Викнете!

Грешки правиме сите. На работа, во комуникацијата со пријателите, во воспитувањето деца. Ова последното, сепак, на сите ни е најважно. Многу мајки, па и татковци, на крајот од денот се преиспитуваат себеси. Размислуваат за тоа дали биле праведни кон своите деца. Дали можеби биле престроги? Ретки се оние што ќе си легнат в кревет по напорен ден и ќе помислат: „Е, баш му се развикав денес поради онаа вазна! Ќе научи овој пат!“

Оние родители што се преиспитуваат често се оние што вложуваат најголем труд. Сепак, како и во сè, и во преиспитувањето треба да се има граница. Грижата на совест поради нешто што сте рекле или направиле нема да ви помогне да бидете подобри. Но, разбирањето на себеси и она што можеби ве натерало денес да му викате на детето или да го плеснете по задникот, веројатно ќе ви помогне. Сосема е легитимно да се крене гласот во поединечни ситуации. Да се добие сериозен тон на гласот и да му се покаже на детето дека она што го кажувате, навистина и го мислите. Обидот секогаш да бидете смирени и притисокот кој го чувствувате дека на детето не смеете да му викате за да не му создадете траума, ќе направи да го чувате бесот во себе. А детето го чувствува тој неискажан бес и се однесува уште полошо.

Децата ја сакаат вашата емоција. Сакаат да бидете искрени.

Не треба низ заби, смирено, додека во себеси вриете од бес, да им зборувате како нивното однесување не било во ред и да ги прашувате како тоа сега да го поправат. Поправо би се развикале, па и соседите да ве слушнат. Ако детето искршило вазна откако 3 пати сте му повториле дека дома не смее да игра со топка – да, ќе се разбесните и ќе викнете. Тоа викање не е воспитување, тоа е викање затоа што сте човечко битие кое нема неограничено трпение. И тоа викање (ако не е навредување на детето и понижување) нема да му остави траума на детето.

Ми се случувале вакви ситуации. Ќе ја однесев топката бесно на терасата, ќе им кажев да не ја бараат 10 дена, ќе викав дека таа вазна многу ја сакам и сега веќе ја немам. Тие ќе почнеа да плачат, јас ќе бев лута некое време, а потоа ќе дојдеа и ќе ми кажеа „мамо, извини“, а јас ќе речев: „Извинете вие, не требаше така да викам“. Ќе разговаравме за тоа зошто треба да ја слушаат мама кога таа нешто од нив бара. И тоа е тоа. Тоа е родителство на човечки суштества.

Оние што имаат емоции, ги покажуваат, признаваат грешка. Иако знаат дека веројатно ќе повторите – децата многу ќе научат – дека грешките се човечки, дека викањето не значи дека не ги сакате, дека вашата љубов е безусловна и дека е во ред да се извините кога грешите. Како што децата учат, и ние учиме. Ако малку проучувате како се однесуваат децата, ќе дознаете дека испитувањето на границите, играњето во домот, качувањето по кревети, истражувањето на оние работи што ви изгледаат опасни – е однесување на ЗДРАВО дете. Ако тоа си го повторувате, ќе ви биде полесно секој следен пат кога ќе направи нешто лошо, иако многу пати досега убаво сте му рекле дека не смее така, да изреагирате смирено. И повторно, без разлика на тоа, ќе викате, уште многу пати. Некогаш, кога баш и не знаете што да направите, можеби и ќе го удрите по задникот. Тоа не е воспитување, но покажува дека сте човек. И сè додека го разбирате тоа – дека удирањето не е воспитна метода, туку резултат од тоа што сте само човек кој има право да нема неограничено трпение, човек кој умее да каже и извини – вие сте добар родител.

А најважната работа на крајот од денот е да бидете сигурни дека вашето дете заспало без трошка сомнеж дека тато и мама го сакаат секогаш. И кога викаат.

Извор



912

X