Сезоната на слави е веќе почната, а не се далеку ниту новогодишните празници. Тоа значи дека ќе видиме некои луѓе кои не ги гледаме баш често и дека ќе изедеме повеќе слатки и руска салата отколку во кој било друг период од годината. На тие денови децата повеќе им се радуваат од возрасните. За тоа, се разбира, треба да му бидеме благодарни на Дедо Мраз. Сепак, она што сум го забележала е дека некои родители и понатаму ги тераат децата да ги бакнуваат познатите и непознатите луѓе иако тие не го сакаат тоа.

„Ајде бакни ја тетка Милица, па таа ти е тетка!“, „Дојди баба Рада да те прегрне, па таа те чуваше кога беше бебе!“

Очекувањето од децата да ги прифатат бакнежите, прегратките или кој било облик на физички контакт кој не им е пријатен ги учи на тоа дека нивното согласување не е важно. Дека тие не се прашани за тоа. Подоцна во животот може да ја понесат истата порака. Не терајте ги своите деца да покажуваат нежност или да воспостават физички контакт со некого ако не го сакаат тоа. Без разлика дали е баба, тетка, па и вие самите. Вашето дете треба да биде единствената личност која ќе одлучи кој смее да ја бакнува и прегрнува. Тоа немате право да го правите дури ни вие.

Моите деца имаат 7 и 5 години и никогаш не сум им кажала: „Оди баба да те бакне.“ Поздрави ја баба, да. Бидејќи поздравот е само мавтање со рака, ако тоа е она што му одговара на детето. Им велам дека можат да бакнат или прегрнат некого ако го сакаат тоа, не мораат ако не сакаат. Ги учам дека е сосема во ред да се тргнат ако некој почне да ги гали, а ним тоа не им е пријатно. Не ги правдам дека се срамежливи. Но, која и да е причината зошто не сакаат, не мора да се правдаат – нивни тела, нивен избор. Дури и ако ни се чини дека децата одбиваат прегратка или бакнеж само од инает, нашиот пристап е ист. Инаетот е сосема валидна причина да не сакате да прегрнете некого. Зарем никогаш не сте одбиле да го бакнете својот сопруг бидејќи му терате инает поради некоја ситна кавга? И дали смее некој да ве натера? Понекогаш децата едноставно се муртат и не сакаат никому да покажат нежност. Понекогаш и возрасните се такви.

Мене никој не ме тера да прегрнам некого, но имаме навика тоа да го очекуваме од децата. Знам, многу пати сте прегрнале луѓе кои можеби не сте сакале. Кои за вас некогаш зборувале лошо, кои ве критикуваат и омаловажувале. Бидејќи, тоа е семејство, такви се. Кога ние возрасните мораме, зошто да мораат и децата да го прават тоа. Е, токму во тоа е клучот. Нè учеле дека мораме. Дека е наше да премолчиме, да проголтаме, да се правиме дека не забележуваме. Прекинете го тој круг и нека стане сосема нормално и за возрасните и за децата да одбијат прегратка. Ако поради тоа се навреди некој, нека биде така.

Само немојте никогаш на своето дете да му праќате порака дека возрасните имаат право да ги бакнуваат и допираат и дека децата се лоши ако не се согласат на тоа. Во свет во кој сексуалното вознемирување е многу почеста појава отколку што мислиме, каде што секое петто девојче изјавило дека го доживеало тоа, мораме да се запрашаме што ние можеме да направиме и да ги зајакнеме да кажат НЕ. Ова е една од тие работи. Нека имаат слобода да му кажат НЕ на секого, па дури и за најмалиот физички контакт што не им одговара.

Извор



912

X