„Ако не ги собереш играчките, ќе ги фрлам в ѓубре!“ И тогаш детето не ги средува играчките, а вие не ги фрлате. Уште подобро, сами ги собирате. И секојпат кога се заканувате со поголеми и поголеми казни и последици. И не е важно дали ги нарекуваме казни или последици, кога и онака не ги спроведуваме. И во еден момент сè се распаѓа. Зошто? Затоа што децата учат од празни закани колку и од праведно применети последици.

Ако им се закануваме на децата кои не се однесуваат добро, а она со кое им се закануваме всушност „оди во ветер“, тогаш се осудуваме на неуспех и истовремено го потврдуваме сомнежот на детето дека може да се извлече од секоја обврска, што и да прави. Секоја празна закана го учи детето дека може да се извлече од сѐ без последици.

Родителот е тој што го свртува вниманието на последицата, а притоа не ја спроведува и на тој начин ги учи децата да бидат подмолни, да лажат и да ги избегнуваат последиците од лошото однесување. Проблемот предизвикан од празни закани е всушност нецелосната социјализација. Во најдобар случај, детето кое е социјализирано ги прифаќа вредностите што ги негува родителот. Но, што е уште поважно, децата ги интернализираат овие вредности, односно ги усвојуваат. Празните закани некако го попречуваат тој процес бидејќи неконзистентно применетите правила може или не може да се почитуваат. Постојат неколку причини зошто е тоа така.

Една од најважните работи за детето е предвидливоста. Значи, работите треба да функционираат вака: детето знае кои се правилата и знае што ќе се случи ако не се почитуваат. Празната закана имплицира дека детето ги знае правилата и со текот на времето, со повеќе празни закани, учи дека ништо нема да се случи ако не ги почитува. Предвидливоста и доследноста кај детето создаваат чувство на сигурност, сè додека родителот поставува разумни последици за разумните „кривични дела“, односно нуди објаснување за последиците кое не е само „затоа што јас така реков“. Идеално, последиците од лошото однесување треба експлицитно да се објаснат и да се поврзат со вредностите кои родителот се надева дека детето ќе ги усвои: чесност, добрина, интегритет, безбедност…

На дете кое гледа дека правилата се спроведуваат доследно, знаејќи дека причините се објаснети и разумни, ќе му биде полесно да ги усвои правилата и да се однесува во согласност со нив. Од друга страна, празните закани ги оддалечуваат последиците од вистинските вредности, бидејќи нивната цел е да заплашат, а не да информираат. Па, вредноста што детето ја развива со таков процес е – избегнување казна. Кога детето го послушува родителот затоа што се плаши од неразумни последици, тоа не значи дека истото однесување ќе следува и кога е далеку од родителите. Тоа само значи дека се плаши од своите родители. И тоа воопшто не е она што го сакате. Тоа може да доведе до уште полошо однесување на детето кога ќе биде малку постаро.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X