Родителите веднаш паничат кога детето ќе пријави стомачна болка затоа што тоа, во истиот момент, го поврзуваат со воспаление на слепото црево или со некое друго поопасно нарушување. Меѓутоа, болката во стомакот најчесто е безопасна, или е последица на вирусна или на бактериска инфекција

Детето одеднаш и силно ќе го здоболи стомакот во текот на ноќта, за време на празник, многу често кога нема педијатар во близина. Родителите веднаш креваат паника, брзо се подготвуваат и трчаат на дежурен лекар. Тешко дека постои семејство што не поминало низ ова сценарио. Сепак, не е секогаш толку драматично, па затоа ќе го расветлиме овој навистина чест проблем.

Кои се најчестите причини за болка во стомакот?

Иако повеќето родители мислат дека е воспаление на слепото црево, тоа не е најчестата причина за болка во стомакот кај децата. Кога би ги наброиле сите причини што можат да доведат до болки во стомакот кај децата, тоа би бил еден голем и непрегледен список. Затоа ќе се задржиме на најчестите, а воедно и најважните.

Безопасни болки

Овие болки, за среќа, се најчести кај децата. Станува збор за болки кои вообичаено се јавуваат во „напади“ што се прилично силни, личат на удари, а детето главно не е во состојба да го локализира местото во стомакот каде што чувствува најголема болка. Сето тоа не трае повеќе од неколку минути, а кога болките ќе поминат, состојбата на детето нагло се подобрува како ништо да не се случило.
Обично оваа појава се повторува неколку пати, но не се јавуваат дополнителни проблеми, па детето брзо закрепнува и тоа без интервенција од лекар. Ова брзо исчезнување е карактеристика на безопасните (функционални) болки во стомакот. Точната причина на овој вид болки не е докрај разрешена, но постојат ситуации кога можеме да ги очекуваме:

Една од тие непријатности е актуелна токму овие денови. Вирусите, вклучувајќи го и вирусот на грип, сакаат да „удираат“ и на стомакот и на цревата, така што речиси секое дете има стомачни или цревни тегоби при вирусните инфекции. Стомакот (желудникот) е директна мета на вирусот, па настанува вирусно воспаление гастритис. Затоа детето го губи апетитот, понекогаш и повраќа, а често се жали на болки во горниот дел на стомакот. Покрај желудочната, и цревната слузокожа може да биде место за атакт на вирусите, иако актуелните вируси повеќе сакаат да се заплеткаат во лимфните јазли што се наоѓаат во стомакот. И во внатрешноста на стомакот, како и на вратот, се наоѓаат голем број лимфни жлезди. Кога вирусот ќе нападне некој лимфен јазол, настанува воспаление, а лимфните жлезди се зголемуваат. Голем лимфен јазол го притиска цревото, доведува до негово стеснување, па цревната содржина отежнато поминува низ тој стеснет сегмент. Цревото се „мачи“ да го „прочисти“ стеснетиот дел, па неговата работа се забрзува, цревото наизменично се собира (спазам) и се отпушта, а тоа создава голема болка. Кога цревната содржина ќе го помине тој дел, цревото се опушта и болката поминува. Ова зголемување на лимфните јазли во стомакот (стручно наречено мезентеријален лимфаденитис) е релативно чест придружник на многубројни инфекции во органите за дишење и не е привилегија на вирусот, туку се јавува заедно со бактериските инфекции. Затоа не е реткост детето да се жали на болки во стомакот кога, на пример, има стрептококна ангина.

Некои деца навистина имаат болки во стомакот, иако не постои вистинска органска причина за тоа. Кај постарите деца, особено во претпубертетската и пубертетската доба, болките во стомакот можат да бидат предизвикани од бурни промени во психолошкиот профил на детето. Конфликтите со околината децата често ги доживуваат низ различни „болки“. Главоболка, болка во градите, болка во стомакот најчесто се местата каде што се проектираат проблемите што детето ги доживува. Некогаш тоа е начин за да привлечат внимание, а интелигентните деца брзо учат да манипулираат со чувствата на родителите кои се загрижени за „страшните“ болки во стомакот. И овие болки спаѓаат во т.н. функционални (значи безопасни) и поминуваат кога ќе се разреши психичкиот проблем што го измачува детето. Се разбира, педијатарот треба да исклучи некоја од болестите што можат да бидат причинители за болките, а дури потоа да посоветува посета на детски психолог.

