Воспитувањето се заснова на неколку основни норми, како што е воспоставување и почитување на јасни правила, доследност и принципи и непопуштање пред барањата на детето.
Педагогот Радоје Нововиќ посочува дека треба детето да се учи со личен пример. Ако родителот го научи детето дека нешто не е во ред, а истовремено го прави тоа самиот, кај детето се јавува збунетост и конфузија. Децата во предучилишна возраст се особено склони да се идентификуваат со нивните родители и наставници, а нивното однесување се апсорбира од нив.
Кога еднаш родителот ќе каже „ова не смее, не е дозволено“, тогаш тоа мора да биде вистина бидејќи, вели Нововиќ, ако се случи еднаш нешто да не се дозволи, а другиот пат се дозволи, се создава страшна конфузија и детето станува несигурно.
-Попуштањето на детето да го води и насочува својот живот е пат кон разгаленост, а разгаленоста не е ништо повеќе од слабо воспитување. Тоа е во кореспонденција со емоционалната незрелост бидејќи емоционалната зрелост подразбира дека децата се свесни за обврските, одговорностите, правилата и дека тие мора да се почитуваат – изјавил Нововиќ.
Тој наведува дека е многу важно да се има чувство на емпатија кон детето, да се разговара со него што е можно повеќе за сѐ што се случува, да се биде искрен и кога ќе направи грешка, во разговор да му се објасни како да ја исправи и на крајот да му даде шанса да го направи тоа.
Педагогот Нововиќ вели дека детето го воспитуваат емоциите што ги испуштаме кон него, позитивната енергија што ја испуштаме, односите што владеат во семејството, меѓу сопружниците.
-Сите несогласувања што постојат во семејството треба да се решаваат кога децата не се тука, особено на предучилишната возраст, бидејќи тоа го доживуваат многу емотивно. Физичкото казнување за прекршок не е решение бидејќи создава погрешен модел на однесување, поради што детето утре на тој начин ќе го решава проблемот. Во семејството мора да има правила на однесување според кои се раководат сите – и децата и другите во заедницата. Правилата се гарант на слободата и автономијата и безбедноста. Децата сакаат да се чувствуваат безбедно, а тоа ќе се случи ако правилата им се јасни и ако сите ги следат доследно. Во таква ситуација нема конфликти и забуни, сѐ им е јасно – вели Нововиќ.
Во правењето и воспоставувањето правила детето мора активно да учествува, не треба да му се сервираат готови решенија, туку да се инсистира на негово активно учество.

-Ако детето згрешило, а потоа ја признало грешката, не треба да се казнува, не треба проблемот да се анализира. Поврзете го со некоја животна вредност, натерајте го детето да дојде до заклучок зошто нешто не е добро и дајте му шанса да ја поправи грешката за да не се повтори. Целта е детето внатрешно да го анализира и доживее и да предложи решение. Тоа мора суштински да учествува во секоја врска, проблем, визија за нешто. Избегнувајте критики и решете го проблемот со разговор. За жал, повеќето родители не се подготвени за тоа – истакнува Нововиќ.
Во сè, наведува Нововиќ, родителите мора да имаат ист образовен принцип, бидејќи ако таткото е строг, а мајката попустлива и го брани детето, тоа предизвикува конфузија кај детето, а детето најчесто се приспособува на оној што попушта.
Поради времето, сè се дозволува
Нововиќ вели дека, по правило, бабите и дедовците се лоши воспитувачи бидејќи избегнуваат конфликт со внуците и ги исполнуваат сите нивни желби и каприци. Родителите, пак, често грешат во воспитувањето затоа што се презафатени и потоа во слободното време што го поминуваат со детето, му излегуваат во пресрет на она што не треба.
-Поради тоа што се презафатени, родителите поминуваат малку време со своите деца и имаат грижа на совест. Тогаш им дозволуваат сè на децата. Или, ако детето од некоја причина е болно или повредено и тогаш му се дозволува сè, а всушност треба да се однесува како да е здраво, затоа што детето тоа го злоупотребува. Треба да се научи да се бори, да биде борец, а не да му се служи. Емитувајте ја љубовта во огромни количини, но границите мора да бидат јасни и поставени и доследноста мора да биде присутна – заклучува Нововиќ.
Не критикувајте го детето, туку постапките
Психологот Весна Чикариќ истакнува дека погрешниот начин на воспитување на децата настанува затоа што родителот не ги разбира потребите на детето или несоодветно одговара на нив. Негативна особина кај детето не се формира „преку ноќ“ и затоа погрешното однесување мора да се пресече од корен.
-Секое дете е посебно и треба различно да му се пристапи – вели Чикариќ.
Таа истакнува дека многу нешта зависат од темпераментот и сензибилитетот на детето.
Разгаленото дете, и кога ќе порасне ќе има проблеми во емотивната и социјалната сфера. Тешко им е на ваквите луѓе да воспостават каква било долготрајна сериозна врска, а бракот често им пропаѓа бидејќи научиле дека сè оди по нивно, а тоа никој нема да го толерира. Имаат проблеми со приспособувањето на групата, слаби се, лесно се откажуваат и немаат борбеност.
Чикариќ наведува дека е многу важно кај детето да се влева оптимизам уште од мали нозе, а при правење прекршок да не се критикува детето, туку постапката.
Автор: Љ.Грбовиќ