Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 7 години. Никако не може да се осамостои, не сака сама да седи со сестра ѝ дома. Ноќе не може да спие со неа, ме бара мене или татко ѝ. Во текот на денот ако почувствува дека е сама (тоа може некогаш да е 10 или 30 мин.), а ние сме во другите простории, веднаш почнува да вика: „Ми се повраќа, ме боли мешето, ме боли главчето, ме боли забот…“ Ако ѝ обрнеме внимание во моментот, како ништо да не рекла, одма фокусот е сменет. Не знаеме како да постапиме. Ја носевме на лекар, ги направивме сите можни испитувања за мешето и фала му на Господ, сѐ е во ред. Може ли да ни дадете совет и дали некој родители се соочуваат со ваков проблем. Одреден дел од денот ќе треба да бидат дома сами со сестра ѝ, која има 11,5 години. Може да се грижи за неа, но таа нѐ бара нас, ни плаче на телефон и тоа ни прави стрес додека сме на работа.

ОДГОВОР: Стравот, т.е. анксиозноста од одвојување (сепарациона анксиозност) е нормална фаза кога детето расте и се развива. Обично почнува помеѓу 8. и 12. месец. Тогаш станува сè понезависно, се отвора кон светот околу себе, луѓето кои се околу детето стануваат поважни и тоа создава силни врски со своите најблиски, но исто така се зголемува несигурноста кога се одвојува од родителите. Тоа обично воспоставува најсилна врска со грижливиот родител, што му дава чувство на сигурност и безбедност. Обично тоа е мајката, детето буквално зависи од физичката близина и присуството на мајката, ја чува и ја сака само за себе, но тоа може да биде и таткото или бабата. Кога се одвојува, станува нервозно и вознемирено, плаче, дава отпор и се прилепува кон родителот, бара сигурност и заштита. Секако дека овој страв од одвојување може да варира од дете до дете и обично завршува околу 2. година, но дури и откако детето ја поминало оваа фаза, анксиозноста од одвојување може да се врати во периоди на стрес или различни промени во животот на детето.
Може да се појави и подоцна, и да биде во периодот помеѓу 7. и 9. година.

Манифестациите и симптомите варираат во зависност од возраста на детето, најмалите деца во форма на соматски заболувања, додека кај постарите – со вербализации за нивните проблеми.
На ниво на телото, децата изразуваат вознемиреност во форма на болки во стомакот или главоболки. Одбиваат да бидат сами и да спијат сами. Други вообичаени симптоми се одбивање да спијат далеку од дома и кошмари поврзани со напуштање, болест или смрт на родителот. Децата што се соочуваат со овој проблем се несигурни и имаат потреба од постојано внимание.
За да се надмине вознемиреноста од одвојување, детето треба да се чувствува безбедно во својот дом, да им верува на другите блиски луѓе, освен родителите, и да верува дека родителот секогаш ќе се врати.

Кај вашето девојче овие манифестации се појаки и се случуваат дури и кога ја напуштате истата просторија, а сепак сте во истиот дом. Таа тогаш се чувствува несигурна и напуштена и ве повикува за да се смири, тогаш се чувствува безбедно.
Постојат многу начини како да ѝ помогнете во олеснување на овие доживувања на голем страв, а еден од најдобрите е да разговарате. Најпрвин да ја слушнете, поттикнете ја да раскаже што ја плаши, што ја вознемирува кога не сте во нејзина близина?
„Ми се чини дека кога мама не е блиску, ти си уплашена, дали мислиш дека нема да дојдам кога ќе ме повикаш?, потоа… „Дали кога заспива нешто ја плаши? Што сонува итн. Потоа помогнете ѝ да ги разбере ситуациите пореално за да сфати дека каде и да оди и колку и да се задржи, мама пак ќе се врати.
Исто така:

  • Секогаш е важно да се поздравите со детето кога излегувате и да го убедите дека ќе се вратите.
  • Бидете искрени и доследни во договорите.
  • Би било добро за детето постојано да се грижи иста личност (би посоветувала постара во овој случај, доколку сте во можност) во позната домашна средина.
  • Почитувајте ги стравовите и несигурноста на вашето дете, не заканувајте се, емоционално да уценувате, не казнувајте, дајте ѝ време.
  • Поминувајте доволно време заедно. Личниот контакт со детето го гради неговото чувство на сигурност и доверба во вашата љубов кон него.
  • Кажете ѝ дека иако е уплашена, тоа не е нешто што не може да се надмине, кажете ѝ дека е силна и способна дури и без вас. Охрабрете ја да се обиде и покажете ја вашата поддршка.
    Ако вознемиреноста значително го нарушува животот на вашето дете и доколку за некое време не забележувате промена, треба да побарате стручна помош од психолог.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X