Алергиите на храна денес погодуваат приближно едно од 13 деца, а нивната инциденција се зголемила за дури 50 отсто помеѓу 1997 и 2011 година. Експертите сметаат дека тоа се должи на неколку фактори, меѓу кои исхрана богата со преработена храна, недостиг на витамин Д поради недоволно изложување на сонце и т.н. хигиенска хипотеза. Оваа хипотеза посочува дека поради почиста околина, децата доаѓаат во контакт со помалку микроорганизми, што може да доведе до претерана реакција на имунолошкиот систем на одредена храна.

Сепак, една неодамнешна студија спроведена во Шведска покажува дека еден од клучните фактори може да биде воведувањето алергенска храна во исхраната на доенчињата кога е веќе предоцна.

Разновидната исхрана на деветмесечна возраст го намалува ризикот од алергии

Научниците анализирале податоци од 2.060 бебиња и откриле дека бебињата што имале разновидна исхрана на 9-месечна возраст, што значи дека јаделе 13 или 14 различни видови храна, имале 45 отсто помал ризик од развој на алергии на храна до 18-месечна возраст. Интересно е тоа што истиот заштитен ефект не бил забележан кај бебињата што почнале да примаат разновидна исхрана порано, на пример, на возраст од шест месеци.

Оваа врска останала силна дури и кога истражувачите ја зеле предвид семејната историја на алергии, времетраењето на доењето и степенот на образование на мајката. Тие, исто така, забележале дека децата што имале егзема, може особено да имаат корист од раното воведување разновидна исхрана.

Која храна ја проучувале?

Родителите пополниле прашалници за навиките во исхраната на нивните бебиња на возраст од 6 и 9 месеци. Поточно, следена е потрошувачката на 14 различни намирници, од кои шест се познати алергени:

-пченица
-јајца
-риба
-млечни производи
-јаткасти плодови (особено кикиритки)
-соја.

На возраст од 18 месеци, на сто деца вклучени во студијата им биле дијагностицирани алергии на храна. Најчести алергии биле на кравјо млеко (69 случаи) и јајца (35 случаи).

Како исхраната влијае врз развојот на алергиите?

Иако алергиите на храна во голема мера се генетски детерминирани, ова истражување покажало дека исхраната на бебињата на возраст од 9 месеци може значително да влијае врз ризикот од развој на алергии.

-Повтореното изложување на одредени видови храна во раното детство е од клучно значење за развојот и одржувањето на толеранцијата – истакнале научниците.

Тие, исто така, ја истакнале важноста од редовно консумирање на храна од растителна основа – овошје, зеленчук и мешунки – бидејќи тие се богати со влакна и витамини, кои можат да помогнат да се намали ризикот од алергии.

Потврда за претходни истражувања

Овие резултати се во согласност со претходни студии, кои укажуваат на важноста од рано воведување алергенска храна во исхраната. На пример, една студија од 2019 година покажала дека на бебињата на кои им била дадена храна која содржи кикиритки помеѓу 4 и 6 месечна возраст постои помал ризик да развијат алергија на кикиритки.

Друга студија, спроведена минатата година, ги потврдила овие наоди: децата што редовно јаделе кикиритки во форма на паста или пире до петгодишна возраст имале 71% помали шанси да развијат алергија на кикиритки во споредба со оние деца што не ги консумирале.

Сите овие истражувања покажуваат дека начинот и времето на воведување храна во исхраната може да влијае врз веројатноста за развој на алергија или чувствителност на одредена храна.

Извор



912

X