мајка е несреќна затоа што ќерка ѝ е претепана. За тоа секако се виновни наставниците. А кој друг? Нејзината ќерка да ја истепаше онаа невоспитаната, ќе беше друго бидејќи таа ќе беше испровоцирана од нешто.

Оваа мајка случајно се знае со таткото од натпреварот. Таа го поддржува гневот на таткото чиј син го претепал другарот. Училиштето не се погрижило да се спречи тепачката. Претпоставувам дека синот на комшијата не би тепал некого без причина.

Но, нејзината ќерка била претепана без причина. Соседот-навивач ја поддржува оваа мајка. Тој го разбира страдањето на некој што е неправедено натепан. И многу добро знае дека педагогот е крив. И дежурните наставници. Не се грижеле за кутрото девојче, знае тој.

Двајцата упаѓаат во канцеларијата на директорот, навредувајќи го директорот, заканувајќи му се со инспекција, а богами и со ќотек.

Директорот се обидува да каже нешто во одбрана на вработените. Но, џабе. И знае тој дека ако дојде просветна инспекција, приказната ќе се објави во медиумите и дежурните наставници ќе бидат етикетирани во медиумите како безделници кои не успеале да спречат инцидент.

За тоа време, наставниците од тимот за ненасилство се обидуваат да го решат проблемот на детето кое по којзнае кој пат пцуе и навредува наставници. Директорот го прекорува, но не може да го префрли во друго училиште бидејќи тоа е единственото училиште во градот.

Додека тимот за ненасилство пишува извештаи според Протоколот, еден од наставниците добива шлаканица од истиот ученик по трет пат. Мајката на ученикот објаснува дека не смее да му каже на сопругот, бидејќи ќе го претепа синот. Таткото и онака не се појавува кога го викаат на разговор. Работел. А и незгоден бил кога ќе се напиел.

Епилогот на секоја ваква приказна секој го знае: училиштето е казнето, директорот разрешен, наставниците се на столбот на срамот, а децата продолжуваат да се тепаат до следниот директор, додека не се казни и тој.

Кој е крив што работат во образование, а не си ја знаат работата!

А работата на наставниците, се чини, покрај тоа што го пишуваат до бесвест, покрај одржувањето на часовите, задолжителни и воннаставни активности, професионално се оспособуваат за асертивна комуникација, е да се грижат за децата.

Да ги чуваат тие што тепаат и тие што се тепани. Ако не успеат, виновни се бидејќи не нашле начин.

И онака ништо не прават, само штрајкуваат. Па, кога штрајкуваат, тогаш училиштето им фали на родителите. Затоа што нема што да прават со децата, невозможни се кога не се на училиште.

Ако веќе јас не можам да се справам со него, морате вие на училиште, тоа е ваша работа!

Добро вели таа мајка. И тој татко. И уште некоја друга мајка и друг татко. Затоа што немаат време, бидејќи работат.

Родена сум и образована во земја во која речиси сите беа вработени. Работевме во смени, децата остануваа сами дома, сите го носевме клучот од станот околу вратот. Тогаш ниту еден родител не рече дека нема време за своето дете затоа што мора да работи.

И зошто го пишувам сето ова, кога за мене се знае дека сум неработник, само затоа што сум просветен работник?

Убаво ми рече комшивката Ванда: „Лесно ти е тебе, добри ти се децата!“

Па, да, тие се добри. Би биле и другите. Сигурно ги замениле некаде во породилиште, и намерно ми дале добри деца.

ДОБРО. Му благодарам на тој што ми подметна такви деца, па не морам да му се заканувам на директорот на училиштето…

Автор: Ивана Бошњак

Извор



912

X