Дефицит во внимание и нарушување во хиперактивноста – АДХД е невроразвојно нарушување кое се карактеризира со присуство на постојани обрасци на дефицит на внимание или имплусивност, хиперактивност, која пречи во функционирањето или во тек на развојот. АДХД не е лош карактер, ниту невоспитано дете. Децата се со просечна или натпросечна интелигенција, но поради промени во структурата и функцијата на централниот нервен систем, тешко ги контролираат своите импулси. Се класифицираат три облици на АДХД.

– Хиперактивно имплусивен облик – кај овие деца се забележува постојана раздвиженост, импулсивни се и лесно преминуваат од една на друга активност и не ги завршуваат. Во интеракција со врсниците сакаат да бидат први, прекинуваат и влетуваат во разговори.

– Дефицит на внимание – карактеристики се: тешкотии во вниманието и тешко извршување на задачите. Често изгледаат отсутни, ги извршуваат задачите кои ги интересираат и со тешкотии преминуваат од една на друга активност

– Комбинирано.

Децата со АДХД имаат мал број невротрансмитери во мозокот и на друг начин ги обработуваат информациите. Исто така, треба да се направи разлика помеѓу немирно дете и дете со АДХД. Децата што се немирни немаат невроразвоен проблем и способни се да го контролираат своето однесување. Свесни се дека неприфатеното однесување носи одредени последици, додека пак на детето со АДХД му треба повеќе време да ги сфати последиците од своето однесување. Немирното дете може да ја заврши задачата која не го интересира и му е досадна, додека пак за децата со АДХД тоа претставува голем напор. Првиот пристап во третманот кај децата со АДХД е давање насоки на родителите. Тие треба да му помогнат на детето да го надминува секојдневниот предизвик и да научи постепено да ги контролира своите симптоми.

Претерана моторна активност е прв симптом кој се јавува кај децата со АДХД. Најчесто се забележува во основно училиште, исто така и дефицит на внимание се забележува во училишниот период. Во адолесцентната доба хиперактивноста може да се манифестира како нервоза, немир, нестрпливост. Но постои опција и да се ублажи таа хиперактивност во адолесценција и зрела доба. Меѓутоа, немирот, невниманието, лошото планирање и импулсивноста продолжуваат да перзистираат. Кај децата со АДХД се забележува и лесен степен во говорно-јазичниот развој, моторички и социјален развој. Ниска толеранција на фрустрација, раздразливост и променливо расположение се карактеристиките кои се јавуваат. Во адолесценцијата оние со АДХД имаат висок ризик за развој на антисоцијално нарушување на личноста. АДХД најчесто се јавува кај момчиња. Дијагнозата се поставува ако симптомите се појавуваат 3 месеци во различни средини (дома, училиште, со врсници).

Дијагнозата ја поставуваат стручни лица со соодветна процена. АДХД не се воочува кај деца под 6 години поради тоа што нивниот опсег на внимание е намален поради развојниот период, а нивното преминување од една на друга активност можеби придружена со досада се базира на љубопитноста на детето според возраста. Затоа во тој период детето се следи. Доколку се забележат отстапки кои и понатаму се појавуваат во образовниот процес или се засилуваат, треба да се побара помош од дефектолог, психијатар, педијатар.

Совети за родителите и стручните соработници:

  • Направете дневна рутина за детето;
  • Користете јасни и разбирливи инструкции, на пр., донеси ми ја зелената чашата од масата;
  • Поставете јасни граници;
  • Отстранете ги вознемирувачките елементи од опкружувањето;
  • Придржувајте се до планот и програмата на постепено зголемување на концентрацијата, како и способноста да се насочи кон задачата;
  • Комуницирајте со детето еден на еден;
  • Користете награда доследно и често во делот на слушање, концентрација и внимание;
  • Изработка на ИОП (индивидуален образовен план) доколку е неопходен кај детето, во делот на образовниот процес и секако соработка со родителите.

Автор: Теодора Томовска-Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-терапевт во едукација



912

X