На неодамна одржаната школа за детска и адолесцентна психијатрија во Хрватска, каде што се дискутирало за актуелната родова дисфорија, било предупредено дека менталното и емоционалното здравје на децата е загрозено поради огромните искушенија со кои се соочува западната цивилизација денес.

Детскиот психијатар Маја Рогуљ од Сплит вели дека на децата најчесто им се дијагностицира анксиозност и нарушувања на афективниот спектар, а меѓу нив голем број се невроразвојни нарушувања, самоубиство што оди „рака под рака“ со депресија, склоност кон самоповредување, нарушувања во однесувањето и сè повеќе зависности.

Нарушувања на сè помлада возраст

Таа забележала дека нарушувањата се на сè помлада возраст, а клиничките слики сега се посериозни од порано. Таа и самата имала пациенти со родова дисфорија, што е сложена состојба во која постои неусогласеност меѓу половата улога и физичките карактеристики, поради што може да дојде до емоционален стрес (стрес против кој човекот секојдневно се бори).

-Најчесто тоа се депресивни состојби, анксиозни реакции, самоубиство и многу други коморбидни нарушувања, а терапијата, како и кај повеќето млади луѓе, е психотерапевтска поддршка, индивидуална психотерапија и работа со семејството – додава Рогуљ.

Зоран Вујновиќ, детски психијатар од Поликлиниката за рехабилитација на лица со пречки во развојот во Сплит, истакнува дека во раното детство има проблеми кај децата од аутистичниот спектар, во училишна возраст АДХД и нарушувања во однесувањето, додека во адолесценцијата анксиозност и депресија, како и нарушувања во исхраната.

Експертите се загрижени за сè поприсутната агресија кај децата и младите, која не е насочена само кон другите, туку и кон самите нив, а нивната перцепција за реалноста е обоена со емоции, па предупредуваат дека сè повеќе деца ќе бидат вознемирени, а анксиозноста ќе стане составен дел од нашите животи. Ќе биде тешко да се најдат здрави луѓе, можеби функционални, но класичното здравје од пред сто години повеќе нема да постои. Изворот на проблемот експертите го гледаат во општеството и семејството.

Раководителот на Институтот за детска и адолесцентна психијатрија, Данијела Петриќ, нагласува дека проблемите на децата и адолесцентите во последните неколку години по пандемијата се доста големи, поради што се зголемува притисокот врз нивната професија.

Многу млади се обидуваат да се самоубијат

-Има многу млади луѓе што се обидуваат да се самоубијат, а голем број од нив, за жал, всушност и го прават тоа. Сега во училишната медицина имаат програми во кои се детектираат самоубиствени деца при систематски прегледи и ни ги испраќаат. Тоа значи дека сè уште работиме, разговараме и учиме за дестигматизацијата, дека не е лошо да бараме помош и дека можеме да им помогнеме на младите и на семејствата – вели Петриќ.

Таа советува дека треба повеќе да се работи на превенцијата, почнувајќи од градинка, за да се запознаат децата и младите со проблематичните ситуации.

Раководителот на Клиниката за психијатрија при „КБЦ Сплит“, Трпимир Главина, смета дека главниот проблем е во денешниот начин на живот бидејќи во текот на една генерација кај нас се менува контекстот на животот и воспитувањето.

-Кога бев дете, мајка ми ме влечеше од улицата каде што играв, додека денес многу деца не комуницираат со други деца и не играат, што се основите на растењето и барањето идентитет. Мора да се справиме со тоа – вели Главина.

За родовата дисфорија вели дека не ги сака трендовите во медицината. Децата не се формирани личности, тие си го бараат идентитетот, а на таа возраст сè е дозволено. Затоа постарите треба да утврдат што може, а што не може, заклучил тој.

Извор



912

X