Воспитување

Ќе ви биде многу полесно ако ги знаете овие четири фази од развојот на мозокот на децата

Добредојдено е сето она што би ни помогнало во збунувачкото, а понекогаш и вознемирувачко родителство. Но, ако ги разбереме четирите фази на развој на мозокот на нашето малечко, тогаш ќе можеме подобро да ги сфатиме и да си олесниме сами на себе.

Овие четири фази се објаснети во неврологијата. Имајте ги на ум секојпат кога ќе се прашувате зошто нешто се случува со вашето дете.

Фаза еден – допир-чувство

Се прашувате зошто вашето бебе ужива да се тркала на своето меко ќебе? Според неврологијата, во оваа фаза тоа го истражува сетилото за допир. Оваа фаза се одвива од раѓањето до 2-годишна возраст, а бебето го открива светот преку своите сетила – набљудувајќи ги листовите како се веат на ветрот, чувствувајќи го песокот на своите рачиња, јадењето со малите прстиња и слично.

Фаза два – види кој зборува?

На возраст од две до седум години вашите малечки се во предоперативна фаза. На таа возраст постепено се развиваат јазичните вештини. Можно е некогаш и постојано да слушате брборење, бидејќи мозокот на малечкото почнува да изучува симболи, да развива нумеричко сфаќање, а и да прави почетна разлика помеѓу минатото и иднината. Детето почнува и да сфаќа дека другите не го гледаат светот на ист начин како тоа. Но и за овој процес потребно е време. Прво, ќе има видици кои се насочени кон себе. Нереално е двегодишно дете да може да ги регулира сопствените емоции и да се смири, но од три, четири години веќе почнува да ги гледа работите и од друг агол.

Фаза три – ерата на разумот

Обидот за да се разберете со вашето малечко пред и тоа самото да биде способно да наоѓа логика во нештата е тешка работа. Така е бидејќи тоа ја нема таа способност пред да наполни седум години. Од шест до дванаесет години вашето дете ќе биде во фаза кога во мозокот ќе се развиваат конкретни операции. Тоа е време кога почнуваат и со апстрактните концепти, разбирајќи ги секвенциите од настани, а веќе се способни и да чувствуваат емпатија кон другите чии искуства се различни. Почнуваат и да сфаќаат кога и другите членови од семејството имаат некаков проблем, на пример, некој е под стрес, мама и тато се караат, брат ми е тажен и слични други ситуации.

Фаза четири – емоционален мозок

Се прашувате зошто вашиот нерасположен и премногу чувствителен тинејџер постојано ви оди на нерви? Не се работи само за хормоните. Тогаш тие почнуваат да го користат делот од мозокот кој е одговорен за меморија, емоција и сексуалност. Рационалниот дел од мозокот не е целосно развиен до 25-годишна возраст. Па така, донесувањето одлуки, планирањето, контролата на импулсите и избегнувањето ризици не се нешто што ќе го совладаат уште неколку години.

Исто така, вашиот тинејџер ќе ги евалуира ситуациите со својот емоционален центар или амигдала. Тоа ќе биде причината зошто често ќе плаче и ќе има желба да презема ризици. Бидејќи чувството е добро, забавно и во моментот го прави среќен, па ќе прави потези без многу размислување. Секогаш помогнете им на своите тинејџери со разговор, како за сексуалноста така и за избегнувањето на притисоците од општеството. Ако направат грешки, не држете им лекции, туку зборувајте за нивните проблеми и обидете се да ги најдете зборовите што ќе им бидат од помош.

Воспитувањето деца е најтешката работа, но ако знаеме како се развиваат нивните мозоци, тоа ќе ни помогне подобро да ги разбереме и да им помогнеме.

Автор: Лана Халоус

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top