Денешните деца често имаат многу обврски, безброј воннаставни активности, очекувања, труд и работа. Времето исполнето со овие активности го скратува времето поминато на социјалните мрежи и игри, но дали го краде и детството? Понекогаш се очекува детето да носи голем товар на својот мал грб за да биде успешно, а потоа неговата надареност се задушува, детето станува презаситено, повеќе не се мотивира. Токму за ова зборува познатиот руски психолог Михаил Лабковски:

-Меѓу моите редовни слушатели, кои веќе знаат дека според моите правила децата не можат да се тераат на ништо, имаше и такви кои сакаат постигнување „компромис“. Тие веќе не бараат нивното дете да седи над учебникот додека не поцрвени во лицето, но се обидуваат да го „мотивираат“. Односно, да му биде удобно и да биде послушно, но не со употреба на стап (строга дисциплина), туку со некој вид „морков“. Некакво перење на мозокот од категоријата „ако учиш, ќе станеш милијардер“. Ајде да зборуваме за фактот дека мотивирањето е бескорисно и бесмислено.

Од каде доаѓа оваа потреба?

Како по правило, сè започнува со класичната фраза: „Тој не сака ништо“ или „Не го интересира ништо“. Сериозно? Човек, дури и мал, кој воопшто не го интересира ништо, боледува од депресија. Но, дете кое го интересира фудбалот, дворот и компјутерот, сепак е јасно заинтересирано за нешто.

Зошто децата не се особено вредни во учењето и, како што сакаат да кажат родителите, „малку се грижат за својата иднина“? Затоа што добивањето оценки за здрава, хармонична личност е многу неинтересно. Детето кое нема болна (или оштетена од родителите) гордост, воопшто не се грижи за петките. Да, децата во прво одделение често се возбудуваат бидејќи првпат влегуваат во средина каде што има некаква конкуренција. Децата до одредена возраст ја играат оваа игра со „петки“ или „ѕвезди“, но потоа наеднаш им текнува дека е многу поинтересно да се трча по топката отколку да се прават некои здодевни работи заради оценките во дневникот.

Детето може да биде заинтересирано за ново знаење, а потоа да учи од задоволство (ова нема никаква врска со оценките). Можеби ужива во дружењето, па сака да оди на училиште. Овие мотивации се нормални и здрави. Но, кога детето плаче поради лоша оценка и се труди максимално да добие добра оценка, тоа покажува дека има висока анксиозност. Се плаши да изгуби. Својот живот го гледа како биатлон – „овде треба да ползиш, овде треба да пукаш, ова е натпреварување и е тешко“. Во меѓувреме, детството минува.

Воспитување гениј, милионер, шампион

„Родителите можат да извршат толку голем притисок врз мозокот на своето дете, што на крајот ќе добијат златен медал. Поп-ѕвезда или светски познат научник. Но, дозволете ми да ви дадам два примери: Мајкл Џексон и Пол Макартни. И двајцата станаа ѕвезди. Едниот бил претепан од неговите родители, принуден да учи и работи до степен на исцрпеност и создал суперамбициозна личност, подготвена на сѐ за успех. Резултатот, мислам, им е познат на сите. Депресија, дрога, недостиг на самоприфаќање и смрт.

А тука е и Пол Макартни. Тој сакал да свири гитара. Му се допаднало тоа. Не се лишувал од забава и не се трудел премногу. И заработил 2 милијарди долари.

Зошто го давам овој пример? Детето кое не е принудено да прави ништо или не е мотивирано, има многу поголеми шанси да порасне во среќна личност. А среќата, според мене, во принцип е поважна од сѐ“, вели Лабковски.

Талентите се за забава

-Многу родители се жалат: „но моето дете е толку талентирано, да не е мотивирано, ќе ги изгуби сите свои способности…“ Родители, сфатете дека талентот е, теоретски, подарок, а не казна. Ако детето има способност, нека ја развие според неговите желби.

Многу родители сакаат да направат „достигнување“ од своите деца, велејќи им: „Ти си мојот гениј, можеш да го направиш тоа!“ Разберете дека талентот е прашање на креативност. Способност да размислувате, да ја слушате музиката што свири во вашата глава. Кога овој сладок, прекрасен процес ќе се претвори во нешто слично на натпревар, целата магија исчезнува. Сето тоа се претвора во должност, во работа. И така, навистина, талентот брзо се губи, не оставајќи ништо зад себе. Затоа што цртањето змејови е задоволство, но работата на училиште 8 часа повеќе не е задоволство – порачува Лабковски.

„Во суштина, престанете да ги гледате вашите деца како пластелин што треба по секоја цена да го обликувате во нешто убаво. Децата се личности, со сопствени желби и потреби.

Како да го развиете вашето дете?

„Постојат едноставни и некомплицирани начини како навистина да му дадете на вашето дете добар, правилен развој. Читајте книги со него и разговарајте за заплетот. Цртајте со него, правете предмети од глина. Одете во театри, на изложби, во научни музеи. Разговарајте со него за музика и литература. И, всушност, ништо повеќе не е потребно. Што се однесува до другото, нека го сфати самото“, заклучува Лабковски.

Извор



912

X