Воспитување

Ако вашето дете не може само да ни се јави, не може ни да работи овде

Децата на хеликоптер-родителите имаат помали шанси да најдат и да задржат работа и можеби ова е едно од објаснувањата за зголемената стапка на депресија кај младите. На работа редовно добивам е-пораки од типот:

– Моето дете наскоро ќе дипломира, па ќе ви се јавам да се распрашам дали вработувате.

Јас секогаш одговарам исто: – Ако вашето дете не може само да ни се јави, не може ни да работи овде.

Ова е еден од коментарите на текстот на веб-страницата „Хафингтон пост“ на тема невработеноста на генерацијата која ја подигнаа таканаречените хеликоптер-родители. Веројатно сте слушнале за ваков вид родителство – станува збор за презаштитнички настроен и претерано контролирачки пристап на родителите кој стана сеприсутен во последните две децении, па така првите генерации деца израснати на овој начин веќе во голема мера се дел од пазарот на трудот. Тука се прикажани некои од најголемите недостатоци од ваквиот тип родителство, бидејќи на младите кои започнуваат сопствен живот им недостига независност и иницијатива.

Помала е веројатноста хеликоптер-децата да најдат и да задржат работа, а истовремено никогаш не учат како да се справат со загуба, неуспех и разочарување, предизвици со кои треба да се соочат.

Нивната ниска толеранција за фрустрации и недостиг на работна етика ги прави лоши работници кои не се на висина на задачата што им е дадена. Згора на тоа, кога родителот го носи своето 20-годишно дете на интервју за работа, работодавецот мора да се запраша дали вработи дете или возрасна личност и дали на таа млада личност ѝ треба родител и на работното место?

– Луѓето ги решаваат проблемите така што се обидуваат, прават грешки, учат од нив и повторно се обидуваат. Овој процес развива самодоверба, компетентност и самосвест. Хеликоптер-родителите ги спречуваат децата да ги развијат овие квалитети што се неопходни за успешна кариера – пишува „Хафингтон пост“. Секое дете има право да биде победник и да има добри оценки, без разлика на резултатите.

Проблемот е што на работното место победуваат само најдобрите и се наградува само квалитетната работа. Што е уште полошо, нивните родители, кои самите ги направија неспособни да го освојат пазарот на трудот, имаат големи очекувања од нив, а тие очекувања им ги пренесуваат на своите деца кои веруваат дека заслужуваат удобен и успешен живот. Можеби ова е едно од објаснувањата за зголемената стапка на депресија кај младите.

Според психологот Барб Нефер, секој петти млад човек доживеал депресија на работа, во споредба со 16 отсто од младите од претходните генерации. Исто така, милениумците се повеќе отсутни од работа, а почесто влегуваат во конфликтни ситуации и предизвикуваат инциденти во споредба со нивните родители од генерацијата X од 60-тите и 70-тите години и повоената бејби-бум генерација.

Децата на хеликоптер-родителите и како студенти имаат поголема веројатност да страдаат од депресија отколку другите млади луѓе, пишува психотерапевтот и советник Брук Донатон за „Вашингтон пост“ и објаснува дека наметливото родителство го спречува развојот на независноста и компетентноста кај децата, правејќи ги децата позависни од родителите и помалку способни да извршуваат задачи без родителски надзор.

Да го сакаш своето дете значи да бидеш негов водич, заштитник и поддршка. Сепак, тоа не значи да лебдиш над него како хеликоптер и да го штитиш неизмерно за никогаш да не научи како да застане на нозе и да се справи со предизвиците и неуспесите. Всушност, најголемиот израз на љубов кон детето е кога ќе направите чекор назад, ќе му дозволите да направи грешки и да учи од нив.

– Понекогаш најдобриот начин да „бидете таму“ за вашето дете е да не бидете таму за него. На овој начин му дозволувате да развие самодоверба, способности, емоционална интелигенција и самосвест – заклучува во написот „Хафингтон пост“.

Автор: Марсија Сирота
Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top