Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 4 години и 3 месеци и во последно време многу е нервозен, плашлив, плачлив. Сѐ расфрла околу него, удира, вика, плаче, треска врати, тоа трае кратко, но е како некој паничен напад. Тоа најчесто се случува кога нешто не му се дозволува, а особено кога ќе побара телефон, а ние не му го даваме затоа што веќе некое време не му дозволуваме да гледа „Јутјуб“ бидејќи се внесува премногу и како да е исклучен од реалниот свет.  Што да преземам?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Децата денес растат во средина исполнета со интернет, компјутери и видеоигри, мобилни телефони кои го привлекуваат нивното внимание и кои кај детето развиваат еден вид зависност. Докажано е дека раната и продолжена изложеност на детето на дигитална технологија има штетни ефекти врз неговиот развој, особено врз неврокогнитивниот, учењето, однесувањето, видот, а исто така лошо влијае и врз метаболичките и кардиоваскуларните функции. Тие и се направени за да се користат долго и бараат големо внимание, доста се забавни, интересни, со содржини кои го исклучуваат корисникот од реалниот свет. Поради тоа и се објаснуваат како вид „дрога“ која децата сѐ повеќе ја бараат, а немаат капацитети да се сопрат, т.е. одбранат. Секое дете генерално се лути и протестира секогаш кога нешто му се забранува или не го добива она што го сака, а замислете колку е тешко кога се забранува нешто што е толку многу забавно, интересно и кое прави зависност.

Вашето дете е на возраст во која сѐ уште нема развиено доволна  ментална способност и капацитет за да се носи со овие емоции, природно е склоно да биде хиперактивно и напорно, да се вознемирува, да вреска или да фрла предмети во моменти на фрустрација и лутина. Кај родителите овие однесувања предизвикуваат речиси исти реакции, но во тој момент родителот треба да е смирен, да го спречи детето да не се повреди.

Користете реченици како: „Знам дека си лут, но се договоривме да го имаш мобилниот само… во денот, дома не трескаме и не удираме“.  Знам дека нема секогаш да биде лесно, но би било добро да почнете да ги менувате навиките.

Заедно со детето направете правила на однесување. Тој треба да знае што се очекува од него, како: дома не трескаме врати, не удираме, не викаме, не се повредуваме и не ги повредуваме другите.

Потоа договорете правила како собирање играчки по играње, миење заби пред спиење, колку може да го има мобилниот телефон итн. Од друга страна, одржувајте ја неговата дневна рутина бидејќи на децата им е потребна структурата и бидете доследни во границите, да не ги менувате.

Се препорачува за деца на возраст меѓу 2 и 5 години ограничување на изложеноста на екрани помалку од еден час дневно, додека за деца на возраст меѓу 5 и 8 години на помалку од 2 часа на ден висококвалитетни програми и само во присуство на возрасен. Покажете интерес што игра, како го троши времето, прашувајте да ви покаже, објасни, а понекогаш и заедно играјте. Потрудете се да не казнувате, туку разговарајте.

Не постои замена за директната интеракција со родителите, вашата интеракција со вашето дете е од суштинско значење за неговиот развој. Затоа, колку што можете поминувајте квалитетно време заедно, во игра, шетање, разговор, читање, возење велосипед, качување на дрвја, редење сложувалки готвење итн.

Бидете внимателни и за вашето однесување, тој го имитира она што го гледа кај вас. Здравата и свесна употреба, исто така, значи да се натераат децата да разберат дека има приоритети, а тоа сега кај вашето дете е играта, имагинацијата и другите активности; понатаму ќе биде училиштето, спортот, пријателствата и реалниот живот, кои не треба да се потценуваат и заменат, туку да се интегрираат на избалансиран начин заедно со технологијата.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X