Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Сакам да ве запознам со мојот проблем. Мојата ќерка има 7 години и е второ одделение. Откако се роди до ден-денес само плаче, се нервира за сѐ што треба и што не треба… Ако нешто не е по нејзино или ако нешто не добие, плаче и вика… сосила одеше во градинка од три години. Дури и сега сосила оди на училиште… Претходно ја чуваше свекрвата, па кога ние ќе ја скаравме или кога ќе ја казневме… таа наоѓаше слабост кај баба ѝ и таа ја бранеше со зборовите: „Дете не се кара, не се казнува, мала е…“ и тогаш избиваа кавги… Детето си зеде замав и сега никого не слуша… и ако некој нешто ѝ каже, таа ќе рече: Ако ве кажам на баба ми и дедо ми, ќе видите.“ Пробав со сите методи, од најблаги до најстроги, но не ми успева. Ќе ви бидам благодарна ако ми помогнете со некој совет за да го решам мојот проблем бидејќи мислам дека ќе попуштам психички.
ОДГОВОР: Претпоставувам дека ова е вашето прво дете. Честопати се случува првото дете во пошироко семејство да го има вниманието од сите и доколку нема усогласеност во воспитните ставови и убедувања кај вас, како нејзини родители, или во однос на поширокото семејство, како што се бабата и дедото, тогаш најчесто се случува вие да се карате, а таа да „печали“ со тоа што го одбира она каде што најмалку има казни и ограничувања. Нормално дека ги одбира нив тогаш кога ќе ја соочите со одредени ваши барања и ограничувања.
Не е на детето да сфати колку што е на вас да успеете да го наметнете вашето примарно родителско право на воспитување на вашето дете во однос на постарите членови на семејството. Во денешно време, кога навистина сите сме доста зафатени, нашите родители и пошироки семејства имаат голема улога во воспитување и негување на децата. За што знам дека сте им исклучително благодарни. Но тоа не треба да значи дека е потребно да се докажувате со нив и да работите едни против други во однос на воспитувањето на детето. Се знае кој е најзначајниот авторитет на детето и кој одлучува и сноси најмногу последици од тоа воспитување, тоа се родителите, а не бабите и дедовците.
Се чувствува дека се борите за воспоставување на власта на воспитување во поширокото семејство и дека детето знае многу добро да го искористи тоа. На моменти се гледа дека многу работи ѝ се дозволени, воедно дека ѝ е дозволено секогаш кога се чувствува притисната, да им се обрати на баба ѝ и дедо ѝ, и да прават сојузи, таа да се штити со нив, а они да се хранат со нејзиното внимание и одобрување.
Потребен е разговор меѓу возрасните, но да настапите како брачен пар и разговорот да го иницира оној кој е нивно дете, не знам дали сте вие или вашиот сопруг. Оваа битка за власт не се бие кога сте сами, или кога двајцата се саботирате во текот на разговорот, туку кога и двајцата истапувате со исто мислење и се обидувате да најдете заедничко решение. Најзначајно е во тој разговор да истакнете дека баба и дедо се важни луѓе во животот на вашето дете, но дека вам ви треба нивна поддршка во однос на градењето на вашиот авторитет кај неа, онака како што тие го граделе авторитетот кога биле родители и не сакале родителите толку многу да им се мешаат.
Кажете им дека кога ја „заштитуваат“ од вашите ограничувања и барање, тогаш тоа прави вие да изгледате како „лоши“ родители, иако знаете дека тоа не е нивната цел. Кажете им дека е потребно со вас да се договараат за начините на воспитување, дека ви е потребно понекогаш да ве поддржуваат иако не се согласуваат, но дека пред неа, и во нејзино присуство никогаш не треба да направат ништо што навидум ја „штити“ од вас. Секако, побарајте од нив, кога вашето дете ќе истрча кај нив барајќи заштита, правда и галење, со разбирање да ја вратат кон вас, да разговара со вас како со нејзини родители и да ја расчисти ситуацијата. Потенцирајте дека треба да размислат како тие би се чувствувале во истата ситуација и како би постапиле кога би им се случило ова. Повторно нагласувам, пред да настапите со овој разговор, мора да се договорите со сопругот, поточно потребно е ова да го споделите со него.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912