Студија спроведена од истражувачите од британскиот универзитет во Источна Англија покажала дека невроните кај многу мали деца на кои редовно им се зборува се поефикасни.
Имено, скенирањето открило дека областите на мозокот одговорни за обработка на говорот и јазикот, сложени функции кои вклучуваат неколку делови од церебралниот кортекс, содржат поголема концентрација на миелин. Станува збор за мека бела повеќеслојна обвивка, составена од липиди и протеини, која ги обвива невроните и им овозможува побрзо и поефикасно испраќање пораки.
Не е познато дали дополнителниот миелин е одговорен за јазичните способности на децата на возраст од две и пол години, но научниците веруваат дека тоа би можело да биде од големо значење.
Тие велат дека миелинот завиткан околу невроните наликува на селотејп поставен на цевка со дупки. Тоа му помага на невронот да прима повеќе сигнали на својот пат од точката А до точката Б, зајакнувајќи ја врската со другите неврони.
Иако научниците треба дополнително да ги проучуваат овие процеси, пораката до родителите и другите старатели е јасна:
-Разговарајте со вашето бебе, вашето дете или вашето постаро дете, разговарајте. Покрај тоа што вашето дете ве слуша, она што го кажувате влијае врз неговиот мозок и на тој начин го обликува – вели Џон Спенсер, когнитивен психолог на Универзитетот во Источна Англија.
Пораката е едноставна, но студијата покажала дека повеќе говор и разговори со детето не секогаш поттикнуваат поголема ефикасност на невроните во нивниот мозок.
Затоа, научниците решиле да постават мини-уреди за снимање на 140 многу мали деца и доенчиња, во текот на три дена, за да го слушнат она што децата секојдневно го слушаат преку илјадници часови аудиоснимки.
Потоа, на нешто повеќе од половина од децата им направиле магнетна резонанса додека спиеле. Се покажало дека кај шестмесечните доенчиња, поголема количина на говор на дневна основа е поврзана со помала миелинизација, резултат спротивен од оној кај двегодишните деца.
Развојот на мозокот на детето поминува низ различни фази
Иако резултатот бил неочекуван за научниците, проф. Спенсер објаснил дека развојот на мозокот на бебето природно поминува низ повеќе фази. Понекогаш нивниот мозок е зафатен со изградба на нови клетки, додека другпат е зафатен со чистење на клетките што веќе ги изградил.
Се чини дека растот на овој важен орган е најзначаен во првите неколку години од животот на детето, па така до втората година од животот детскиот мозок достигнува 80 проценти од волуменот на мозокот на возрасен човек.
-Податоците сугерираат дека разговорот со дете на шест месеци е исто толку важен како и разговорот со постаро дете на 30 месеци. Но, овој разговор поинаку влијае врз мозокот на детето бидејќи тој е во друга „состојба“ – истакнал Спенсер.

Иако сѐ уште е шпекулативно, експертите велат дека ако шестмесечното бебе е изложено на чест говор и јазик од родителите, тоа може да ја одложи миелинизацијата, но во исто време да го стимулира растот на мозокот.
Изложеноста на детето на говор е важна за вокабуларот и обработката на јазикот
Салони Кришнан, научничка специјализирана за развојна когнитивна неврологија, која не била вклучена во студијата, изјавила дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере улогата на миелинот во учењето.
-Сè уште не е целосно јасно дали поголема миелинизација во овие области на мозокот е важна за идниот јазичен или когнитивен развој, или дали тоа е стабилен модел во текот на детството – вели таа.
Сепак, многу студии покажале дека изложеноста на детето на говор и јазик е важна за неговата идна јазична обработка, за вокабуларот, граматиката и вербалното расудување.
Само неколку часа по раѓањето мозокот на бебето покажува знаци дека веќе ги учи јазичните звуци, а таканаречениот „бебешки разговор“ е исто така поврзан со подобрување на јазичните вештини на долг рок.
Покрај тоа, претходните студии покажале дека децата на возраст од четири до шест години кои повеќе разговараат со возрасни, исто така, имаат поголема миелинизација во областите на мозокот поврзани со јазикот.
Истражувачите истакнуваат дека треба да се спроведат повеќе истражувања за подобро да се разбере како таквите структурни промени со текот на времето влијаат врз учењето јазик.
Во секој случај, сите тие велат едно: децата апсорбираат многу повеќе од она што го кажувате отколку што вие мислите.
912