На децата им е потребно време да го усовршат правилното пишување. Целите и испрекинати линии имаат голема улога во правилното пишување 

Секоја нова генерација деца пишуваат сѐ полошо, тврдат наставниците. Причините за тоа се многубројни, но најмногу се сведуваат на фактот дека добар дел од учениците доаѓаат на училиште со одредени предзнаења проследени со неправилна перцепција, но огромно влијание има и дигиталната технологија и желбата за копирање букви од различен тип.

Поразговаравме со Оливера Чаеска, одделенска наставничка во ООУ „Мирче Ацев“ во прилепското село Лажани. Таа ни посочи како може родителите да им помогнат на учениците да го совладаат пишувањето.

– Кога децата доаѓаат на училиште со предзнаење за буквите, фондот на букви што ги знаат е различен и се движи од неколку букви до речиси сите, но проблемот е што и покрај училишното правилно пишување, тие продолжуваат да ги пишуваат онака како што ги пишувале претходно. На часовите кога се изучуваат и пишуваат применуваат целосно или делумно правилно пишување, а потоа, кога треба да пишуваат зборови и реченици, повторно пишуваат онака како што ги научиле претходно. Тоа е очигледно преку направените дијагностички тестови што ги користиме на почетокот на учебната година каде што добиваме слика на предзнаењата за прво одделение и наученото од претходната година во погорните одделенија – вели Чаеска.

Оливера Чаеска, одделенска наставничка

Наставничката дополнува дека проблем прави и пристапот до различните технологии каде што постојано се среќаваат со друг тип букви.

– Децата се обидуваат самостојно или со помош да запомнат или напишат некој збор за да дојдат до некоја омилена игра или видео. Исто така, тој механички начин на пишување прави само перцепција за формата на буквите, но не помага во правилно пишување на истите – категорична е наставничката.

Неопходна е измена во наставниот план и програма

Краснописот кој децата некогаш го изучуваа на посебни часови играше голема улога во описменувањето, а децата сериозно ја прифаќаа задачата за убаво и правилно пишување. Чаеска смета дека таа позитивна практика не требало да се прекине.

– Кога би се направила споредба, можеме да увидиме дека кај децата денес во глобала и нема убав ракопис. Краснописот имаше врска и со интерпункциските знаци, користењето голема буква, правилната примена на одредени букви (ѓ, ќ, ч, ѕ, џ, ж, ш, з). Ова посебно доаѓа до израз при правењето диктат. За овој проблем говори и истражувањето направено кај студенти, каде што се потенцира дека имаат проблем со правилна примена на буквите во пишувањето. Јас како наставник кој директно е вклучен во процесот на описменување сметам дека е неопходна измена во наставниот план и програма, со цел враќање на правиот колосек при пишувањето. Фондот на часови по мајчин јазик е најголем до трето одделение (6 часa неделно), но и покрај тоа, начинот на кој се составени учебниците и поставените цели според наставниот план и програма нe соодветствуваат на решавањето на проблемот со пишувањето – потенцира таа.

Користете помошна литература

Колку тетратките за почетно пишување се неопходни во периодот на изучување на буквите или додека учениците не станат сигурни во правилното пишување? Чаеска смета дека овие тетратки е пожелно да се користат дури и до трето одделение, доколку има потреба.

– Не треба да се брза со нивното отфрлање предвреме. На децата им е потребно време да го усовршат правилното пишување. Целите и испрекинати линии имаат голема улога во правилното пишување. Често пати децата ги поистоветуваат големите и мали букви, издолжувањето на некои букви (ј, р, д), цртички над и под буквите (т, п, ќ, ѓ, г,). Апелирам до родителите – ако применуваат пишување букви/зборови со своите деца, тоа нека биде во тетратки наменети за почетно пишување, а не да се тоа тетратки без линии, со широки линии или квадрати, блокови – вели таа.

Важно е родителите да направат правилен избор во таквата литература, во согласност со возраста и потребата на детето. Помошната литература треба да се користи постепено со воведување од полесни кон потешки барања, објаснува Чаеска.

– Тоа не значи дека треба да бидат скапи или обемни изданија. Напротив, пожелно е тоа да биде нешто со помалку страници за да не создава одбивност кај детето или страв дека нема да може да го совлада. Исто така, добро е да се прави одредена пауза, да не му се наметнуваат во секој момент нови и нови изданија. Првично тоа може да биде нешто што ќе можат да го бојат или да им се чита, потоа активности со повторување по дадена линија, па дополнување, а откако детето ќе ги совлада овие барања, може да се премине на самостојно пишување, т.е. препишување букви и зборови – вели наставничката.

Таа заклучува дека не е пожелно децата да се форсираат по секоја цена да пишуваат на почетокот или во текот на првото одделение.



912

X