Здравје

Аденомиозата предизвикува проблеми со зачнувањето: симптоми и лекување

Сè што треба да знаеш за аденомиозата, состојба во која ткивото на слузницата од матката се вградува во околниот мускулен слој, па затоа ја прави менструацијата многу болна и долготрајна. Кои се причините, симптомите и лекувањето на оваа состојба и како таа влијае врз плодноста?

Аденомиозата е состојба во која ендометриското ткиво, односно ткивото на слузницата која ја обложува матката однатре, се шири и се вградува во мазното мускулно ткиво околу матката. Со оглед на тоа дека ткивото се шири и здебелува, мускулите на матката веќе не можат правилно да се стискаат, а тоа резултира со обилни и болни менструални крвавења. Оваа состојба е релативно честа кај жените во репродуктивен период, а особено кај жените со дисменореја (болна менструација од непозната причина), обилни менструации (полименореја), оние што имале инвазивна операција на матката (вклучително и царски рез), како и кај жените што отежнато или никако не можат да забременат.

Аденомиозата е всушност варијанта на ендометриоза. Таа го погодува мускулот на матката, додека класичната ендометриоза се појавува каде било, но клинички најчесто на јајчникот, односно додека кај аденомиозата ткивото на ендометријата се вградува во околните мускули на матката, кај ендометриозата тоа ткиво најчесто се вградува во јајчниците, јајцеводот, вагината, уретрата и дебелото и слепото црево.

Што ја предизвикува аденомиозата?

Иако експертите сè уште не успеале да ја откријат вистинската причина за оваа состојба, имаат неколку теории. Според клиниката „Мајо“, експертите веруваат дека главна причина би можела да биде повреда на слузницата на матката, но и дека жените со зголемени нивоа на естроген во крвта се поподложни на ризикот. Гинекологот д-р Ерден Радончиќ исто така истакнува дека до денес не е позната точната причина ниту за аденомиозата ниту за еднометриозата. А повредата на слузницата, постапното ширење на ендометриоидното ткиво во мускулот или ретроградната менструација (враќање на крвта низ јајцеводот во стомачната шуплина и подоцнежна реимплантација на едометриозата), не го објаснуваат начинот на кој настанува болеста. „Затоа дел од експертите веруваат дека во одредени околности нарушувањето се развива со метаплазија, што полесно ја објаснува појавата на ендометриоза на неочекувани места, на пример, папокот, или лузната од епизиотомијата која се прави во текот на породувањето. Но, во секој случај, јасно е дека жените што создаваат високи нивоа на естроген имаат и поголем ризик од настанување на ендометриоза“, додава гинекологот.

Симптоми на аденомиоза

Важно е да се напомене дека една третина од жените воопшто немаат никакви симптоми или, пак, чувствуваат само блага непријатност слична на менструалната болка, но некои можни и најчести симптоми се: тешки или обилни менструации, силни грчеви или остра болка во карлицата во текот на менструацијата – дисменореја, менструални грчеви кои се влошуваат со годините, болка во текот на сексот, крвавење помеѓу менструации, крвни згрутчувања во менструалната крв.

Дијагноза и лекување

Аденомиозата се открива и дијагностицира на гинеколошки преглед, со ултразвук и ако со помош на ултразвук не може да се добие јасна и чиста слика на матката, се користи технологија на магнетна резонанција. Се лекува зависно од случајот, односно симптомите што ги има жената. Меѓутоа, многу лекари препишуваат лекови како ибупрофен или ќе препорачаат хормонска терапија, а некои од можните начини за лекување е и хормонската спирала, аблација на ендометриумот, односно хистеректомија, која е конечна, но најефективна метода за лекување на аденомиозата.

Од друга страна, постојат и природни начини кои може да помогнат, но треба да се нагласи дека пред таквите алтернативни лекувања треба да се советувате со лекар. Меѓутоа, многу билки имаат антивоспалителни својства и може да ви помогнат кај аденомиозата, а најдобар пример е ѓумбирот – кој ги намалува воспалителните процеси во телото, а исто така дејствува и аналгетски, па може да ги намали болните грчеви во текот на менструацијата, како и куркумата која поседува антивоспалителни и антиоксидантски својства и може да помогне во намалувањето на траењето и обилноста на менструацијата, а во текот на менструацијата можете да испиете чаша млеко и малку куркума во прав.

Аденомиозата и неплодноста

Иако секоја жена е различна, многу истражувања откриле дека аденомиозата може негативно да влијае врз женската плодност, односно би можела да влијае врз контракциите на јајчниците и исфрлањето на јајце-клетките, што претставува проблем во овулацискиот период, а дури и ако дојде до оплодување на јајце-клетките, контракциите на матката може да се зголемат и така негативно да влијаат на вградување на зиготот во ѕидот на матката. Меѓутоа, и покрај аденомиозата, многу жени успеваат да останат бремени, а интересно е што во бременоста симптомите значително се намалуваат, што може да се објасни со менување на концентрацијата на хормони, особено естрогенот.

На крајот треба да се нагласи дека аденомиозата не е состојба која е опасна за живот и во повеќето случаи може да се контролира, така што нема да влијае врз квалитетот на животот. Она што е позитивно е дека аденомиозата обично исчезнува по менопаузата, а во краен случај, постои и траен начин на лекување, а тоа е отстранување на матката.

Автор: Ана Шефчек

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top