Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца, едното е на возраст од 3,5 години, а другото има 2 години. Имам мал проблем со поголемото дете. Секоја играчка си ја присвојува, ништо не дава, особено тие што му се омилени. Повеќе од еден месец ниедно дете не е дојдено кај нас затоа што кога ќе допре некој негова играчка, тој плаче, вреска, па дури и помодрува од нервоза и не можам да го смирам. Истото е и кога ќе забележи дека некоја играчка ја нема. Оди во градинка и таму е супер, нема никаков проблем, ниту пак кога е некаде надвор, проблемот е само дома, неговото не смее никој да го чепне. Знам дека не е некој голем проблем, но не знам како да постапам во тие ситуации и да му објаснам дека мора да дели.

ОДГОВОР: Неделењето на играчките во домот е карактеристично за оваа возраст. Кога вашето второ дете се родило, вашето прво дете имало една и пол година и рано научило дека е под закана во однос на тоа да не ги изгуби работите за кои се врзало претходно и ги сака.

Со раѓањето на второ дете веднаш го учиме и поттикнуваме првото дете да дели и да споделува. Ако тоа го правите интензивно и со притисок, тогаш детето ќе се обиде да се самозаштити со тоа што внимателно ќе го чува она што го поседува, за да го заштити сопственото чувство на сигурност. За детето да научи да дели, потребно е да му појаснувате дека кога дели, не го губи нештото, напротив, тоа за кратко време повторно се враќа кај него. Пофалете го: „Ми се допаѓа што ги чуваш и се грижиш за своите играчки, и тоа е многу убаво, но уште поубаво е кога гледам како ги делиш играчките“.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X