Многу мајки често ги сметаат за напорни поради нивните повторувачки совети, но зад тие „досадни“ реченици лежи исклучителна емоционална интелигенција. Иако може да им звучат здодевно или излишно на децата, токму овие реченици помагаат во обликувањето на емоционално стабилни и емпатични возрасни лица.
Под површината на секојдневните мајчински предупредувања лежат важни алатки за развивање отпорност, самосвест и сочувство. Еве неколку примери на фрази што можат да предизвикаат превртување на очите, но експертите тврдат дека се „знак на исклучителна емоционална интелигенција“.
„Дали си сигурен/на дека си добро?“
Во тинејџерските години оваа реченица може да звучи како навлегување во личниот простор, но всушност открива мајчинска интуиција и подготвеност да се обезбеди емоционална поддршка. Децата и адолесцентите честопати не се подготвени да споделат што ги мачи, дури и кога тоа би било од помош. Иако посакуваат независност, повеќето од нив немаат доволно развиена способност да ги препознаваат и обработуваат сопствените емоции.
Според институтот,„Чајлд мајнд“, децата почнуваат делумно да ги контролираат своите емоции дури на возраст меѓу пет и шест години, додека Американската психолошка асоцијација наведува дека способностите за контрола на импулсите и решавање проблеми се целосно развиени дури во зрелоста.
Мајки што не се откажуваат од прашањето „Дали си сигурен/а дека си добро?“ покажуваат дека знаат кога да обезбедат емоционална структура – дури и кога децата го одбиваат тоа – бидејќи сметаат дека децата сè уште не се доволно емоционално зрели за сами да ја носат тежината на своите чувства.

„Стави се во нивна кожа“
Иако повеќето деца реагираат на оваа реченица со одреден степен на иритација, нејзината важност лежи во развивањето на емпатијата. Децата често живеат во свет на свои чувства, потреби и проблеми, ретко земајќи ги предвид туѓите перспективи. Кога мајката вели: „Стави се во нивна кожа“, таа го охрабрува своето дете за момент да излезе од сопствената перспектива и да се обиде да разбере како се чувствуваат другите.
Студија од 2024 година покажала дека учениците со поразвиена емпатија значително почесто ги бранеле оние што биле мети на насилство, додека оние со пониско ниво на емпатија почесто го поддржувале насилното однесување. Значи, иако може да изгледа како вообичаена фраза што им оди на нерви на децата во моментот, на долг рок таа го гради капацитетот за сочувство и морална храброст.
„Нема да им се допаднеш на сите и тоа е во ред“
За дете или тинејџер кој копнее по прифаќање, оваа реченица може да звучи ладно или обесхрабрувачки. Всушност, нуди важна лекција за самодовербата и здравите граници. Иако е природно да се стремиме да бидеме сакани и прифатени, мајката која нè потсетува дека тоа не е секогаш можно, го охрабрува детето да не ја темели својата самодоверба врз мислењата на другите.
Преку оваа фраза, таа всушност ја пренесува пораката дека не сите врски вреди да се одржуваат – особено ако вклучуваат емоционална незрелост или постојан, исцрпувачки напор. Иако децата може да ја сфатат оваа реченица како „глупости“, мајката всушност го фокусира вниманието на квалитетот на врската, а не на квантитетот. Наместо да учат како да им угодат на сите, тие учат како да се почитуваат себеси и да знаат кога да се оддалечат од луѓето кои не ги ценат.