Проф. д-р Бранислав Филиповиќ од Србија, психијатар, одговора на прашања за детската хистерија, бесот, разгаленоста, нарушениот систем на вредности. Тој кажува дека децата се одраз на нашето однесување и дека родителите секогаш треба да се преиспитаат кога се наоѓаат во ситуација што е неприфатлива за нив.

– Кога добив близнаци, помислив дека ќе ми треба упатство за употреба, но сите знаеме дека такво нешто за деца нема. Сепак, родителите треба да знаат дека кога детето се фрла на земја во продавница, во трговски центар или на кое било друго место, тоа не е хистерија. Тоа е напад на бес. Ние советуваме ова да се игнорира, и кога детето ќе сфати дека не постигнува никаква цел, ќе престане така да се однесува. Однесувањето на децата е последица на однесувањето на родителите. Кога тие ќе почнат да се фрлаат на земја, иако изгледа драматично, тоа не треба да го прифатите како нешто страшно и на нивното дерење да одговарате со дерење. Секогаш набљудувајте дали тоа е плачење без солзи. Таквиот модалитет на однесување е резултат на навика, очекување дека со таквото однесување ќе ја постигнат целта што си ја зацртале – тврди д-р Филиповиќ.

Хистеричните луѓе одгледуваат хистерични деца

Тој вели никогаш да не одговарате со дерење на нивното дерење. Во тие моменти наместо да ја искажуваат својата нервоза поради ситуацијата во која се наоѓа детето, родителите мора да се запрашат што всушност се случува со детето.

– Децата што така се однесуваат најчесто се чувствителни деца и имаат научен модел на однесување. Тие научиле дека на овој начин може да ја задоволат секоја своја потреба. Ако детето многу се дере, значи дека веројатно има многу дерење во неговиот дом.
Разгалено дете е дете што не добива внимание од родителите и тие немаат време да му се посветат, па затоа тоа наоѓа начин да привлече внимание и да го насочи кон себе.

– Проблемот денес е што семејствата имаат малку деца. Ако имате едно дете или ако има голема разлика во возраста меѓу вашите деца, тогаш се случува таа форма на разгаленост. Кога се три деца едно по друго, тука нема време за хистерија. Во семејствата што во минатото живееле на село, со пет деца, секое дете имало своја улога и немало време за фрлање по трговските центри. Немало ни време за одење во трговските центри – вели Филиповиќ.

Проблемот е во системот на вредности

– Ние добивме едно потрошувачко општество каде што родителите немаат време да разговараат со децата. Со малите деца треба да си играте, да се шегувате, да разговарате. Еден од најдобрите примери кај децата за привлекување внимание е одбивањето да даваат рака кога се преминува преку улица. Ние советуваме во вакви ситуации родителите сто метри претходно да почнат да се шегуваат со детето и така сè многу лесно ќе помине. Пробајте, па ќе видете – советува Филиповиќ.

 



912

X