Хрватскиот поет Тин Ујевиќ рекол дека книгата не е храна, но е деликатес…

За тоа се добро свесни сите оние што успеале во својот живот да вметнат една од најважните навики – читањето. На некои веќе и самиот мирис од нова книга им предизвикува возбуда – еднаш кога ќе се „закачите“ за читањето, тоа ќе стане животно гориво без кое нема да можете. Но и книгата, изгледа, ја губи битката пред екраните бидејќи современиот начин на живот носи многу предизвици, лесни и брзи решенија, инстант-забава без потреба да вложиме малку труд и ангажман, а тоа многумина, признале или не, ги привлекува. Изморени од животот и обврските, понекогаш е најлесно да се посегне по достапните содржини, особено оние што не се одгледани во читачка атмосфера. Затоа родителската улога е пресудна во развојот на љубовта кон книгата кај децата.

Читањето развива комуникациски вештини, па додека го слуша родителскиот глас, во потсвеста на детето му влегуваат зборови, а потоа го збогатува и својот речник, бидејќи токму слушањето е првата јазична активност. На децата преку интересни приказни и ликови од сликовници и книги може полесно да им се објаснат одредени ситуации, па да им се помогне и самите да се охрабрат да се соочат со некои предизвици. Со други зборови, тоа е капитал за животот, она нешто што понекогаш е тешко теоретски да се објасни, што му помага на секого да ги разбере своите чувства. Со слушањето приказни децата вежбаат способност за концентрација и фокусираност, а тоа многу ќе им помогне во животот, особено во текот на едуцирањето. И не помалку важно, фактот дека токму преку слушањето, а подоцна и преку читањето, детето учи критички да размислува. Но, не е доволно само да се заврши читањето, туку и да се разговара со детето за приказната, да се побара неговото мислење, но и да се поттикне да замисли, на пример, некој поинаков крај, што повторно ќе ја поттикне неговата фантазија.

Многу деца, поради предизвиците од современите технологии, тешко земаат книга в раце, но постојат начини како да ги поттикнете. Пред сè, тоа е создавање навика за читање од најран период, тоа да се прави секојдневно, опкружете ги децата со различни материјали, а не само со книги. Рецепти за готвење, списоци за купување, симболи, натписи, текстуални пораки околу вас… разновидни секојдневни поттикнувања кои промовираат различни писатели, книги… Книгите нека бидат подарок во различни ситуации, создавајте заедно семејна библиотека, додека читате, пред и по читањето комуницирајте, слушајте го детето. Со мало дете почнете со читање и пишување на сопственото име, препознавање букви, користење рими и броење преку различни песнички. Како и кај секоја активност, важни се поттикнувањата и условите. Ако детето е опкружено со различни материјали, книгите ќе му претставуваат нешта на кои поприродно ќе им пристапува, советува Антонија Раделјак, педијатар.

Дека читањето е навистина важно не е само пропаганда на љубителите на книги, туку и научно докажан факт. Има многу истражувања на оваа тема, а неодамна научниците од Центарот за читање и писменост при Детската болница во Синсинати, САД, со помош на посебен вид магнетна резонанција снимиле реакции на детскиот мозок додека тие слушале приказна и одвреме-навреме кога гледале во електронски уред. Со истражувањето биле опфатени 47 здрави деца кои сè уште не тргнале во градинка, на возраст од 3 до 5 години. На скеновите од нивните мозоци се покажало дека малите деца што слушаат додека им се чита имаат подобро развиена активност на оној дел од мозокот кој е заслужен за разбирање на говорот и визуализација на слики, за разлика од оние што гледале телевизија или во мобилен телефон или таблет. На децата што учествувале во истражувањето им биле направени и когнитивни тестови. Се покажало дека децата што повеќе од 1 час дневно гледаат телевизија или играат игри имаат полоша читачка писменост, помала способност за користење зборови, но биле и многу полоши во брзото именување на предмети. Децата со кои родителите често читаат книги на когнитивните тестови постигнале многу подобри резултати. Американскиот национален институт за писменост наведе 6 совети кои можат да ја поттикнат детската љубов кон книгата:

1. Од раѓање зборувајте со вашето дете и реагирајте на неговите обиди да разговара со вас.
2. Пејте му ја азбуката на детето.
3. Поттикнете го своето дете да ја користи фантазијата и самото да измислува приказни и да поставува многу прашања за приказните што ги измислило.
4. Одбирајте книги со интересни ликови. Не плашете се да играте улоги со различни акценти и гласови на ликовите.
5. Вашето дете нека покажува слики и нека го изговара нивното значење, повторувајте го тоа.
6. Најважно – забавувајте се!

Извор



912

X