Постојат болки во стомакот и кај децата што немаат никакви знаци на некаква болест, а ни психолошки проблеми. И тие се безопасни, а се јавуваат периодично, со подолги интервали без никакви тегоби. Кога ќе се случат, многу се силни, но за среќа брзо поминуваат. Вообичаено, по одредено време исчезнуваат, па не треба да им се придава големо значење. Важно е во тие моменти да се охрабри детето, да му се објасни дека природата на болките е безопасна, па така полесно ќе ја преброди непријатноста.

Болки во стомакот придружени со дијареја

Речиси секогаш кога детето има дијареја, има и болки во стомакот. Причината е очигледна бидејќи дијарејата настанала поради проблеми во цревата кои се манифестираат со пребрза цревна работа. Засилената перисталтика истовремено е и многу болна затоа што во ѕидовите на цревата се наоѓаат нервни завршетоци кои се задолжени за пренос на болното чувство. И овие болки се безопасни бидејќи нивната причина е очигледна, па кога дијарејата ќе помине, исчезнуваат и болките во стомакот. Педијатрите сакаат кога детето што има болки во стомакот ќе добие дијареја зашто на тој начин најчесто исчезнува стравот дека станува збор за некое посериозно заболување. Како и секое правило, така и ова има исклучоци, но повеќето посериозни заболувања на стомакот сепак не се проследени со дијареја.

Болки во стомакот што „бараат“ преглед од хирург

Стомакот е најчестото место во детскиот организам каде што „оперира“ хирургот. Тешко дека ќе најдете некој во семејството, меѓу соседите и пријателите, што не оперирал слепо црево. Оваа негативна популарност на воспалението на слепото црево е причина за стравот од хируршко заболување кое може да биде причина за болката во стомакот.

Други болести за кои е потребна хируршка интервенција

И други, многубројни болести за кои е потребна хируршка интервенција можат да бидат причина за силните болки во стомакот. Сепак, речиси за сè е карактеристично тоа што болката се зголемува, а општата состојба на детето се влошува.
Стомакот нема прозорец, па низ него да може да се види што се случува внатре, па затоа е важно да го следите детето и навремено да се консултирате со лекар. Некогаш е неопходно да се прегледа детето повеќе пати во текот на еден-два дена, а често се прават и рутински лабораториски анализи (крвна слика и преглед на урината) кои помагаат во поставувањето на дијагнозата.
Повеќето деца со болки во стомакот не завршуваат кај хирург, но потребно е да се биде трпелив и внимателен во следењето на болниот, се разбира, со стручна помош од лекар. Дури и кога се чини дека сè е во ред, а родителите стравуваат за детето, треба барем да поразговараат со педијатар кој ќе ги смири и ќе процени дали е неопходен преглед.
Вирусите, вклучително и вирусот на грип, се проследени со стомачни и цревни тегоби во текот на вирусната инфекција и ги има речиси секое второ дете.
Воспалението на слепото црево обично почнува со покачена телесна температура, мачнина и повраќање, како и болки во пределот на папокот. Детето е раздразливо, а стомакот полека станува сè потврд.

Апендицитис – воспаление на слепото црево

Тоа е една од најчестите посериозни болести што предизвикуваат болки во стомакот кај децата. Иако ова име – слепо црево – прилично се одомаќинило, тоа е анатомски погрешно. Имено, слепото црево е еден крај од дебелото црево кое завршува „слепо“. На него се наоѓа апендикс – црвесто цревно ткиво кое нема друга функција освен да предизвикува проблеми. Овој дел е бескорисен во функционална смисла, но таму се наоѓаат ткива кои се подложни на воспаление.
Болеста вообичаено почнува со покачена телесна температура, мачнина и повраќање. Поголемите деца прво пријавуваат дека ги боли стомакот во пределот на папокот. Болката потоа се преместува во долниот десен дел на стомакот и најчесто се засилува. Карактеристично е тоа што детето за еден-два дена клапнува. Наизменично е раздразливо и нерасположено, не сака да јаде, одвај пие, а стомакот полека станува сè потврд. Ако се обидеме да го допреме, детето чувствува силна болка и се брани. Најголем број деца со апендицитис немаат дијареја, туку запек. Не е реткост на почетокот изметот да има вообичаена конзистенција.
Овие тегоби се карактеристики на типично воспаление на слепото црево. Треба да имате предвид дека одреден број деца имаат нетипичен облик на болеста, кога слепото црево не се наоѓа на вообичаеното место. Тогаш и тегобите се разликуваат од типичните. Колку е помало детето, толку е потешко да се постави дијагноза бидејќи симптомите се помалку карактеристични.

Автор: Горан Вукомановиќ, педијатар

 



912

X